март
ѓ:ѓоргиевска елена
г:години:20
п:професија:студент
н:нешто
за себе:студирам на отсек кој се спротивставува на
уметничкото пишување и се трудам да докажам дека еден човек
може да ги прави и двете работи. Повремено се обидувам да урнам некои
предрасуди преку графички продукти. Ретко зборувам и не сакам луѓе што
зборуваат многу. Се изразувам на многу начини (непримитивни) кои не
вклучуваат говор.
e-mail:
elenagorg@yahoo.com
с:средба
Две години подоцна тој
повторно е пред мојата врата и ме гледа како ништо да не е променето. Го
поканувам да влезе, а тој седнува на креветот. Истиот кревет на кој пред
две години ја исцицувавме удобноста на нашата интимност. Гледа во
чаршафите како да ги бара под белината неговите траги, но не знае дека тие
не се таму, дека ги кријам под кожата. "Ништо не е променето", ми вели, а
јас молчам и си мислам дека целиот свет е променет, дека сме други луѓе и
дека времето кое поминало никогаш нема да го вратиме назад. Се прашувам
дали сé уште ме познава. Тогаш би знаел дека тишината кажува сé. Тогаш би
ги открил моите обиди да го наведам подалеку од вистината.
Доцна дознав дека носам несоодветно лице. Толку чисто и невино што е
невозможно да натера некој да помисли дека можеби и не сум совршена. А
мојата душа е валкана и не може да и оддолее на измамата. Тоа лице ме
поддржуваше во манипулацијата со мажите кои по него поминале низ мојот
кревет. Сега ми помагаше да го убедам дека неговото присуство нема да
промени ништо.
Вистина е дека ме искушува мислата да му се доближам и да го втурнам во
виорот на моите подигрувања, но се плашам да не се изгорам и себеси.
Мислам како да му ја симнам маската, а да ја задржам својата? Создавам
свет на мачка и глушец. Бркање на она што ќе смрзне меѓу рамките на
погледот, а потоа ќе го нагриза заспаниот копнеж. Не ми е повеќе важно
дали ќе го повредам. Сакам да знам дали е ист како другите и дали ќе
успеам да го уловам во мојата стапица. Сакам да верувам дека ми е
непријател и дека далечината меѓу нас е непоместлива и мора таква да
остане. Избегнувам да ме допре. Тој зборува, а јас концентрирано планирам
како да останам спокојна. Приметува дека не го слушам, но не е ни важно. И
онака секогаш ми велел дека сум чудна. Ми велел дека сум ладна, ме
нарекувал кучка, а најмногу ме нарекувал прекрасна. За среќа, никогаш не
му поверував. А зашто би му верувала? Покрај сé, тој е единствен кој за
момент успеал да ги соблече сите лаги од мене и така разголена да ме
скроти во неговиот кревет.
Денес пред него не живеам, само го глумам животот. Не разликувам грев од
убавина. Сé се сведува на каење. За секоја убавина чувствувам вина. Затоа
секогаш цвеќињата ги мирисам преку гас-маска, пеперутките ги допирам преку
ракавици, во небото гледам преку затемнети очила. Колку треба да се
пресече нишката што глуми граница и таа црвена, жива страст да се претвори
во насилство? Сепак, во суштина сум животно, па можеби контролата врз
нагоните не ми е природна.
Се прашувам колку е потребно да се уништи еден живот кој трае колку една
штотуку запалена цигара. Љубопитноста ме тера да проверам. Има некаква
жештина во воздухот што е затворен со нас во собата. Затруен е. Тежок. Ми
навестува долго патување. Уште одамна ми ставиле во рака билет за во еден
правец. Од раѓање. Само сега за првпат го забележувам. И сфаќам дека ме
очекуваат нови времиња. Светови во кои морам сама да одам зашто никој не
бил таму за да ме води. Можеби ќе најдам некакви одговори, можеби не. Не
постои сигурна равенка. Во секој случај, заминувам без гаранција. Ќе биде
лоша есента што доаѓа.
Го погледнувам човекот кој пред две години ми велеше дека сум му сé. Тој
седи спроти мене, а јас сонувам, во време кога моите туберкулозни соништа
безнадежно се мачат да дишат. А тие ми се цел свет. Соништа што беа како
чоколадо: слатки и совршени. Не е вкусот тоа што задоволува, туку идејата,
фактот дека ги имаш, дека ти се на врвот на јазикот. И сугестијата за
супстанцата што се ослободува и те тера да веруваш дека емоцијата може да
се напипа.
Го испраќам до вратата. Ми вели дека му е мило што ме видел, но дека мора
да оди, а јас си мислам дека човек не мора ништо да прави ако не сака. Се
наведнува и ме прегрнува силно на прагот. Дури сега приметувам колку бил
повисок од мене. Носот му е во мојата коса, а неговата брада ми го боцка
вратот. Тивко му го вдишувам мирисот и се чудам како е можно неколку атоми
мирис да носат толку сеќавања. Иако ме натера да се сомневам во тоа колку
работите се смениле, едно е сигурно: неговиот мирис е непроменет. Ја
затворам вратата, го свртувам клучот како да ќе успеам да го оставам
засекогаш од другата страна и се враќам во собата. Мирисот го понесувам со
себе. Помислувам неколку секунди: да го затворам во кутија како реликвија
или да го пуштам низ прозорецот да се измеша со ѓубрето од улиците.
Наместо тоа, тоа попладне водам љубов со неговиот мирис. И некако сé ме
наведува да мислам дека тоа е животот. Горчината. На јазикот и во срцето.
А јас тотално и искрено í се предавам. Не се противам, се препуштам...
в:времето и јас
Точно е 3:46 часот. Токму она
време кога не може со сигурност да се каже дали сé уште е ноќ или утро. Сé
уште не спијам. Ги планирам насоките во кои треба да продолжам за да го
остварам комплетното уништување на сопствениот живот. Ме викаат Елена. Во
слободно време донесувам одлуки кои се спротивни на моите интереси.
Повторно без успех завршија моите обиди да го сопрам времето. Не знам
зошто толку заинатено продолжува да тече. Се обидов да го убедам да земе
одмор, но тоа од секогаш било workoholic. Само ме погледнува понижувачки,
зашто знае дека ја има моќта да ме менува. За жал, веќе не уживам во
самотијата како некогаш. Не знам зошто ми треба голо тело во креветот за
да најдам исполнетост. И љубовта ја менува својата суштина.
На смрт помислувам во една минута почесто отколку што вдишувам воздух.
Толку многу пати ја викав на кафе што сфаив дека ќе дојде во време кога
најмалку ќе сакам. Кога би било поинаку, не би можела да го доживеам
своето дишење како непотребен трошок.
Часовникот покажува 3:51. Пишувам во еден здив. На смртта помислив 213
пати. Не сум ниту една секунда попаметна, а веќе четири и пол минути
постара. Времето постои отсекогаш. Јас постојам дваесет години, шест
месеци и осум дена. И до денес истото тоа време го истрошив толку
бескорисно и бесцелно што неизбежно ме тера да се сомневам дали тоа
навистина е помоќно од мене. Јас и времето. Не можеме да не си пркосиме.
Тоа ми го кине животот, јас му ја кинам смислата. Како да не ми значи
ништо. Јас му се смеам в лице, а тоа ми удира шлаканица. И одиме така до
бескрај.
Бескрајот... Каде времето не постои. Можеби само теоретски. А овде е уште
еден септември...