март
д:димитриева марина
г:години:27
п:професија:новинар
н:нешто за
себе:сакам да читам и да пишувам
ж:желба
С. се беше нашла во една таква мешаница од луѓе кои зјапаат во тебе без
потреба исто како кога ќе се качиш во градски автобус, а по тебе никој
нема да влезе, што нејзината физичка малост и ситничност, што би река
тетка ù, доаѓаше до полн израз.
С стоеше и чекаше. Во нејзиното општество главно сè се сведуваше на
чекање, па ова за неа баш и не беше некое, да се каже така просто, нешто
ново или не дај боже тешко и ненормално чекање. Чекањето едноставно беше
обично. Ходникот во кој чекаше беше тесен како нов чорап од добар
материјал и добро што надвор беше минус три јануарски степени па, во него
мирисаше само на различните здивови на луѓето, но не и на нивните други
видови телесни мириси, за среќа, покриени со капути и монтки. С. не беше
молчалива или пак некоја многу зборлива, па така и сега кога би имала со
кого, таа би поразговарала во оваа мешаница, ако не за друго тогаш за она
за што беше овде испратена. Сметаше дека сигурно овие немтурести мажи и
жени имаат слични проблеми, ама сигурно од што им е мака не сакаат да
зборуваат. Се загледа во една точка. Повторно си го постави прашањето дали
веќе наголемо е влезена во одајата на хипохондријата или само така ù се
чини. Сега еве прим.проф.д-р и поранешен магистер, а иден почесен проф. и
член на... ќе ја види нејзината претпоставена дијагноза од матичниот, ќе
ја спореди со резултатите ќе ù направи анамнеза и потоа среќна ќе си
оди...
Во сиот тој сиво нетрпелив свет одеднаш се појави една фигура чија глава
С. не можеше едноставно да ја запомни или препознае и покрај тоа што
втренчено гледаше во неа. Веднаш под таа глава, за која беше сигурна само
дека е женска, почнуваше една кафена се до под колениците долга ткаенина
поради која сигурно во некоја животински пријателска организација за една
минута би кренале бунт. Бундата стоеше на неколку чекори и С. сфати дека
не само што гледа, туку се џари во неа. А таа, бундата, сè повеќе почна да
се врти небаре бара некого, а просто беше неверојатно таа да бара некого
тука, во овој свет на ефтини шамии, лесни капути и криви носови. Стоеше
така бундата, не само долга туку и елегантно набрана и нарцисоидно се
чудеше што го нема тој и тој од некаде да се довлечка и да и ги спаси овие
долги секунди барање. С. на свое големо чудење, но сепак не можеше против
тоа, се доближи тивко и така на грбот на бундата ја допре својата малечка
и сува рачичка. О, колку беше нежно ова живо-мртво суштество. Влакната беа
долги, неповредени, нови, сјајни, убави. С. не можеше да не ја движи
раката горе-долу по грбот на бундата и тогаш сфати дека секогаш кога се
прашувала што сака да биде не можела на тоа искрено да си одговори затоа
што не го беше искусила ова, сега знаеше - сака да биде бунда. Додуша не
беше некој експерт за да распознае од кој вид е ова сјајно влакно за да се
дефинира и себеси до крај, но главно беше дека беше вистинска красотија.
С. не мислеше ништо се додека го правеше ова бавно движење по најубавиот
грб кој досега го видела. Одеднаш во џебот на бундата нешто заѕвони и таа
за миг се најде надвор од овој чорап-ходник. С. не беше разочарана, знаеше
дека таа ќе си оди кога-тогаш и дека убавите работи, барем за неа кратко
траат.
Одеднаш се сврте и виде дека сите мирно гледаат пред себе. Сакаше да го
викне прашањето: „Ама ја видовте ли?“ Наместо тоа и шепна на една до неа
што повеќе личеше на грисинка отколку на жена: „Беше многу мека оваа
бунда“ Грисинката се сврте и со необично големите очи и рече: „Овде
доаѓаме да ни ги прегледаат нозете, ама ти изгледа го губиш умот, каква
бунда, веќе 20 минути никој не поминал?!“
Сега сум уште и луда си помисли С. и влезе кај прим. проф д-р...