т:темплум  

 

с:станковска л.


у:усуд

Не знам дали е добро да се зборува за она што го нарекуваме иднина, за она што ќе ни се случи, а да не го споменеме она што е веќе тука. Ти беше убава родената земја, а уште поубав живото во неа. Бевме на парче полно со езера, реки преубави, планини и едно море. А, тогаш се појавија луѓе со трето око. Луѓе кои се' гледаат и се' слушаат, кои ти ги читаат мислите и ти го блокираат умот.

Шетав покрај реката и ја гледав водата како потскокнува од камен на камен и тивко жуборка. Одеднаш застанав. Не можев да направам ни чекор, единствено со очите можев да шарам по околината и види, пред мене стоеше полицаец со трето око.

- Застани - ми ја пренесе телепатската команда... - Какви ти се тие срања со водата. Kој ти дозволи радост..
- Извинете не се радував, само ми беше убаво.
- Тоа не е дозволено!
- Не знаев, простете.
За сето тоа време ниеднаш не ја отворив устата..
- Го прифаќам извинувањето и од сега, ако направиш нешто одиш директно во перилницата на перење на мозокот. - Вкочанетоста ја снема и јас можев да продолжам понатаму. Не смеев да погледнам на страна, од страв да не ми падне на памет нешто убаво.

Стигнав дома и веднаш се втурнав во бањата. Единствено таму не можеа да не' контролираат. Почнав да плачам и да се враќам во деновите на радост и среќа, во деновите кога не знаевме кој од каде е, кој каква вера и каква националност има. Се дружевме и се сакавме. Не постоеше супериорна класа и не знаевме дека еден ден ќе бидат забранети љубовта, радоста, среќата и дружењето.

Прво не расцепкаа по територии, потоа јазично, па верски, а тогаш сите добивме војвода.

Ноќе повеќе никој не смееше да излезе, заради тоа што полицијата со трето око внимава на се'. Мојата пријателка ја фатија надвор, во забранетото време и сега може единствено да каже – да живее војводата, а единствено што умее е да оди до работното место, да работи, во одредено време преку цевче и даваат храна, се враќа дома, спие и повторно по истиот редослед.

Нашите војводи имаат исти опашки, само роговите и ушите им се различни. А ние, се' помалку не' има со неиспрани мозоци, се плашам да не ме фатат пак..

Не смеам да ѕирнам низ пенџерето, само стојам во сенката и си ги замислувам ѕвездите кои паѓаат и кои ми ги “исполнуваа” малите желби. Можеби сега паѓа некоја ѕвезда, а јас, јас сакам само живот без страв, сакам љубов, многу многу љубов и мир за сите...

Одеднаш се запали малата црвена сијаличка. Се тргнав од размислување и влетав во дневната соба каде засвети екранот. Стоев во став мирно. Редовното пријавување во центарот, а тогаш предавања за големата среќа, која ни ја овозможува големиот војвода.

Секоја вечер пред спиење војводата мисли на нацијата и не' чува од непотребната желба да бидеме, не дај боже слободни. Слободата е мнооогу опасна и погубна за опстанокот. Ние мора да бидеме заедно, мораме да бидеме благодарни на жртвата на нашиот вожд, кој се грижи да имаме своја постела, храна, а кога тој добро размислил, сфатил дека би било многу полесно кога сите би живееле заедно. Заради тоа се погрижи да направи логор во кој ќе имаме се' што ни е потребно и ни даде рок од седум дена да ги напуштиме сопствените домови, “кои не се безбедни”, а за кои тој ќе се помачи да ги обезбеди и да ги даде на оние кои не му се толку важни како ние, а ние одиме во среќна иднина (се знае, во логорот).

Не смеев да размислувам, гледав тапо во екранот кој полека почна да се гасне и до последното зракче на светлина стоев мирно. Потоа полека се вратив во бањата, размислувајќи за нешто што само го имам начуено, наводно постои група (ги викаат дивјаци) која се спрема за бегство од земјата и дека тоа треба да се напрви што е можно поскоро, поточно во рок од овие седум дена.

Ужасна е и самата помисла на тоа дека се' се сведува на куси моменти, и во моментите страшна е неизвесноста, пронаоѓањето на метод за дефинирање на начинот за заминување. Ужасно се плашам, ама решив да се обидам, знаете, по природа сум дивјак, а во пералницата за мозоци не сакам. Ми студи во срцето, а што ако не тестираат? Што ако некои од нашите чувари стојат зад сето тоа? Едно каење, за стално ќе ми биде на душата, ако не се обидам, а ако ме фатат и пак да ме испратат во пералницата, тогаш ќе ми биде се едно, затоа и онака освен – да живее војводата, нема да знам ништо повеќе.

Не познавам никого од групата (поради безбедноста), само знам дека зборот за препознавање е УСУД. Ќе бегаме од земјата на мирот и спокојството, во земја каде ќе се бориме за живот, во земја во која никој на никого не му го пере мозокот, и можеш да размислуваш додека мозокот не ти се прегрее.

И така почна; Усуд – поглед под веѓите, ишарет со окото и тивко ја пратам личноста пред мене која се движи полека, да не предизвика сомнение. Застанува пред една врата и мало вртење на главата, а јас сфаќам дека треба да влезам. За миг срцето ми замрзнува, ама што е тука е, длабоко земам здив и влегувам во темниот простор. Стојам и чекам. Во далечина гледам мала нишка на светлина и тргнуваме натаму, тоа е како јајце кое левитира, пулсира со сребрено-син отсјај. Одиме долго и наеднаш здогледувам малечка подотворена врата, ја отворам и продолжувам да одам, а пред мене блесна сонце, не можам да верувам некои луѓе ми приоѓаат, ме прегрнуваат и полега гушната ме водат кон ливадата сред која стои мојот другар од детството.

- Добре дојде, - ми вели и ми подава јаболко.
- Јаве ли е ова - прашувам?
- Јаве е мила, ама за се' да биде како треба, мора да бегаме. Знаеш мила, ја пронајдовме Атлантида, таа е во друга димензија, а тука зад тебе е машината со која за некоја минута тргнуваме. Дезинтеграцијата е безболна, а кога ќе се освестиш ќе бидеме таму. Сега мораш да донесеш одлука, затоа што враќање нема. - Гледам среќни лица, слушам смеа и велам - ОДИМЕ.

Верувам дека одам некаде, каде ќе ми биде убава новата земја, каде ќе имам многу реки, езера, многу планини и едно море. Каде не се појавуваат луѓето со трето око и каде нема војводи кои се отепуваат од берење гајле за нас. Јас го сакам животот и верувам.


 

а:автори

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања










































































































 

  д:дома