т:темплум  

 

п:павлова слободанка





п:премини

Соновите, детството, премините и животот ми започнаа со еден необичен подарок. Повеќе непланирано отколку љубезно, третиот чир ми го даде подарокот некаде на почетокот на февруари, но морав да почекам се’ до крајот на октомври да го отворам. Од брзање или од недостаток на креативност третиот чир не го завитка подарокот, туку едноставно го остави на креветот во дневнатa, што всушност го поттикна преминот низ двата светa, кои толку беа различни еден од друг, што ако во едниот свет атрофираниот очен нерв предизвикува неповратно губење на видот, во другиот треба само пошироко да ги отвориш капаците на слепото око и тоа повторно ќе прогледа. Вториот свет беше само мој, скриен, измислен, безбеден, семоќен. Иако многумина се обидоа да ѕирнат во него, никој освен мене не можеше да го пречекори влезот. Влегував кога и да посакам. Преминот беше едноставен, требаше само да погледнам во една точка и да не го одделам погледот од неа толку долго колку што останував во светот. Тогаш можев да влезам во сликата закачена на ѕидот и да си играм со трите деца нацртани на неа. Имаше нешто чудно кај тие деца. Секогаш ги облекував во истата облека, носеа долги темноцрвени фустани на кои имаше некакви жолти тантели закачени близу до вратот и околу половината, на главата имаа бели капи кои се подврзуваа кај брадата, чевлите им беа направени од кожа, се гледаше дека се грубо изработени, како да беа направени од некој неискусен чевлар или почетник, беа црни со малку подигнат заден ѓон на кој секогаш имаше кал иако беше лето кога и да влезше во сликата. Кога и да им се приближев ми ги кажуваа имињата - Мери, Ана и Лили, една по една, почнувајќи од најстарата, како таа да имаше право се’ да прави и да добива прва, само затоа што прва се родила. Така беше и кога им ја назначив онаа здодевна игра за вечно нивна, секогаш истата, им ги врзував очите со темна марама и кружеа околу еден голем камен среде дворот, па оној кој прв ќе го допре каменот е победник. Мери никогаш не беше втора или трета, секогаш мамеше, не почнуваше да трча заедно со Ана и Лили, само ги испружуваше дебелите влакнести раце кон каменот и почнуваше да вика, јас сум прва, јас сум прва... Јасно и назначив на Ана никогаш да не се противи и веднаш да ја врати марамата на очите спремна за следниот круг, спремна да и’ пружи уште едно задоволство на Мери. Почнаа пак да трчаат и одеднаш и го струполив огромното тело на Мери врз Ана. Сега според правилата на играта кои Мери ги постави Ана беше победникот, таа прва го допре каменот. ,,Кажи и’ дека не може,’’ и’ викнав на Мери, дека се сопна. Кажи ја на мајка ти дека чува две мачки под скалите ако не признае дека ти си прва, речи и’ дека ќе и’ раскажуваш за духот на баба ти пред да заспие, а потоа тој ќе ја буди цела ноќ со гласни завивања. Мери, ти не си мојот лик кој прифаќа пораз. Ти си вечниот победник, тебе веќе и каменот те мрази зашто вечно му ги струполуваш дебелите испукани раце врз неговата мазна површина. Тебе и вечноста те прифати за близнак, барај реванш. ,,А, ти Ана да молчиш,’’ викнав, ,,Лили е бунтовникот, не ти, ти треба да молчиш, слушна!’’ Сега беше редот на крокодилската насмевка на Лили, од едното до другото уво, покажувајќи ги црните скоро изронети заби, погледнувајќи кон црните чевли кои и при следното мое влегување во сликата ќе ја сопнат Мери.
