март
д:денковски драган
г:години: 23
с:слоган: досада,
депресија, летаргија, апатија, резигнација
с:самотија
Неговата појава во задушливата соба ја одразуваше целосната валканост на
потрагата. Жарот во петите ги отчукуваше илјадниците чекори изодени по
патот чијашто сувост целосно беше содржана во неговите очи. Истите очи кои
од влегувањето ја посматраа фигурата до ѕидот.
Беше неподвижна, во светкава инвалидска количка, со отсутно лице и
загадочен грч во двете дланки. Нејзините очи ја гледаа истата точка на
хоризонтот која тој ја искористи да го пронајде местото каде требаше да
почне завршетокот.
Минутите одминаа механички со двозвучното тркалање по нерамниот пат.
Застанаа на работ на амбисот.
Тој мислеше дека ќе и’ укаже на неговата осаменост, ако и‘ го покаже
пространството на кањонот. А сепак, нејзиниот поглед зрачеше со стаклено
задоволство, без никакво опипливо чувство.
Се’ му се собра одеднаш – сета бол, сета тишина со која му беше
возвратено, сета застојаност на неговиот дух, сето она со кое се обидуваше
да ја придвижи нејзе, да ја приближи кон подобро...
Реши да ја турне во длабочината. Тресокот на телото ја олабави
згрченоста. Нејзината мртва опуштеност му ја прикажа среќата која тој не
можеше да ја види претходно. Но, не му беше жал. Беше убеден дека е во
право. Никогаш немаше почувствувано потреба да расудува за самиот себе.
Одеднаш околината живна. Здив на живот ги развеа пердувестите семки од
глуварчињата околу него.
Заслепен, тој падна на колена. Сите вистински причини за живеење се
уплашија и побегнаа од него во тој миг.
Оттогаш беше осуден да тлее навистина сам, додека студенилото натрупано
внатре започнуваше да напукнува преку насолзените очи, кои не можеа да се
склопат ниту еднаш во сите преостанати попладниња на тапите денови. Дури
ни во оние ноќи кои беа совршена постела за бескрајноста на внатрешната
тага.
Оставен така, за никогаш да не ги разбере недостижноста на сонот и
молчаливоста на вистината.