март
х:хасановиќ аднан
г:години:28
п:професија/интереси:преведувач/книжевност,
фотографија, музика, филм, стрип
д:досега
објавено:
ништо
н:нешто
за себе:премалку се трудам
с:сакам
да додадам/прашам:иницијатива поздрав - Здраво!
Здраво! Здраво!
e-mail:
hasadn@googlemail.com
и:изворите
Тоа беше одаја, чинам,
што ни најмалку не се разликуваше од други одаи на неа слични.
И тука гордо владееја сите нијанси на црвената. И тука нејзината суверена
власт ја предизвикуваше синилото на крвните капилари и
проѕирно-жолтеникавата самолеплива лента. Па сепак целата слика оддаваше
впечаток на складно склопен мозаик од неправилни парчиња црвенило
проткаено со тенко синило и обрабено со жолто.
Одвнатре, тркалезните ѕидови на одајата до препукнување ги беа притиснале
алово-црвени сандаци, од едната страна преполни со убаво здиплени и
наредени денови што минале, а од другата страна со исти такви сандаци но
со расфрлани денови што допрва ќе минат. Помеѓу нив толку простор колку
одвај да помине еден младич со среден раст.
Она што ја нарушуваше тишината беше рамномерно биење...туп...туп...туп...
Тогаш, еден ден, одненадеж...чук....чук...
тивко...чук...чук...
и пак ...чук...чук...
нерамномерно...чук...чук - чук...
повторно...
и повторно...
и повторно...
Сосема доволно да внесе немир во долго ненарушениот мир.
По подолго тропање, од едниот крај на празниот простор се оддели некаква
сенка, некаков призрак и се упати кон спротивниот крај. И дури тогаш, на
овој крај можев да забележам врата.
А призракот, само стравот на истоштеното, бледо лице, аветно од црвените
зраци и одблесоци, го оддаваше за човечко суштество.
По првите тивки знаци на нечие присуство зад вратата, призракот сосем се
избезуми. Во неговата глава тропањето одекна како татнеж на камбана во
чија внатрешност се нашол точно напладне.
Од мигот кога првите звуци го сепнаа до мигот кога се реши за чекор кон
вратата, срцето сè побргу и побргу му биеше и целата одаја се протресуваше
во ритамот на срцебиежот, а лентата се закануваше со предавство. Нечујно
се доближи до вратата и ѕирна низ нејзиниот отвор, но она што го виде
воопшто не го успокои, туку напротив, го вознемири уште повеќе.
Првин забележа една црна точка и околу неа бадем-кафеаво крукче, кои
пливаа во нешто што требаше да биде бело, а сепак беше најсветло
светлосино што човек некогаш имал можност да го види. Долгите црни трепки
и даваа сенка, а со тоа и доза на меланхолија на целава слика.
- Да го отвореше срцето можеби ќе видеше дел од сево,- се јави
гласот на мудрецот- но сè што момчакот виде беше еден обичен натрапник,
кој сакаше да влезе и седне на престолот на кој, во неговите очи, веќе
седеше некој друг и за кого тој љубоморно го чуваше. - продолжи
мудрецот со истиот оној рамномерен глас со кој и се огласи првиот пат,
глас на мудрец кој како да говори за движењето на Земјата, Сонцето… –
Не помогна ни езерцето во кое најсветлото светлосино пливаше.
Така тој не го виде блесокот во бадем очите.
Не ги виде далгите на кои нејзината црвеникава коса ќе го понесеше кон
езерската шир.
Не ги виде ушињата што ќе ги пречекаа неговите бескрајни љубовзбори па
дури и да беа најобични лаги.
Не го виде ни устето само за шепот мил стокмено.
Не ги виде ни дланките што ветуваа топлина за неговите промрзнати образи.
Долгите прсти што само коса бараа за во неа да се нурнат.
Не виде како од крајот на најсветлото светлосино се оддели една капка и
тргна по својот вековен пат удолу.
Зад вратата се оддели една иста таква капка и тргна по истиот пат.
Изворите сведочеа на уште едно такво одделување, а потоа срдечно ги
раширија рацете и нежно ги прифатија трите капки за да ги понесат кон
нивното илјадагодишно престојувалиште.
Ништо не виде.
А потоа сè потона во тишина и молкот беше сè што можеше да се чуе.