,,Доста се ѕвериш во таа слика Луиза, седнувај да учиш!’’ Гласот на мајка ми беше како зеленото светло на семафорот, прекин на застојот, прекин на замисленоста, враќање во реалноста, почеток на динамичноста, движење во несаканиот правец, враќање во реалниот свет. ,,Како можеше Мaре на време да го заврши факултетот, сигурно не со со ѕверење во сликава по цел ден, да не беше од татко ти нацртана ќе видиш каде ќе беше сега, па после ѕвери се во празен ѕид место да учиш, а како можеше Маре...’’ Маре, победникот во секоја игра, победникот на секој натрпревар на училиште, во секоја видео игра за двајца, побрзата во cпружање алишта, повештата во бришење прашина. Се прашував дали Маре беше вистински победник во се’, или можеби мајка ми и’ допушташе да биде прва зашто е постара, или... или ја сожалуваше што остана толку многу грда откако и врзав конец на скалите, а таа се струполи и ги искрши сите предни заби и носот. По операцијата носот и зарасна накриво. Правилната коска која Маре ја обожуваше пред секое огледало заличи на два триаголника споени со краевите, забите и’ ги направија двојно поголеми, сега и се гледаа низ тенката уста и дури и кога беше затворена, а устата и беше затворена само кога ќе викнев некого на кафе, а Маре ќе седнеше на креветот со нас без да изусти збор, префрлувајќи го погледот кон оној што зборува. Сето друго време ја држеше устата отворена додека на глас ги повторуваше лекциите или додека и го пренесуваше мојот разговор од кафето на мајка ми, покажувајќи го бесрамно најгрдото од целата грдотија, двата предни заба оддалечени 3 мм еден од друг, простор доволно голем да го покаже и искасапениот јазик.
Се збогува со убавината тогаш, а јас не престанав да се смеам дури ни додека таа вриштеше пред огледалото, молејќи ја мајка ми да и плати операција што ќе и ја врати убавината, како некогаш божем ја имала. Имав среќа што кога Маре се сопна од врзаниот конец, мајка ми веднаш ја однесе во болница заборавајќи ме мене дома, па имав време да го одврзам конецот од скалите. Не ми беше жал за Маре. ,,Kога сака во се’ да биде прва, и’ дозволив и прва да си го искриви носот,’’ помислив и почнав да се смеам...
Тука престанував да слушам и заминував кај Штраус, а гледав во мајка ми климајќи со главата од време на време, како да ја разбирам и се согласувам со се што ми зборува, како Домот на Штраус беше уште едно побезбедно и потивко место. Сега седнав до Штраус додека тој го компонираше својот An der schonen blauen Donau, бев негова муза, се’ додека ме гледаше нотите сами се испишуваа под неговите прсти, бев заслужна за сите негови дела, единствена, незаменлива инспирација. Таму не морав да слушам работи како ,,глупава ли си?!”, ,,глува ли си?!”, ,,па јаc не знам како само те примиле на факултет, не ве учат ли таму на култура?!”
,,А од каде па ти знаеш на што не учат’’, помислував, кога си била, што знаеш ти повеќе од твоето средно хемиско, што знаеш ти повеќе од Забранета љубов, кога си разбрала некој од моите раскази, кога си успеала да протолкуваш некоја од моите слики?! Од почит можеби, или од страв, мисливе никогаш не влегоа во реалниот свет, си останаа скриени и гневни во мојата фантазија, надуени, подготвени да излезат во било кое време, како дете нестрплво да излезе од утробата откако пукнал водењакот.
Одеднаш мојот свет се претвори во забранета зона, а мајка ми и Маре во чувари на границата. Пасошот за премин ми беше одземен по третиот семестар поминат на ликовната академија. Првите месеци од семестарот некако успевав да не и го покажам индексот на мајка ми, имав изговори дека ми го задржале на студентски прашања, дека ми треба да пријавам испити или дека некој од професорите ги задржал индексите за потпис. Мајка ми мораше да ми верува, не знаеше ни кога се заверува семестар, ни кога се собираат потписи, како што не знаеше кога преминувам во својот свет, знаеше само дека ако не ги положам испитите треба да почне да вика, да почне да ме споредува со Маре со вообичаените зборови- А како можеше Маре...
