т:темплум  

 

к:каранфиловска лидија



в:возможности

На Фиона и треба време да се навикне на помислата дека во наредните неколку дена ќе има некој покрај себе во станот.
Понекогаш во ноќта кога темнината ќе ја обвие нејзината прекрасна фигура, има страв од неизвесноста на мракот. Тоа што е сама и го препишува на сопствената мрза и на таа некоја препуштеност на божјата рака бидејќи на друг начин не може да си го објасни и да го разбере. Има многу пријатели и често се гледа со нив. Но знае и да самува како волк. Другите кај неа го забележуваат тоа отуѓување, тоа молчење без рок на траење. Така таа покажува дека е таму, дека е присутна, дека постои. Ќе и дозволи на тишината да победи, ќе се повлече во својот свет, и никој не може да ја допре таму, на нејзината територија.
Фиона го чека Балтон на автобуската станица. Последователно погледнувајќи на часовникот заклучува дека дошла премногу рано. Но, времето надвор е прекрасно а опкружувањето повеќе од идеално за уживање. Длабоко вдишува и ги крева високо рамениците па потоа ги спушта нечујно и издишува, пуштајќи ги сончевите зраци да се впијат во секоја пора од нејзината кожа. Сонцето во таа рана пролет некако премногу смело и сигурно во себе-напаѓа.
Кога се слушнаа тоа претпалдне Балтон рече дека доаѓа со автобусот во 15 и 30. Рече дека сака да го фати денот и зајдисонцето. Фиона размислува за тоа колку малку го познава и колку долго не го има видено. Помалку се изнанади од својата рекација кога тој ја замоли да му најде сместување а таа веднаш го покани да остане кај неа. Балтон го запозна пред околу две години преку една своја пријателка и тогаш и беше представен како млад и надежен уметник. Во тие две години едвај да се видоа вкупно 3 пати но тие средби беа впечатливи и величествени во својата краткотрајност. Младиот Балтон навистина е многу млад. Многу помлад од нејзе. Кога Фиона го виде за прват се сеќава дека си помисли "Ме подсеќа на пролет, свеж е и мора да е вкусен, убав е како цвет." Фиона не се грижи многу за цвеќињата. Многу ретко ги забележува а кога и ќе ги забележи помислува дека се убави и толку. Ниту мисла повеќе за нив.
Балтон не е свесен за својата сопствена убавина а во се околу себе ја забележува убавината до најситни детали. Изгледа како да живее еден од своите животи во кои великодушно се му е простено и воопшто нештедливо се му е подарено.
Фиона задоволно се насмевнува присетувајќи се како пријатно беше изненадена од еден негов гест. Еднаш додека разговараа му имаше спомнато колку таа го обожава Лондон и дека иако никогаш не била таму, таа е воодушевена од тој град. И самата добро не се сеќава што точно разговараа но после еден месец Фиона доби убаво запакувано писмо кое содржеше мапа на Лондон со приказ на знаменитостите.
На задната страна од пликото пишуваше:
Балтон -Лондон -Фи...
Дојди, види, победи!
Знаеше дека Балтон е на студиски престој во Лондон но никогаш не би помислила дека тој ќе се сети на тој еден мал нивен разговор навидум обичен и безначаен.
Се сеќава колку беше среќна. Тој мал гест ја размечта и уште посилно посака да отиде таму па еден ден едноставно се спакува и летна кон кралството на верверичките(така и се допаѓа да го нарекува Лондон бидејќи парковите таму се преполни со верверички).
Никогаш не стигна да му се заблагодари. Кога таа отиде во Лондон тој веќе беше во некоја друга метропола а нивниот контакт некако стивна, исчезна зад ридот од обврски , патувања и далечини кои бавно и тивко настанаа. Како што обично и настанува еден рид-природно и неприметно. Но чувството дека треба да му се заблагодари остана. Можеби ова е добар момент за моето благодарам- помисли Фиона повторно станувајќи свесна за интензивните сончеви зраци упатени кон нејзиното лице. Повторно погледнува во часовникот. Автобусот доцни некои 10-тина минути. Во моментот кога пие вода од фонтаната гледа како еден автобус пристигнува на станицата. Балтон. Помислува и некоја блага возбуда почнува да и плови во стомакот. Фиона секогаш се возбудува кога чека некого. "Балтон изгледа убаво. Можеби е малку поубав одколку што го паметам. Но, колку може некој да биде убав за да би бил поубав? Смешнo"-си помисли. Чувствува некоја свежина на идни прекрасности додека го гушка.
-Хеј. Долго не сме се виделе-се смешка Балтон.
-Да. Одамна беше. Но, како патуваше?
-Па, o.k. Не беше лошо. Фотографирав цел пат. Та-даааам! Види! –покажува со прст кон огрмниот дигитален апарат обесен околу неговиот врат. Нов ми е. Си го купив од Токио. Ќе ти покажам што се може.
- Имаш многу товар? Гладен? Жеден? Сакаш прво да седнеме на кафе...Или да одиме кај мене....Како било...
