к:катерина мундишевска
б:будење
Во пурпур небото гори.
Сонцето со своите зраци го гасне
пожарот, па упорно се мие со
утринската роса. Ветерот тивко го
бранува воздухот, а пупките од
цвеќињата се отвораат и почнуваат
да ја пеат химната на утрото.
Цвеќињата го будат светот.
д:дрво
Не жали го дрвото со
пожолтени лисја и не плачи кога
лисјата почнуваат да паѓаат а
ветерот неуморно ги носи далеку.
Тоа само ја менува облеката.
л:лист
Трепери листот. Ветерот си
поигрува со него. Го разнишува и
полека го откинува. Небото
почнува да плаче, а сонцето силно
блеснува и го поканува
виножитото да му го разубави
патувањето кон рајот.
п:плачот на дрвото - душа
Уште една непреспиена ноќ. Револуција во мислите. Се поделиле во две групи
и водат војна меѓу себе. Од нив немам мир во душата. Таа трепери како дрво
на чии гранки останале неколку лисја, а ветрот се врти околу нив и ги
ниша. Полека, полека ги откинува, ги убива и ги фрла во снегот. Душата
станува ладна, па ни сонцето не може да го стопи мразот што се создал од
солзите што дрвото ги срона за своите лисја.
п:море
Осеката ме враќа во минатото. Нежно и тивко ги бранува спомените и
поигрува со чувствата. Одненадеж тишина – маината ме води во сегашноста.
Сонувам бродови, ѕвездени брегови. Струи ме влечат на сите страни. Рибите
не ми го покажуваат патот.
Плима надоаѓа.
с:сенки
Празна соба. Во средината гори само една свеќа. Восокот капи од сите
страни. Тишина...
Пламенот ù нуди светлина и топлина.
Една воздишка го разигрува пламенот и ги исполнува со надеж сенките по
ѕидовите.
ш:школка
Ужива во својата самотија. Некои поминуваат покрај неа со наведната глава.
Други пак се трудат да допрат до неа, ама залудно.
Се затворила како да ја чува најголемата тајна на светот.
Таа знае што носи во нејзината утроба!
Само најупорните и најиздржливите ќе го видат раѓањето на бисерот.
с:срцевина
Го замолив дрвото да ми ја покаже својата внатрешност. Возбудено затрепери
и за миг се отвори. Како добар домаќин посла нов ќилим исткаен од лисја.
Ме понуди со смола и мед, а потоа ми дозволи да ја задоволам љубопитноста.
Ја пронајдов срцевината!
в:во секое делче
Подолго време штурецот скока на сите страни. Сака и тој да се одмори.
Уморен незабележувајќи го веќе зараснатото стебленце застана и го скрши.
Глуварчето не пролеа ни една солза. Гордо се спушти кон земјата, издиша и
се распрсна насекаде.
Тоа продолжи да живее во секое мало разлетано делче.
о:остварување на сонот
Длабоко во трњата реши да го направи својот храм.
Вештиот плетач започна со остварувањето на својот сон. Без прекин успеа да
го заврши со појавувањето на првата ѕвезда.
Радосно ги покани светулките да го украсат.
р:реинкарнација
Гасеницата
го подготвува
својот саркофаг.
Кукла спремна
за нов живот.
Реинкарнација –
пеперутка се раѓа!
в:воскреснување
Ветрот плете облека од пожолтени лисја. Ги возвишува за последен пат, а
потоа ù ги враќа на земјата.
Таа ќе се погрижи за нивното пролетно воскреснување.
д:душата на езерото
Езерото ги раздвижи своите бранови да го заведат ветрот. Понесен од
спонтаноста тој ја прифати нивната игра.
Брановите ја постигнаа својата цел. Ветрот ја замрзна површината на
езерото.
Сега може да се одмори.
И оваа зима езерото успеа да ја спаси својата душа.