Не знам, не знам ни јас како можеше Маре да седи дома по цели денови, да излегува само кога требаше да оди на предавња, да биде толку многу присутна во куќата, да не можам еднаш да се симнам по скалите и да не ме види, да не можам еднаш да читам грчка митологија место теорија на графиките и да не ме поткаже. Се чудам и јас исто толку како мајка ми, како можеше Маре да не отиде на концертот на Placebo, што кај нас се случува еднаш и веќе никогаш, а место тоа да седи дома цела вечер, радосна што останала сама и може да си повторува Фонетика, како и тоа кај нас да се случува само еднаш и веќе никогаш, а не во секоја сесија. Не ли помисли дека никој пред крајот на животот не зажалил што не поминал повеќе време во канцеларија или во библиотека, никој не зажалил што не извежбал повеќе граматика. Многу погрешно си ги одреди приоритетите, пред многу огласни табли непотребно висеше чекајќи резултати, а резултатите секако ќе бидат истакнати. Понекогаш помисував дека ако професорот случајно заборавил каде е огласната табла, ќе ги закачеше резултатите онаму каде што чека Маре. Дури и јас како и мајка ми, се’ уште се чудам, како можеше Маре...
Еве ја пак, доаѓа да ме потсери дека треба да продолжам да цртам, јас не знам дека треба да цртам, нели. Треба го заменам портретот на збчканиот пластичен хирург со рамна вештачка коска за сестра ми. Ќе ја оперирал само ако му го завршам портретот за една недела, сакал да го закачи пред роденденската торта. Менувам грдотија за грдотија. Колку години полни не знам. Стар вампир. Конечно му ги нацртав милионите брчки околу левото око, сега ќе го почнам и десното, подзамижано и збрчкано, уште испуканиве капирлари ми фалеа под зеницата. И вечерва нема да спијам. Цртам со единица, пола од влакнат на четката ги пресеков за да можам да ги нацртам тие ситни капилари, секој од нив, како и секоја ситна брчка ми одзема по едно ситно делче од трпението, по едно ситно делче од видот и од вербата. Една недела. Стар вампир. Грдотија една, ќе цртам ја за тебе по цела ноќ, а ти учи си фонетика, немој случајно да пропуштиш ни едно ситно делче што ќе ти ја раситни десетката. Ќе си ги раситнам ја нервите за тебе. Цела ноќ ќе ги мешам боите за да ја добијам таа темно – зелена замаглена боја на неговите очи. Може и не е толку далеку денот кога вечно ќе ги затвори, само знам дека јас моите нема да ги затворам неделава. Секој ден поминува да види до каде му е сликата, да не ги порачувал за џабе ситните конци за крпење по оперативниот зафат ако не му е сликата при крај. Ќе тропне со бастунот на влезната врата, како да немаме ѕвонче, или му е страв да ја дигне раката и да заѕвони да не му се откачи од трупот во распаѓање. Смрдливо и бавно ќе се приближи до сликата и ќе почне самиот да си се воодушевува, како во огледало моме си ме погодила, ќе рече, ќе запали цигара и ќе почне да го испушта чадот накај сликата, да пробал и неговиот двојник од истите цигари како на маршалот. Јас не велам ништо, си молчам и си го замислувам како низ таа смрдлива уста не го испушта чадот од цигарите туку последниот здив и паѓа пред недовршениот портрет. Утре во истото време, ќе рече, како да не знам дека и без да ми каже ќе дојде. Со бавни, тешки чекори полека ќе се приближи до вратата, ќе ја отвори и ќе излезе заедно со сета смрдеа што ја шири додека оди или додка зборува.
Останувам сега јас со неговиот двојник, двојно опкружена со грдотија, го почнувам носот, а на вратата од мојата соба се појавува носот кој треба да го спасам од потсмев и да му ја исправам таа двојно-триаголна форма. Се правам дека не ја гледам сестра ми и ја одредувам положбата на ноздрите кои утре пак ќе наминат да намирисаат до каде е портретот. Како да имам повеќе време од старецот, а моето време веќе ме нема мене, сликата и носот ја абсорбираат целата моја енергија и време, ме заробија во ограничаната реалност која и не ми нуди некое едноставно решение за спас од двете грдотии. Ако го довршам портетот за три дена, хирургор ќе ја оперира Маре и толку, крај.
