т:темплум  

 

м:миладиновски игор


г:години: 26
у:уметник, работник, човек...
и:интереси: живот, смрт и сето останато измеѓу
д:
досега објавено: немам објавувано ништо



с:
сонување

  Најверојатно се забавуваа. Дојде со своите знаци, доволно видливи за да не биде забележан од никого. Најтемниот агол го повикуваше со своите сенки, го обземаше како ноќта што полека надоаѓаше со сета своја тежина. Можеше да ја допре скриен меѓу сите среќници што се наоѓаа околу него. Ги набљудуваше тајно, немаше волја да навлегува во нивната среќа, обземеноста што ја расфрлаа на секој чекор во замагленото кафуле, опиеноста, што мораа колку и да не сакаат да ја исфрлат од себе со сите можни движења и гестови. Смиреноста што на почетокот владееше со него полека почна да ги надразнува неговите сетила. Мислеше на морето. Тоа секако го повикуваше со своите бранови, со солта што пече, со длабочините во кои еднаш ја беше скрил својата болка, а ете, повторно полека се раѓаше тука некаде во Градот. Стануваше неиздржливо, првите впечатоци се изменија. Веќе тоа не беа среќни, затоа што можеше да ја намириса неподносливата смрдеа на нивната среќа. Всушност, тоа наликуваше само на среќа, но тоа беше само од оние познати острици на животот кои напати се појавуваа насекаде околу, а кои некои учени ги нарекуваа привид. Воопшто не го засегаа учените. Сите тие беа среќни, сега можеше толку длабоко да продре во сржта, што правеше хирургијата да биде само глупав обид да се расчлени суштината на животот. Звуците стануваа пеколен напор, да се издржи до крај, мораше да издржи до самиот крај. Го газеа, поттурнуваа, одеднаш стана толку ситен што дури ни самиот не можеше јасно да се види. Просторот мал, ама и таа големина беше огромна за него, цела вечност. Времето се растегнуваше до препукнување, чувствуваше дека нешто набрзо мора да се случи со ситуацијата во која се наоѓаше. Му дојде онаа добро позната мисла за себеповредување кои некои учени го нарекуваа самоубиство, но него не му беше до нив.

Размислувајќи за тоа и самиот стана самоубиство. Најнапред полека, во кратки голтки ја пиеше смртоносната течност, мислејќи на сето тоа што го беше оставил како тајна на морето, а еве, вечерва повторно му се враќа со сета тежина. Знаеше дека животот му има скроено мрежа од која единствениот излез беше Смртта. А тој имаше избор, можеше да избира, барем така велеа некои учени, но најмалку размислуваше за нив. Чувствуваше дека нешто многу посилно го турка кон бездната на Животот, изборот беше чиста глупост. Секако, тоа немаше врска со радоста и амбициите што би требало да го водат секој млад човек, но тој повеќе не се чувствуваше како таков. Нешто многу силно го имаше прегазено на патот по кој се движеше, дури понекогаш и' се восхитуваше на сета таа моќ. Кога некој не би го познавал, би помислил дека станува збор за многу религиозен човек кој е напуштен од својот бог, но тој не беше таков. Не го допираа невидливи работи, а и самиот бог е во среќните, тој можеше да ја насети неговата среќа. Ова беше нешто што делуваше толку човечки, а сепак не беше со такво потекло. Додека размислуваше за сето тоа, не забележа дека Смртта веќе го беше стасала и повеќе немаше размислувања.

Потоа следеше куршумот. Стана малечко зрно што со огромна брзина го пронаоѓаше својот пат низ масата среќници. Немаше размислувања како со смртоносната течност, но единствено нешто што можеше да забележи беше звукот кој се создаваше од таа огромна брзина, како звук од илјадници громови, само што ова беше некако природно, а сепак толку моќно што дури и го заплашуваше. Полека се сети дека истиот тој звук веќе го беше чул претходно, тоа беше неговиот прв глас кога за прв пат ја беше видел заслепувачката светлина на Животот. Можеше да препознае дека тоа не беше обичен глас, напротив, тоа беше збир од многу повеќе гласови, но работата беше таква што не можеше потполно да ги издвои, нивната бројка се менуваше со неверојатна брзина. Знаеше дека се повеќе од шест милијарди, во тоа беше сигурен, како што беше сигурен дека токму тој глас му припаѓа нему. Брзината со која се ширеше неговиот глас го запрепастуваше. Одеднаш тој беше насекаде, се' се рушеше од неговата јачина, дури и боите од спектарот се изменија, а со тоа и самата перцепција на Природата. Како на некој ѓаволски штафелај неговиот Глас ги измеша сите можни бои на постоењето, се' беше циклично, а дури можеби и по некоја спирална патека се движеше тој глас што се раѓаше од големата брзина на куршумот што го расцепуваше воздухот на два дела: негов и нејзин. Тогаш забележа дека остана само црната боја на звукот и тишината што следеше. Беше готово. Повторно ја бакна Смртта во студениот образ, немаше избор, освен…

Тогаш се сети на морето, на својата омилена Вода со боја на неговите очи; подарок од морето што беше белег на припаѓање уште со самото раѓање. Гледаше во минатото како во огледало и сликите што се појавуваа беа кристално јасни, можеше да ја види како се опива од синилото на неговите очи, како полека тоне во нивните длабочини, не оставајќи никаква трага зад себе. Потоа го виде нејзиниот страв од сето тоа. Се разбира и тој беше со сина боја, знаете, најобичен страв во онаа смисла на зборот страв. Можеби повеќе наликуваше на трепет или на лесен пролетен развигор, но зад тоа тој беше многу, многу повеќе. Тоа го знаеше и самиот тој, затоа не сакаше да и' зборува за морето и за сината боја од спектарот на она што некои учени го нарекуваа Живот, но тој сам си го нарекуваше Мрежа, знаеше дека заплетканоста беше постојано тука за да го одржи напорот на неговиот кревок ум.

Знаеше дека во неговата Вода се крие тајната и знаеше дека вечерва повторно се појави, речиси исплива до него. Мораше нешто бргу да се случи, напнатоста беше огромна, не можеше да ја издржи нејзината болка која истовремено беше и негова, со сите претходни вкусови, звуци и бои, а која беше толку проклето врзана за него што не знаеше ништо повеќе од она што требаше да го знае за неа. Полека почна да го истиснува Животот од него, неговата Вода со тивок чекор се движеше низ него, полека сите мисли поврзани со неа (а тоа беа единствените мисли) ја добиваа сината боја на неговото море. Веќе знаеше дека ова е самиот крај, понатаму не можеше да се оди. Водата во него не само што ја исполни внатрешноста, таа навлегуваше насекаде, но со еден изменет лик, кој по сите логики (како што би рекле учените) требаше да наликува на неговиот, но сигурно не беше така. Одеднаш стана свесен за тој лик кој еве, на самиот крај го измачуваше. Тоа беше Таа! Таа полека се раѓаше во него. Како што растеше Водата, така се оформуваше нејзиниот лик во него. Кога конечно стана свесен за тоа, ја заборави. И се' се смири и исчезна…

Стана со тежина во главата и синило во очите кое преоѓаше во модро потсетување на Ноќта, се приближи до огледалото, се погледна и запали цигара длабоко вдишувајќи го чадот. Не знаеше каде се наоѓа…



 

а:автори

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања













































































































 

  д:дома