в:велјановски доне
м:мојот
благослов
(на В. М. В.)
Ти се доближувам,
ми се доближуваш
Сè поблиска си
сè
понежна си
Бескрајот го гледам
Убавината од очите твои ја следам –
Блескаат ко зраци
пуштаат знаци
ко благост
ко
радост
во срцево те примам
Како виор од душава извираш
како лебед бел те сонувам
како зрачна ѕвезда на небово
– зрак –
знак од тебе примам
Ми даде виделина
За срцево – љубов бескрајна
Ја исполни душава
со
убавина
Не сум веќе сам
Со песна мој здив
ти
возвраќам
За светлост ти зборувам
За ѕвездите кои за тебе ги согорувам
Света е земјата по која коленичам
светол е воздухот
и
мирисот
по кој копнеам
Пресветол е патот
по
кој ти се доближувам.
з:златно
Како златна мисла
слета од златното небо,
како златен облак
посеа златни капки,
како златна птица
со златен глас
запеа златна песна,
златна песна од златно грло
за нас.
п:песна
Ја наслика насмевката
на срцево мое
Ја слушаш ли воздишката
што душава ти ја праќа?
Ти пееш
Ќе ме натпееш
Во мислата моја за тебе
дно нема.
В срце светилник носам
од далеку да ме видиш
блажен зрак да примиш
оковите тешки да ми ги скиниш.
До небесата ме креваш
Подај ми рака
да го изодам вишниот пат
тој бескрај недофат.
Разбудувај ја секогаш одново
в срцево птицата пејачка
да изустува слатка песничка
за мене и за тебе опојничка.
в:волшепство
Ек во душава
тајна во срцево
Мојата љубов за тебе
ко тврдина
Убавото си што го сонувам
во сонот што ме опојува
Господово пиле слаткопојно
што во градиве пее
Икона на душава
молитва што слуша
Сјајот си в зенициве што го имам
тајната за вечноста што ја насетувам
љубовта вечна што ја очекувам
п:пулсирање
Со срце на волшепство
од небото се симна,
така спокојна, мирна,
ко ангел бел милна
Од гранка на дрвото на мудроста долета,
во мислата ми слета,
гнездо во душава направи,
убавината ја размножи.
Видение си
мое спасение,
духовно се доближуваш
сјајна, со божји глас,
во мојот сон
ти – спас.
ј:ја оплоди
мојата убавина
Ја пречекорив зората,
прв поглед кон светлината,
убавината...
Желбата моја се исполни,
из'рти мојата виделина
Прво раѓање на ведрината
на бескрајноста
на убавината...
Во очи светлост ти видов
кога првпат ти пријдов –
Те подигнав во рацете!!!
Те чекав на земјава
со песна
ко птица в небо сино
срце се изнапеа милно
и да викне еднаш силно –
Господ ангел ми дарува
Ангел се роди!!!