Барам премин, барам точка во ѕидот, во мојот свет ќе знам што да направам. Ја оставам четката, престанувам да слушам, не гледам веќе ништо. Го нема ни портретот пред мене, не сум веќе ни во истата соба, се станува возможно. Преминот е отворен, влегувам, а заедно со мене влегува и асистентот што ми го побара бројот на предавање, да не известел ако некогаш губиме час, да не идеме за џабе. Како да не го забележав дека цел час ми зјапаше во деколтето, со секое трепнување на очите ми ги спушташе фармерките се подоле и подоле, а со секoј чекор ја менуваше позата во креветот. Како да не знаев дека уште вечерта ќе ми прати порака да излеземе на кафе, само сега не се правам дека пораката е пратена на погрешен број. Стигнува кај мене со колата, јас можам и тука да ти сварам кафе, му велам. Влегува и наидува на поголемо задоволство од кафето – недовршен портрет. Јас влегувам во кујната, а тој ги зема четките и почнува да црта, како што почнува да црта и на предавања, ужива да се замеша во нечија слика и да ја доврши, а потоа да си ја закачи на сопствената изложба. Имал тој некаков свој препознатлив стил на цртање, така труби на интервјуа, има само дрскост да си ги присвојува сликите. А зошто не велиме ништо? Затоа што тој што рече уште наредниот ден беше избркан и обвинет дека ја пробил шифрата на компјутерскиот систем на факултетот, шифрата која ја знаеше само асистентот. Седнувам пред телевизорот и го оставам цела ноќ да црта. Ме заборави, помислувам. Погрешно. Портретот е готов, но асистентот има уште работа, почнува да трепка со очите и полека да се проближува кон креветот, исто како на предавањата. На само еден чекор од мене е, полека се наведнува и... Овој нема да ти го земам, и така имам премногу старци на сликите, ај сега стави кафе. Веќе се раздени, треба да бидам свеж на предавњата. Си заминува, а јас заспивам. Се будам и гледам дека портретот на старецот го нема. Пред да почнам да викам влегува сестра ми со завои на лицето. Цел ден спиеш, ми вели.
Се будам, излегувам од нереалноста, влегува сестра ми. Цел ден спиеш, почнува да вика, како ќе го нацрташ сега за два дена. Моме па сликава е иста како вчера, ништо не си нацртала... Дошол и смрдливиот додека спиев. Како сега ќе ја оперира сестра ти, ништо не си нацртала, знаев дека треба да ја симнам сликата од ѕидот додека црташ. Се јави и мајка ми од некаде. А сага носот! Сликата! Роденденот! Сестра ти! Сликата! Носот! Сестра ти! Сликата!
А јас! Барам премин, тргнетете се, барам премин! Една слободна точка. Мал дел од ѕидот ќе ме спаси. Смрдливиот излегува налутен и ја треска вратата. Мајка ми трча по него. Носот! Сега има место, можам да најдам точка во ѕидот, еве ја, празно е, се загледувам, погледот ми е вкочанет, дишам забрзано, очите ми се вперени на едно место. Не се помрднувам, фигурите од реалноста полека почнуваат да избледуваат. Носо... Прво гледав замаглено, сега веќе не ги гледам, ги нема. Го пречекорив влезот безбедно е, сигурно е. Тивко е. Сестра ми го вади завојот, коската е права, ама трудот на стариот е залуден. Нема убавина под тој завој, коската си е иста како порано, рамна, лицето станува исто како порано, повторно заменив грдотија за грдотија, сестра ми никогаш не ја изгуби убавината, не може да се изгуби нешто што го немаш. Портретот е во рацете на стариот. Сите брчки си се на место, коската си е на место, само убавина нема. Ме нема и мене, ме нема во нивното време, моето си тече полека и смирено, гледам во точката во ѕидот, не го оттргнувам погледот, така ќе се вратам кај нив, кај бледите фигури на реалноста кои се премногу гласни кога кажуваат дека ни за мене ни за сестра ми нема надеж. Не ги разбирам, не знаат како да преминат во мојот свет, многумина се обидуваат, ниту еден од нив не може да ја најде точката на ѕидот. Нема да преминам назад, останувам тука. Сама сум. Останувам тука. До крај.

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања

















































































































































































































































 

  д:дома