март
е:евтимова драгана
с:студент
на Филолошки Факултет
г:говорот на црното
Слово 1
Систематски ме набљудуваш, со превезот на нашата одамна... загубена
комуникациска реченица. Насекаде те гледам... како интонираш. Не прашувај
ме зошто не припаѓам во твојот свет.
Гледам како се задушуваш во многуте зборови, во глаголите, во именките...
и во сврзните меѓу зборовите... на сложената реченица. Немо ги сокриваш
придавките и двете прости реченици. Меланхолично и драматично сакаш да
блескаш... само во сопствената кожа!!!
Кои се твоите членови? Атрибут? Апозиција?... главно сакаш да ме
определиш, или да го искажеш... своето значење преку мене?
Прирок си ти, а твој подмет сум јас? Доаѓаш,... и молиш за малку да можеш
да ме измиеш од гревовите... и додека директно ме прилагодуваш кон себе,
индиректно отстапувам од тебе. Не сум прилошка определба за твоето место.
Ниту двовалентен глагол. Не дејствувам со предлог, ниту пак сум форма за
работа во двојки.
Всушност, инспирација не ти дава методот за анализа... на експлицитен
раскажувач.
Помислувам: имаш немирна душа... која те разорува.
Се прашувам: кои се твоите реченични членови?
Слово 2
Илустративно ми ја претстави точката на рашомон. Иако сакав да се
оддалечам,... останав да стојам со тело скаменето и поглед вперен во
неговите очи. Во нив имаше скриена растрепереност, која не покажуваше
возбуда... во ниту еден момент. Иако храброста го беше напуштила... Веќе
одамна.
Не отстапив. Кога внимателно ќе погледнам... колку повеќе се повлекувам,
толку повеќе се оддалечувам... од нештата до мене.
Слово 3
Немоќно моите зборови се движат по твоето грло... Не, ти не си суштество
со човечки особини. Не, ти немаш суптилни потези за рекреација на моите
мозочни клетки.
И... не знам зошто сеуште пишувам за твоите деструктивни особини,... на
мојот веќе вообичаен дескриптивен начин.
...Не, не ми значи... Твоето присуство на лицемерни идеи.
Само ја посакувам сопствената желба... што ја чувствувам... да се зафатам
со безброј работи, што ја содржат твојата амбициозна тровалентност.
Бунар 1
Убавината почнува со тебе. Не, ти не си грешка. Грешките се на човекот. И
зборовите лажливи се, исто така на човекот...
Ти ги сакаш речениците во книгите, дури и оние што се грди. И од нив
правиш убави букви со значење...
Воопшто не размислуваш за купот непотребни хартии пред твојата врата...
Додека го читаш Бодлер, шепотејќи,...
Секој си има своја амбиција...
Бунар 2
И си замина. Замина со стиховите од Бодлер, и со... своето молчење.
Занемено тргна без да ги погледнеш моите очи. Тие ќе го изговореа мојот
неизговорен збор. Тие ќе те вратеа назад, во моето срце...
Бунар 3
Затоа што... не можам никогаш да ти покажам што има во мене...
Никогаш не можам да ти откријам што има зад моите светли очи, полни со
иронија...
Сега, кога сакаш да видиш, те прашувам:
- Зошто треба со помошта на најгрубото да се постигне најсуптилното и...
најблаженото нешто на светот?
Надеж
Дијалог 1
Тој: Зар не се плашиш од јаркоста нивна, и најмил спомен дека ќе ти
згасат?
Таа: По војната градиме куќа...
Дијалог 2
Тој: Нам ни е дадено за ден да сакаме и пак на разделба тажни да бидеме,
и пак си велиме: не заборавај ме! - а може никогаш да не се видиме.
Таа: Оддалеку само свети ѕвезден зрак; оддалеку само занесно се сака. Не
да ми се ближи твојот поглед драг!
Дијалог 3
Тој: Како стара тајна да живеам почнав, за земјата скован на живот што
служи, кон далечини сиви да свртувам очи, дур венец од сништа в мојта
глава кружи. Како стара тајна да живеам почнав.
Таа: Спијачите си спијат, сонуваат само сонувачите.
Смрт 1
Да, напорно е кога сакам да си ти она што го посакувам.
Да, оригиналноста на твоите модерни концепции,... суштински ме тераат да
се чувствувам подобро, меѓу аголот на твоите извајани шеги и мојата мрачна
елоквентност...
Смрт 2
И, воопшто не е охрабрувачко, ако само по себе се разбира дека
композицијата на она што е занимливо,... сенките и полутоновите на оваа
црна основа,... на таа неутрална и безбојна ткаенина... е претставена
осамата на еден макотрпен и мачен простор. Тоа е затвор. Не како што ти го
правиш тоа. Тоа нема да ја попречи мојата дисконтинуирана навика на
ангажирани идеи.
Смрт 3
...Додека студенилото на мојата покривка е онаа нијанса од колоритни бои,
чија што излитена топлина исчезнува со доаѓањето на зимата. Притоа,...
белината на просторот го велича сјајот на мојот сон.
Епилог
Ако нешто во мојата душа ми вели: „Ти не си тоа што си“, токму тогаш го
правам она што ме тера да пишувам. И тогаш, тој глас ќе замолкне. И тогаш,
губам делче од она што е во мене. Делче од она што е најлошо во мојата
замисла. Но, тоа не ми дава одговор на прашањето: Дали и самата
драматичност може да даде барем приближна идеја на впечатокот за
уметничката литература во мене?
P.S. Само барам од тебе да не работиш против најдобрите мисли што ги
носиш во себе!!!