-Во ред сум. Само ранецот го носам. Може да одиме кон водата. Ми треба -водата. Чекај малку...Остани така.
Фокусира и чкрапнува. Најпосле Фиона. Долго чекаше на тој момент.
Балтон вели само "прекрасно" и се упатуваат кон езерото осветлени од зраците на заод. Шетаат до доцна во ноќта и разговараат. Имаат многу што да си кажат.
Фиона раскажува за Лондон. Балтон внимателно ја слуша. Тој сака да ја гледа додека таа зборува. На моменти се чувствува како кутре кое само сака да се свие под нејзината појава и да моли за еден мал поглед. Лицето и е сериозно, рамнодушно. Само одвреме, навреме смиреноста ќе ја наруши некое протреперување предизвикано од внатрешниот немир. Тогаш, таа несвесно ја допира дланката до образот и се гали, само за миг, потоа ја пружа раката кон паклата со цигари, ја пали брзо цигарата и нестрпливо го голта димот. Сепак се насмевнува, Лондон изнурнува од неа. Таа ги оживува улиците, музеите, книжарите, автобусите....
Балтон би сакал да го запомни секој нејзин израз, секое нејзино движење. Би ја цртал. Сега веднаш. Да. Го вади блокот од ранецот.
-Може?- ја прашува тивко. Не сака да и го наруши моментот.
-Да. – се насмевнува Фиона со некоја половична насмевка во која се наѕираат желби, копнежи, сети и стравови во исто време.
Болтон не сака да испушти ништо. Црта.
Фиона сега гледа во него. "Сладок е.Супер би се забавувале. Вечерва би го носела на луда забава. Би се опиеле. Би спиеле заедно. Би било прекрасно.Утре би пиеле кафе на балконот. Би слушале музика и би уживале во сонцето. Потоа пак би шетале цел ден се додека не се стемни. Би јаделе заедно. А што би јаделе? Хм, тешко прашање. Тоа може да биде единствената грижа што би не оптоварувала додека сме заедно. Да одлучиме што да зготвиме. Се друго би било спонтано и прекрасно. Дури знам дека и времето би било сончево овие неколку дена"размислува Фиона.
Балтон е среќен. Ужива кога ја црта Фиона. Веќе направи 10-тина скици.
-Сакаш да одиме сега кај мене? Сигурно си гладен. Ќе ти зготвам нешто вкусно.
-Супер. Да, навистина огладнев. И уморен сум малку.
- Што би јадел? Шпагети болонезе или туна со зеленчук?
-Хм. Јам-јам. И двете ми звучат прекрасно. Што се готви побрзо? Туната и зеленчукот, така? Тоа, да.
Фиона ја поставува вечерата а Балтон го разгледува станот.
-Убаво ти е овде. Станот е прекрасен. Мало и слатко. Колку долго си овде?
-Една година. Одкога се вратив од Лондон. Но во станот живеев и додека студирав. Го сакам просторов. Многу добро се познаваме.
-Тоа се чувствува.
Балтон седнува на седмоседот и продорно ги впива деталите од станот па потоа се упатува кон кујната. Храната е готова. Вечераат во потполна тишина која на почеток не ја забележуваат но после неколку родени мисли за тоа што ли другиот размислува додека молчи, таа тишина застанува меѓу нив како непремостлив мост. Балтон се чувствува како омаен, ко фатен во замка.
"Прекрасна е. Нејзината привлечност е толку непосредна. Убава е од внатре. Толку е смирена и зрела. Би ја милувал. Многу работи би и правел...хм...би сакал да ја вкусам и осетам". Се насмевнува на оваа помисла и ко да е фатен на дело пред нејзиниот поглед, сака да ги прикрие мислите со опуштена насмевка. Но, можеби треба да зборува за своите чувства, за своите мисли, можеби треба да и каже...да спомне дека... Сепак не. Ноќта е млада. Ќе почека.
-Каде обично те носи ноќта кога си овде? –прашува Балтон.
-Во локалниот џез клуб. Сакаш да одиме?
-Да, би можеле да свратиме на пијачка, две.... Утре не си на работа, така?
-Не сум. Имам слободни денови.
Фиона и Балтон ја прогласуваат ноќта за отворена со црвено вино. Во клубот има многу луѓе но тие чувствуваат дека се сосема сами. Малку зборуваат, повеќе играат. Црвената атмосфера ги опушта и тие веќе не се само на едно место. Почнуваат да одат на многу места одеднаш...на сите места на кои дотогаш биле и по толку пати по колку што биле во нив. Почнуваат да одат и на места на кои порано никогаш не биле и таму гледаат секакви работи. Фиона гледа низ прозор во девојче кое седи на тревник во една градина и црта на блокче. "Личи на мене кога имав 5 години само што ова девојче црта далеку поубаво". Балтон гледа една огромна просторија преполна со луѓе. Тие му се доближуваат и му честитаат. Нивните лица не ги препознава. Погледите им шетаат од една до друга слика обесени на ѕидовите. Најголема група на луѓе е собрана пред една слика на кое има девојче кое седи на тревник и црта. "Девојчето кое го сонував. Ме подсеќа на некого. Не можам да се сетам на кого"....

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања

























































 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 



 

  д:дома