т:темплум  


март

б:
бојковски милко


г:
години: 20
и:интереси: музика (blues, hard rock, metal), читање (Џек Керуак, Булгаков, Гинзберг, Влада Урошевиќ, Достоевски), фудбал (тренирам од 9 години)
д:досега објавено: ништо, ама млад сум и уште има време, така да не се знае. 
н:нешто за себе: роден сум во Куманово. Моментално студирам Општа и Компаративна Книжевност, на Филолошкиот Факултет во Скопје, втора година... Откако видов дека не се снаоѓам најдобро со парите, си реков ај' да се пробам со зборовите...


м:можеби поради неа

Џими беше тивок. Некако потиштен. Постојано беше загледан во затеменетиот дел од стаклото. Можеби и не беше толку затеменето но нему му се виде како најдлабоката темница да се отвора пред него. Помислив пак го имаа прифатено ”бубачките”. Необјасниво сивило му ги беше покрило очните капаци. Ко да немаше волја за понатаму. Јас седев напред и од ретровизорот можев да му го видам надвиснатиот сурат. Одговараше кратко.

Излеговме од градот. Ние четворицата на главниот автопат забрзани за до некоја вукојебина во Западна Македонија 180 км од Куманово. Бевме единствените на патот. Ниту еден друг автомобил. Ваквите испади се потешко се случуваа поради обврските кои ги имаше секој од нас. Но некако успевавме да излеземе на крај и да се собереме барем еднаш годишно. Преку годината ретко се гледавме. Тоа беа најчесто кратки средби. Штедевме со недели за храна, вода, вреќи за спиење по некој џоинт и да пари за бензин. Беше околу два кога ја запалив колата. Џими рече откако ќе се наспиеме. Ги натоваривме сите потребни и непотребни нешта и тргнавме. Автопатот беше мазен и широк. Старото купе грабаше се побрзо. Километрите останува зад нас, лицата остануваа зад нас, пред нас беше сонцето и денот кој искрено стануваше се понеподнослив. Тоа не беше некој свеж туку мрзлив знаете онаков безволен. Малубројни се луѓето со кои можеш да ги правиш овие работи другите не сакаат да патуваат, полни се со изговори не се дома и слично. Разговорот течеше во предвидената насока глупавите нешта кои ги правевме во средно, девојките, луѓето кои некогаш значеа нешто некакви баналности. Потоа стана необично тивко ко да се потрошија сите интереси што не поврзуваа. На момент изгледаше како секој од нас да патува одделно сам за себе. Постојат работи на кои човек не може или не сака да се сети. Попат застанавме покрај една стара бензинска. Ѕидовите беа ишкртани во некаков хаотичен ракопис. На горните места имаше нафаќано мов, поцрнетите тули добиваа облик на девојка што се обидува да ја крене својата глава. Џими излезе по цигари, алкохол и храна а јас бев задолжен за бензинот. Марко и Драган отидоа во тоалет. Старецот што точеше бензин изгледаше пропаднато, покрај возраста имаше во него што знам скриена опседнатост. Очите му беа длабоко вдлабнати во скоро невидливото лице. Едвај видливи ми станаа неговите зеници.

- Одите далеку? праша љубезно.
- По се изгледа недоволно далеку.
- За 1000 ако може?
- Како да не можело. Ми наточи, се поздрави, и ги зеде парите.

Се вратив назад. Џими беше сеуште внатре.
- Чудно некое типче а?
- Стар е. Можеби помалку сенилен.

