т:темплум  

 

б:бабановски иван




м:македонска молитва

Господе боже единствен,
Те молам сочувај нè нас Македонците
И одбрани нè сега
Кога најголемо зло ни се заканува.
Господе,
Одбрани нè како секогаш
Не, од туѓинец неверен.
Не, од Германец, Бугарин, Грк, Србин….
…ниту од Албанец.
Господе, Те молам,
Одбрани нè нас Македонците
Од нас самите
Одбрани нè од Македонците -
Тоа најголемо македонско зло
Од Александра, преку Самоила, Карпоша,
Делчева, Ацева до денешна 2006 година.
Господе,
Дај ни сила, ум и верба
Да го победиме злото,
Прво во себе, за да го истребиме
Околу себе.
Инаку ќе нè споменуваат
како раритет на демократскиот свет
Онака како Инките, Маите, Индијанците,
Тутсите, Ибо и Зулу Африканците…
Господе,
Чувај ни ја Македонија
Од Македонците
Само тие се способни да ја затрат
За тон Марихуана,
За 28 килограми хероин,
За килограм плутониум,
За 6.328 кинески куршуми за калашников,
За 16 тони кафе Минас или Робуста,
За фургон јужно овошје и турски домати,
За едно крдо говеда
претерани преку северната граница,
За фрижидер не печатирани свински полутки,
За вагон кубански жолт шеќер,
За цистерна со нафта или деривати,
За камион со приколка ситна и крупна
Сурова и сушена кожа,
За еден солаш натоварен со 112 румунски граѓани
Кои бегаат на Запад во „подобар живот”
Или за уште кој знае што
Би ја продале оваа македонска земја
Во транзиција, на секој намерник,
Кој само би прашал која фабрика може да ја купи
За еден долар…
Господе Боже,
Ти благодарам што го испрати Пангалос
Да ни плукне в лице, среде Скопје,
За да се разбудиме и сфатиме колку нè обезличиле
Нашите „заслужни политичари„
Нашите „Големи патриоти”
Нашите „првоборци” и „почесни граѓани”
Нашите доктори на науки и уметностите
Нашите академици и „уставотворци”…
…Господе, и оние уставобранителите.
Му благодарам на Пангалос
Кој дојде да ни соопшти, недипломатски, брутално,
Ама ефектно, дека нема мали и големи земји,
Мали и големи народи,
Туку, дека има достоинствени и недостоинствени
Претставници на државата.
Господе, Те молам,
Отвори ни ги широко вратите
Од Третиот милениум
И пушти нè да влеземе ние Македонците
Без историски багаж,
Без вериги од сургунот во Деве Бекир,
Без лузни спечалени во туѓи војни,
Без атентати врз сопствени политичари,
Без рекордери во плукање на сè што било и е,
Без црни и бели книги,
Без оратори и мангупи,
Без кој е кој во македонската држава,
Без најменаџери во книгата на еден новинар,
Без педери, педофили и лезбејки,
Без серопозитивни и СИДА заболени,
Без пензионирани генерали што нè го знаат
Македонскиот јазик и постојано нè засстрашуваат
Со неинформираност и проценки од христово
Време.
Без туѓи носталгични војници што од забава
Ги уриваат куќите на нашите сиромашни граѓани,
Без наши политичари на апанажа.
Господе пушти нè во царството Твое
Со векна црн леб под мишка
И со солза во очите
Можеби на некој крстопат
Ќе го сретнеме нашето достоинство
Па од него ќе си исткаеме знаме,
Како Чучук-Стана,
За сите Македонци –
И, за оние што се чувствуваат како такви
Во Република Македонија
Или некаде под Сонцето
Каде нивната пот го залива Новиот светски поредок.
Господе,
Врати ни го достоинството
Што ни го одзедоа Македонците
кои Македонија ја доживуваат како свое портмоне,
А нас - нејзините граѓани
Како ситна паричка за кусурот.
Господе, Премили Боже!
Обедини нè нас Македонците на овој здивен Балкан
И натерај нè да си соградиме заеднички дом
За оние од ВМРО, од ОМО „Илинден” и „Виножито”
За оние од „Илирида” и сите граѓани
Што Македонија ја чувствуваат како Татковина.
Господе,
Не слушај ги политичарите и партиските лидери,
Туку, наполни ги контејнерите,
Кога се полни тие – Македонецот не е гладен!
Наполни ги амбарите со жито, сончоглед –
Селото македонско да заживее,
