март
ц:цветковиќ ирена
о:облици на осамата
1.
Круг О
Во ресторанот на аголот од улицата седевме ние петмина. Беше пријатна ноќ
и уживавме во убавото вино. Лени зборуваше долго, а мене некаква тегобна
магла ми се втиснуваше во ушите. Без многу заобиколувања Лени ми ги даваше
основните упатства околу патувањето. Утре заминувам. Повеќе не можев да го
слушам, иако со последните сили се трудев. Мели седеше до него и црташе
кругови со вилушката по чинијата. Беше тоа најчудното кружно движење кое
досега го имав видено. На моменти успоруваше, само колку да ме залаже, а
потоа молскавично брзо ја триеше вилушката по работ од чинијата,
преметнувајќи го погледот од еден до друг. Бев свесна дека стравот веќе ми
се исцртал во очите.
Бевме петмина, седнати на тркалезната маса. Моите најсакани, мојот свет
кој требаше да го напуштам засекогаш.
2. Четириаголник □
Лени се уште зборуваше, а јас продолжив да ја играм играта на набљудување
на кружниците. Убави се- забележувам- и секако необични. Го свртев
погледот кон Лени. Убав е и секако необичен. Бесрамно почнав да го зјапам,
плашејќи се од една мисла. Мислата за новата четворка: Лени, Мели, Марио и
Луси, без мене. Не можев повеќе да ја поднесам грутката која ми се
создаваше во грлото. Очите ми се насолзија и за да ја скријам сопствената
слабост погледнав низ прозорот. Парчето видик беше празно и здодевно.
Веројатно имаше нешто поинтересно зад границите, но четирите агли од
прозорот ми го затвораа погледот. Се гледаше само дел од улицата и два
паркирани автомобили. Останатото што го гледав беше само здодевен бел ѕид
на кој висеше прозорот. Четирите агли не можат да се помрднат...никогаш.
Четирите упоришта во ѕидот со подадени раце дозволуваат само едно парче од
хоризонтот во кој нема место за петиот елемент. Ги замислував Лени и Мели
на горните агли, а Марио и Луси на долните два, затоа што токму така беа
распоредени на масата. Лени ја милуваше раката на Мели и и′ ја објаснуваше
убавината на Америка, а Луси и Марио се смееја за дебелите нозе на
конобарот.
3. Триаголник ▲
Лени продолжуваше да зборува и одвреме-навреме со јазикот поминуваше низ
горната усна. Држејќи ја за рака Мели во еден момент ми го фати погледот
кој повторно беше вперен во него. Се насмевна и со десната рака ми ја
прибра левата дланка свиткана во тупаница, опфаќајќи ја целосно со долгите
прсти. – Ќе ми недостасуваш, малечка- ми рече намигнивајќи ми. Мели ја
префрли десната дланка врз нашите две и со навалена глава ме погледна во
очи. И мене исто- ми рече Мели.
Ги затворив очите. Солзите удираа по очните капаци барајќи да ги отворам
за да го видат и тие светот надвор од мојата тажна внатрешност. Да го
видат овој триаголен свет ограден од нашите раце, создаден од крепоста на
чворот од испреплетени прсти. Ситни искри на возбуда ме пецкаа по телото.
Возбуда предизвикана од допирот на Лени. Се обидував да ја заборавам, да
ја исклучам, да не ја забележувам дланката на Мели која не' притискаше.
Сакав да му ги запомнам прстите вака природни и голи без венчалниот прстен
кој Мели требаше наскоро да го одбере. Го гледав Лени толку блиску како
никогаш до сега. Толку бел, нежен, стварен. Влегуваше во мене како никогаш
до сега. Толку силен, толку телесен, толку топол. Ме убиваа сопствените
страсти, а јас се повеќе тонев во омраза. Беше невозможно да се игнорира
дланката на Мели.
4. Права ׀
Ја истргнав сега веќе испотената дланка и го растурив триаголникот. Тој
не можеше да постои без солзи и омраза, а јас веќе немав сила. Го нагрнав
џемперот и извинувајќи им се на сите заминав од ресторанот. Влегов во
автомобилот решена да не ги отворам прозорите и покрај спарнината. Веќе
беше после полноќ и единствено јасно се гледаше осветлената, долга, права
улица. Едноличен пат кој беше мојот излез од светот на петмината. Излез од
кругот кој тежнееше кон агли.