Откако се врати и тој, поделивме по една и продолживме понатаму. Во внатрешната преграда на автомиболот(Марко не можеше да вози не му даваа неговите, два пати ја чукнуваше колата) имаше две касети. Немав баш и некој избор некои дебили што немаа врска од свирење на своите инструменти и Chris Rea. Одлуката беше очигледна. Во колата стана поопуштено. Гласот рапав а полн со чувства капеше насекаде додека неговата гитара го исцртуваше замислениот круг. Тој е сугестивен, сака да поучи но само оние кои имаат чувства, или за миг се почувствувале како него поинако не функционира за другите не е препорачлив. Малата футрола во купето послужи како мини- шанк цело време се сипуваа некакви пијалоци. Започна да врне. Ситен дожд. Удираше по предните стакла. Само чекав кога некој од нас четворицата ќе се отвори. На тој начин се одвиваат работите кога имате целосна доверба во некого од една страна и бел пијалак како поттикнувач од друга страна.
Чад од непробојни облаци се креваше на задните седишта. Џими почна прв.
- Ме пизда скроз.
- Кој бе?
- Ана човече кој друг би можел.
- Добро во што е проблемот.
- Непостојана е, а и уморен сум да докажувам очигледни работи.
Помалку го сфаќав иако одамна ги немав видено заедно. И двајцата имаа проблеми. Знаев дека можеше да се налути за без врска и потоа да му направи даун филм кој го држеше со денови. Но постоеа и такви што сакаа да ги искомплицираат работите. Го гледав одвреме- навреме преку стаклото како нервозно ја пуши цигарата и отпива од водката. Се држеше се поблиску до неа. Престана да ги прави работите што го исполнуваа можеби поради неа.

- Лево или десно?прашав. Пред нас имаше два знака за првпат стоеја тука?
- Марко каде еј?
- Мислам лево, лево беше. рече несигурно

Едно време зјапав во нив а потоа нерешително свртев десно. Нема логично објаснување за ваквата моја постапка. Ми изгледаше безсмислено секогаш да постапувам според очекуваното. Десното ми се стори попривлечно. Возев едно три километри се додека не стигнавме до некаква блокада на патот. Дрва, стари гуми, канти за отпадоци се испречија пред нас. Слеп сокак. Безизлезна ситуација. Не можевме понатаму мора назад.

- Ти реков лево, лево знаеш спротивно од десно.
- Знам извини.
- Не вреди и онака немаме доволно бензин но секогаш ќе се најде екстра капка за твоите бегства.
- Океј јас сум идиотот. Скршнавме малку признавам.
Road to hell одеше во тој миг. Нашиот не водеше до никаде. Беше прекриен со прав и камења. Ко да патувавме без цел, или целта ќе ја најдеме попат. Сеедно. Се вративме назад и свртевме лево, овој пат беше вистинскиот избор. Тоа беше тесно уличе кое поминуваше низ шумски грмушки што се испреплетуваа високо над нашите глави. Од нив не можеше да се види скоро ништо. Бандерите одлетуваа како издувани глуварчиња. Возевме околу петстотини метри и на крај излеговме на една зелена чистинка. Блиску до планираното. Езерото беше се поблиску. Денот беше пред својот крај. Ги немаше облаците тоа е добро, но никако не престануваше да врне. Го подотворив прозорецот мирисот беше свеж, пријатен можеше да се чуе пенливоста што доаѓаше во наш правец. Вдишувавме по малку од есенскиот воздух. Ваквото чувство ме возбудуваше не знам за другите но подобро е од секс. Стигнавме. Марко и Драган почнаа да ги вадат работите од багажникот а Џими отиде да го разгледа местото. Отидов по него. Гледаше во езерото по некое време рече;

- Ај се фрлиме!
- Абе ти мрднат си смрзнувачка е.
Беше почеток на октомври. Тој седна на еден камен, го остави часовникот кој му беше подарок од неа и се соблече. За миг ко од мајка роден, гол се фрли во езерото. Се соблеков и го направив истото. Се најдовме долу во водата. Дождот ја намалуваше нејзината температура којашто на почетокот е ниска додека подоцна задоволувачка. Водата беше мирна. На дното можеа да се видат големи карпи и секакви зеленила што се движеа во совршено одмерен ритам. Чудно е како опстојуваат другите нешта така совршено додека човекот барајќи ја таа совршеност всушност открива колку е несовршен. Посакав да можам да опстојувам како езерото. Џими рече дека ќе оди да се искачи до една голема карпа. Го забележав како го прави тоа. Пред да се фрли со насмев извика

- СЕ ГЛЕДАМЕ НА ДНОТООООО!!!
Сакаше да нурка веруваше дека таму се наоѓа еден друг свет многу подобар од овој овде.
Некое време не се појави на површината почнавме да го бараме. Но јас знаев сакаше да се скрие од сите. Да пронајде засолниште. Таму долу длабоко. Можеби поради неа.

Меурите стануваа се погусти. . . . . . .

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања





































































































































 

  д:дома