Расцути ги виолетовите и белите цветови
Да врзе чушки афионот
Светот да го доведеме до нирвана.
И, Господе,
На крајот, остави нè и Ти и Светот
Да поверуваме дека сме сами на оваа планета,
За да не се истребиме како жолтите мравки;
Да не си го поганиме името со Виагра,
Тоа ново сонце на западната цивилизација;
Да не се плашиме од АИДС
Зашто секогаш сме љубеле погрешен Партнер
И дај ни презерватив
Да се заштитиме од зли јазици во времето
Кога ни е потребен соживот со криминалците.
Господи Боже,
Прости им на оние што го донесоа законот
За амнестирање на нарко-дилерите,
Тие не знаат што прават,
Но, долгот си е долг.
Господе, дај ни државичка.
И, нека не биде просперитетна.
За да бидеме среќни ние Македонците во неа.
Нека нема соживот, но нека има место
За македонскиот народец, покрај сите други.
Господе, сочувај нè
Од сите Универзитети и Академии
Но, најмногу од оние на кои се подготвуваат
Носталгични романтичари, чии визии се во Минатото.
Господе,
Дај ни соседи што ќе нè почитуваат како луѓе
И на кои нема да им биде битно
Дали сме Македонци од Александра или од Броза
Дали навистина говориме македонски јазик
Дали границата наша завршува на некоја Чука
И дали сме дојдени тука – на овој перверзен Балкан
Пред Хуните, Аварите,
Пред Илирите или Џингис Кан
Само, Господе, дај ни соседи добри
И по некој душман стави ни во дел.
Да ти се плукнам
Во животот македонски без душмани.
На секој Македонец, Господе,
Во годините што доаѓаат подари му
Барем по еден Македонец
Па нека види што значи Божја казна
Пред второто доаѓање на Исус Христос
Синот Божји,
Меѓу сите тие грешници и безбожници, што не знаеја ниту претседател сами да си изберат.
Господе, Боже, не давај ни кредити и донации,
Ќе ги украдеме сами од себе.
И затоа спаси нè од Октоподи
Од пирамиди среде банки и тоа во Бабан Битола.
Од лошо дефиниран организиран криминал
И солидно организирана македонска мафија
Која не треба да се прислушкува тајно,
Зашто таа јавно делува во Македонија.
Господе, Боже,
Чувај нè од разни Агенции
Посебно од онаа за приватизација и разузнавање,
Чувај нè од сите хуманитарни организации,
„Особено од Лекарите без граници и Кушнер”
Од независните и владините синдикати,
Друштва, фондации, кредитори,
Од големите Букви во нивните имиња,
Па и да почнувале и со ООН.
Господи, посебно да нè чуваш
Од СФОР и КФОР, од ОБСЕ, УНХЦР и
Од онаа насмеана пегава женичка Рен
Која во Македонија ги запознала Македонците.
Подобро од Тебе,
Но, не смееше да предложи на ЕУ
Да испрати трупи за да нè одбранат
Нас, Македонците – од Македонци,
Кои УЧК среде Скопје со Вокер не го гледаа
Се снебиваше,
Можеби немаше да ја разберат целосно,
Па ќе упатеа умни бомби да нè колатерираат.
Чувај нè и од Сорос или Шорос,
Она Отворено општество,
Зашто нашиот пензионерски фонд е малечок
И, сиромашен Господи,
За една единствена негова игра.
Прашај го Азискиот тигар за тоа.
Господи,
Чувај нè од носталгија на НАТО војниците
Кои можат да уриваат и палат како Османлии,
Да убиваат министри и народец очаен,
Тренирајки возење со врзани очи во рикверц,
А да одговараат пред судовите во нивната земја како да се херои.
Па небаре сме окупирани, а толку се надевавме…
Како зошто? А Џејми Шејн и честитките.
Нели е така?
Господе,
И црквата Македонска
Нека ни биде народна и православна.
Врати ни ги свештениците од првите редови
На академии, чествувања,
Камен темелници и осветувања
Ќе се изгубат во политиката и Македонија
Ќе остане без Божји слуги,
А претседателот ќе ни биде туѓ по вера и нација.
Чувај нè Господи Боже...
Господе, се колнам дека нема да има непотизам,
Но, чувај ми го Куманово
Ти самиот знаеш зошто,
А јас како Кумановец во „три ипол очи”
Ќе Ти кажу, онакој, од прво до последњо!
К’д ќе биде извлекување од Косово –
