т:темплум  

 

п:петровски константин

 

ц:центурион


               Друдите отсекогаш биле таинствени и понекогаш смешни. На пример, знам дека еден од нив испратен во дипломатска мисија во Рим, на целиот сенат му се обратил лежејќи! Својот говор пред мудрите сенатори го одржал оптегнат на мермерниот под, како да се подготвува за сладок сон.
               Познавав еден од нив. Тој никогаш не бил меѓу најдобрите ученици во своето друидско училиште. Добро, не бил ни во најлошите, а пак во некои вештини му немало рамен ниту меѓу учителите. На пример, за него помислата дека еден дел од неговото школување ќе биде составено од учење на стихови напамет, било исто како да се остварил најголемиот страв на Келтите - целото небо да тресне врз неговата глава. Не ја сакал многу астрономијата, а донекаде бил сомнителен и во врска со можностите на нејзината посестрима астрологијата. Бил добар во магијата, а посебно го сакал претскажувањето. Ми подари и еден запис за магија, го напишал некој си Аристотел (никогаш не го прочитав, напишан е на грчки).
               Еднаш додека уште одел на школо, го повикал главниот друид. Му рекол дека треба да отиде до езерото кое било близу до училиштето и да фати една пастрмка за него. Добро, рекол мојот пријател, но почувствувал дека некој се противи на заповедта на старешината на неговото училиште. Не му се мислел многу и отишол до некој кладенец кој течел во близина на колибата во која што тој живеел со уште неколку свои другари. Едно-две, се задлабочил во водата и го видел тоа што сега ќе ви го кажам. Главниот друид се расправал со учителот којшто требало да ги научи идните друиди кои тревки се лековити, а кои можат да бидат отровни. Билјарот велел дека задачата да се улови пастрмката не треба да му биде доделена нему. Го потсетил дека неговите родители биле робови. Кај Келтите, како што ми расправаше овој мојов, воопшто не било битно потеклото при стапувањето во друидскиот ред. Кај нас Римјаните тоа е поинаку и свештеничкиот сталеж практично е наследен. Затоа пак во војската секој може да напредува без разлика на потеклото. Што се однесува до мене, тоа е во ред, зашто и онака не е битно кој ќе се расправа со религиозните прашања во една држава, туку кој ќе заповеда со легиите. Како и да е, билјаров меѓу другото го потсетил главниот друид дека мојот пријател често прави работи недостојни за припадниците на друидскиот ред. Учествува во игрите на воините, тргачи јаже со нив и се натпреварува во фрлање на камен во далечина. Верувам дека бил добар во тоа. Висок, со добро развиени мускули, руса коса и сини очи како да беше роден за главатар на некое келтско племе, а не за друид. И да води иста онаква група на воини каква што мене и уште неколку легионери еден ден не нападнаа. Врвевме низ шумата која што беше блиску до мојот гарнизон и застанавме да се одмориме на една чистинка. Јурнаа на нас, не знам, можеби беа повеќе од десетмина. Но тоа не битно, зашто од нивните грозни, одвратни викотници ми се смрзна крвта. Се уплашив, не можев да го кренам мечот, а камоли да го заријам во телото на некој долгокос варварин. Таа проклета врева, тие одвратни викотници, моите раце не ме слушаа, низ мојата уста не можеше да помине ниту еден збор. Сум слушал и други варвари како се дерат додека јуришаат на римските легии, ама ова е нешто поинаку. Да не должам, зашто иако никогаш не сум одел на часови по реторика, знам дека не треба човек многу да се плетка околу деталите. Не' искасапија и ден денешен не знам како преживеав. Другите беа мртви. Некој учен патрициј (од оние што добивале часови по реторика, веројатно од некој домашен роб Грк) би рекол дека тоа е волја на боговите. Не знам, а искрено ниту пак многу му се секирам во врска со мислењето на боговите. Ама знам дека тука поминал еден друид. Бил во своето село кое му беше лојално на римските власти. Ме видел и како што подоцна ми раскажуваше, растенијата коишто му требале за да стокми мелем му биле тука, испоникнати на едно карпесто ридче во шумата. Подоцна, кога се освестив во една колиба во која што тој ме прибра, го прашав зошто ми помага. Ние ги мразевме друидите, или ако помислам подобро, се плашевме од нив. Да се понижуваат и навредуваат беше дел од должностите на секој војник на големата римска империја.
               Не рече ништо.
               Но, како и да е, јас преживеав, ама не бев повеќе за воена служба. Си го добив моето парче земја во колонијата на римските ветерани во Британија. Неколку робови ми беа доволни за низ куќа, а и да ја работат земјата. Ете, пак должам, ќе кажам дека со друидот станавме пријатели. На никој не му беше гајле што бивш центурион се дружи со еден друид и тој често доаѓаше кај мене. Ми раскажуваше се' и сешто, а мене сето тоа ми беше интересно. За селото во коешто живеел и во коешто неговите родители имале посебна колиба, зашто и семејствата на робовите кај нив имаат свои колиби не многу полоши од оние на господарот. За тоа како на десет години на предлог на племенскиот друид дошол во друидското училиште, каде што имало и девојчиња. Посебно ги сакав прикажувањата за големите празници кои што Келтите ги славеле со палење на големи огнови неколку пати во годината. И пееле, играле, се пијанеле.
               Но, да се вратам на неговото прикажување во врска со пастрмката. Во езерото ја уловил рибата. И потоа? Ми изнадрдори еден куп глупости. Замислете, ми рече дека ја изел рибата и дека преку тоа станал најмудар друид на сите времиња! Знаев дека Келтите на моменти знаат да бидат комплетни идиоти, ама не можев да им се изначудам на овие глупости. Го прашав дали ме заебава и дали ова не е некоја измислена приказна. Не, не е, ми одговори. Тогаш ми изнаприкажа некои работи коишто до ден денешен не ми се јасни. Прво дека дента пред да ме нападнат, го видел нападот во еден сон. Добро, тоа го разбирам и до тука е се' во ред. Не само Римјаните, туку и варварите толкуваат соништа и постапуваат во согласност со пораките кои тие ги пренесуваат. Ми призна дека лажел за лековитите растенија, дека ги немало во близина на чистинката каде што не' нападнаа. Тој ги подготвил уште пред да тргне на пат. И ми рече дека во животот се' е со некоја смисла и со некоја цел. Животот ми го спасил од едноставна причина - јас мора да ја запишам неговата приказна за вечната мудрост којашто се стекнува преку, замисли, јадење на риба! А зошто јас, човеку, па не сум филозоф. Еднаш слушнав дека Цезар пишувал нешто за своето освојување на Галија и се чудам како еден толку добар војник можел да се занимава со такви глупости. А, добро пријателе, го прашав, зошто ти не го направиш тоа - напиши си ја твојата приказна. Ме потсети дека друидите ништо не пишуваат. Забрането им е. Што е уште поважно, се плаши дека со тоа кажанато ќе ја изгуби својата смисла, својата вредност.

               Правдата не смее на никого да му биде ускратена.

 

а:автори

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања




































































































 

  д:дома