март
a:aрбреров
a.
п:подводен
воајеризам
Кој би можел да знае дека светлината се крие под подводните лилии
обраснати со пубичните влакна на сирените, кој би знаел дека тие лилии се
опседнати со убавина и со секс, дека опседнати со Венера, тие ја раѓаат
Венера, создавајќи ја со четката на соништата, создавајќи ја со пупење.
Тајната е во светлината под нивните корени поцврсти од фалус, а помеки од
нозете на месечарот кој привлечен од полната месечина чекори врз водата
неоплодувајќи ја со својот притисок и со своето постоење, чекори врз неа и
повторно поминува незабележан од нимфите кои мастурбираат на неговите
соништа.
Вагината чека на првиот допир. Таа е сеизмонастична, и при секој допир
нејзината уста се затвора, не дозволувајќи му на допирот да ја
почувствува. Затоа, таа секогаш ќе го има првиот допир. Но истовремено и
никогаш. Таа е девица на која секогаш и преостанува - повторно допирот.
Сирените пеат, намамувајќи го морнарот во смрт. Тој слегува по скалите
направени од вода со заклучени клепки, привлечен од допирот на гласот.
Неговиот фалус е во полна форма, тој очекува контакт. Тој очекува уште
еден допир. И го добива. Пенетрира во вагината на смртта, топла, а
истовремено студена како морница врз затегната кожа. Пенетрира, гледајќи
во својата подводна рефлексија, конечно препознавајќи ја смртта. Тој
почнува да мастурбира, тој изопачен некрофил, на кој смртта му го одзема
последниот оргазам, одвојувајќи ги неговите раце од неговиот фалус, и од
неговото тело. Тој умира со отворена вагина.
Каде е светлината,кој би можел да знае каде е светлината оваа ноќ погуста
од окото на мочуриштето. Сите врати се заклучени, но водата е несопирлива.
Таа влегува од под вратата, низ клучалката, и никој не може да ја запре.
Таа вода е фертилна. Таа вода ги оплодува соништата. Таа вода е загубената
светлина оваа ноќ. Таа вода има боја на око. Таа вода мириса на облак. Таа
вода мириса на сперма. Таа вода... Кој би можел да знае?!
Кој би можел да знае?! Спијачите ги заклучиле очите, единствено сонувачите
можат да видат се. Сонувачите спијат под корените на подводните лилии, и
опсервираат се што оваа ноќ осветлува. И се она што не може да биде
осветлено. Тие се воајери. Нивното око може да виде се. Па дури и мене.
Затоа моето око се повлекува и останатите приказни им ги оставам ним и на
нивните очи.
т:трите погреби на
совеста
Препуштен на раковите на совеста, јас врискам во вакумскиот аквариум, со
врзани раце и врзани очи и врзана перцепција и врзани рецептори, без
можност за дефинирање на телото кое го опипуваат моите прсти. Каменот ќе
попушти и ќе ги открие своите склоности кон пеперутки, каков перверт,
стравот се полни со крв како фалус, а мојата свест ме напушта, дождот
почнува да паѓа, а јас мислам дека свршувам, дека свршувам на пеперутки,
по ѓаволите, јас свршувам за првпат по толку долго време, а дрвјата
врискаат со врзани раце, а моите раце врискаат врзани за телото на дрвјата
кои ја силуваат шумата и нејзините бувови со своето прегласно дишење,
извинете, тука е забрането да се дише, забрането е да се испарува,
забрането е да се сеќава.
Сега низ главата минува крвавиот воз на сеќавањата пренесувајќи мртви,
лешеви отруени од цијанидот на болката, слон внесен во еден здив, модар
слон, слон од модринки, слон.
Главата вриска, откинувајќи се на подот кој трепери од подземните
експлозии на совеста. Совеста има жолта боја. Совеста ја има онаа боја
која ќе ја посака. Совеста е халуциногена печурка. Но сепак, совеста е
немоќна да го спречи телото да се подигне од креветот. Телото е диктат на
страста. Не можеш против него, колку и да го спречуваш возот. Се е одамна
напуштено, вагоните се празни, но возот продолжува да отчукува врз
слепоочницата на земјата влажна од неуморноста на полжавите. Не се
откажуваш од патувањето. Возот се поплавува, станува огромен подвижен
океан, сирените почнуваат да се населуваат, да те предизвикуваат со своето
вообразено постоење, а ти пливаш, голтајќи од нивната солена пот, од потта
на нивните вообразени хормони, се додека и самиот не станеш сирена,
вообразено постоечки, вообразен. Ги кинеш нивните перки и почнуваш да ги
прикачуваш на својата, посакувајќи ја формата на паун. Паунот нема да ја
отвори опашката колку и да чекаш. Ти ќе ги отвориш своите очи, изненаден
од брзината на светлината. Веќе си остарел, и сеуште чекаш. Чекаш на
паунот. На неговото вообразено постоење, вообразувајќи си дека часовникот
застанал само за тебе. Но тој застанал само за твојот живот. Ти си мртов и
сеуште очекуваш да се родиш.
Гласови во главата, испарување на јаболкото на совеста, веќе е време за
вечера, а ти трчаш по покривите на твојот мозок, твојот детски мозок кој
се тресе како желе поставено на масата како десерт, не се свртувај, прави
што сакаш, само не се свртувај, чудовиштето ќе ја открие својата андрогина
природа и ти ќе бидеш принуден да ја напуштиш спиралата, тој прекрасен
оклоп од црвја кои од ден на ден се повеќе ти ја разјадуваат кожата, во
ред, ете сега знаеш дека и онака требаше да умреш, само е прашање на
време, прашање на песок, девојката пее, испробувајќи ја својата
самоубиствена вештина, а ти ја слушаш и се восхитуваш на нејзиниот камшик
со кој удира по твоето соголено тело, по твојата соголена кожа и по твоите
црева, по твоите дробови и по твоето срце кое отчукува како песочен
часовник, уште неколку зрнца и ти ќе бидеш превртен.