Ќе биде навлекување на Куманово, без куртон…
Ако не добивме ниту еден министер во Владата,
По кој знае кој пат, покрај трите бинга,
Добивме џек пот - Бинго
Двоец без кормилар, ама наш е Кумановски и Многу направи за Куманово, на еко планот.
Ги купи и затвори сите фабрики загадувачи, а
Куманоците по цел ден играат „Куманија”.
Така сега, Рајот е во Куманово,
а не кај тебе Боже мој!
Не, не, Господи, не хулам на Бога.
Само те молам нас Македонците избркај не од тој Рај па сал името остави ни го да можеме коренот да си го најдеме.
Еве, направи нè Израелци.
Нив 5760 години ги прогонувале,
Но името си го носат со гревот.
Господи, биди милостив и спаси нè од сите „партиски војници”, „војводи”, „капо ди тути капи”, од „бајрактари” на ОНА со туѓи знамиња и цезари на новата историја.
Господи, бидејќи имаме хипер продукција спаси не од шпионите.
Ете пак, НАТО ни нуди за чување на границата „предатори” и разузнавачи!?
Од нив во Македонија
Ни чумата не може да опстане.
Сал стечајци, техновишоци
Партиски неподобни чиновници,
Трудбеници на црно,
Вработени на бело без плата
И Ѕингови бонови
Без акции во партиски фирми и банки.
Кога ќе останат сами овие „легии на срамот”
Ќе се претворат во сатанската паравојска
Од Карадак Планина.
Господи Боже
Дарувај нè со Партнерство за мир,
Со Сеци, Дери, Коли, Беси,
Силувај и Милувај, највоспеани
Од дежурната екипа на „Хихирику”
Единствено светло нешто
Во МТВ и Македонското радио.
За сите добра што им ги подаруваме на туѓите војници
Ти како награда ни испрати 51/2 фудбалски топки
И тоа без вентили за „пумпање”.
Децата во Македонија да се релаксираат и рекреираат, додека тие ги изградат фортификациските игралишта за терористите на ОНА во Танушевци, Липково, Калето...
Можеби некаде на Кораб?!
Господи, Господи,
Зошто нè залудуваш колективно, сите.
Па зар малку ни е што малоумни и умоболни нè раководат?!
Зар не е голема трагедија што слепи нè водат,
а неми нè бранат пред ЕУ и светот?!
Господи, или ти Христе,
Кажи ни колку долго треба да коленичиме и ползиме пред глутницата што си ја испратил врз нас Македонците...
Како, не знаеш, која глутница?!
Па оние од ММФ и СБ...
Господи, парче нè сторија, се зарекле од нас македонските граѓани, сал проститутки да бидат продуктивни и тоа за нивните „воајери”.
Затоа, те преколнувам,
Господи, во оваа ноќ кога само полициски сирени и песна на калашников, ни се полноќна музика воскресни некој гемиџија,
комита од Гоцета и Јанета да застанат со транспарент, Не дај боже со берданка, молотов коктел, не пред Мис Стон, туку пред Солана, Барозо, Унгаро, Фровик, Пердју...
И им порачаат: За нас Македонците
Берлинскиот конгрес е крвава историја на Балканот.
Султанот на Босфор одамна е мртов.
Ние го победивме и Хитлер.
Слободни сме, пред Европа.
Господи Боже, ние Македонците,
Ние граѓаните на РМ кои ја сакаме оваа држава
Без терористи, екстремисти, „вооружени групи”,
без „наши деца” што пукаат во Уставот и Државата, во војници и полицајци, без политичари Со празни глави и полни сметки во странски банки, Без градоначалници со гранати во џебовите и Обвинител „почитуван” во облаците, кој не знае Чиј војник е па гранатите во колите за киндер јајца ги има.
И, Господи, нема докази за ПДП.
Отвори го пеколот
И тоа деветиот круг на Данте,
Многумина од Македонија се кандидираа самите
Па ќе ти ги пратиме со ДХЛ пошта... неповратно!
Господи, каде е крајот, почетокот го видовме?!

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања






























































































































































































































































































 

  д:дома