к:каранфиловска лидија
г:години:
28
п:професија: агент
и:интереси:
книги/филмови/музики/преводи
д:досега објавено:
2 поеми во Слевање на Маргините -Охридско издание
н:нешто за себе:
многу нештости и сешости... но, засега... достости. Благодарам!
м:макао
Ники-Сан и Мари-Ноко играат Макао додека смислувам како да убијам една
дебела недела. На крај се задоволувам само со лежењето по целата нејзина
растрглива должина. Решавам да ја лежам. Се вгнездувам во најудобниот
лежечки објект во станот и отсутно постојам. Пладне е во ек. Маца и Куца
се романтизираат со доза на нервоза. Доцно пладне. Доцна есен. Доцни
секоја минута по две три секунди на саат. Доцнат и нашите животи. Редовно.
Како автобусите на ЈСП. Сонцето измолкнато спие зад некој облак, а густа
магла се заканува да го обвие градот во таинственост.
- Ајде фрли, вели Ники-Сан. Доста те чекав.
Мари-Ноко фрла. Ники-Сан негодува. Фрла и тој. Џандар.
- Во што менуваш? - прашува Мари-Ноко.
- Во тоа што го немаш - вели Ники-Сан.
- Се' имам. Кажи. Во што? - се смее Мари-Ноко.
- Во тоа што го немаш - повторува тој.
- Се' си имам. Ајде кажи. Во што? - пак се смее таа.
-Во срце. Срце немаш.
- Имам - се смее таа ликувајќи. Фрла срце.
- Срце немаш. Тука го немаш - нагласувајќи ги драматично зборовите, покажува
тој со раката кон левата страна на градите.
- Ха-ха - се смее таа. - Ајде, пак си ти.
Ники-Сан фрла друго срце.
- Имам јас, бејби. Не се секирај. Имам и за двајцата.
Еден пласт темнина влегува во дневната соба. Како невешт провалник.
А нашиот стан започнува да личи на замок. Населен од кралеви и кралици.
И никој од нив нема срце.
у:умира едно сонце
Таму некаде
далеку... Изгрева сонце.
Лицето и' е издолжено од утринска сонливост. Ја гледам во огледалото. Очите
и' се благо отечени како кај некое доброчудно животно. Муцката како кај
Леси. Во мислите и' се закочени нечии задвчерашни ноќни погледи долж
нејзините во чизми стокмени нозе. Некаде во догледна далечина, потпрен на
шанкот, тој е црвен од обидот да сокрие дека ја гледа. Со немирен
раздвижен поглед наговестува дека брзо ќе замине. Неговите очи врз
нејзините разголени нозе, нејзината уста неконтролирано се шири во пијана
насмевка. Меѓу нив спонтано се распостила невозможноста и како да е
распната... се мачи... умира...
за подоцна да воскресне. Голтаат по една
воздишка и се наоружуваат со топла рамнодушност. Се одмеруваат к'о низ
нишан и... Пукаат еден во друг.
Таму некаде далеку... Умира едно сонце.
н:ноќно кафе
Две црни очи,
станаа едно големо око кое веќе не личи на око и стана еден мал остров кој
почна да плови од брег до брег на нешто што порано беше лице. Една голтка
го измести релјефот. Ги испив очите, острoвот и лицето.
Низ еден прстен гледам други можни светови.
б:бебе
Јас сега не
живеам. Само трошам некоја резерва. Нема да се залажувам.
Јас не живеам. Само позајмувам воздух и време, се задолжувам.
Но, ќе собирам за да им вратам. Чекам нешто да се случи додека спијам во
заборав и по цел ден нуркам во познати длабочини.
Јас сега не живеам. Чекам да дојдам на ред, да се родам.
Вака веќе не може. Одлучувам. Одам да испитам. Ја туркам главата напред.
Ѕиркам. Непознато. А да ја испружам раката, хм? Смеам ли?
Сепак... Продолжувам. Темно е. Ја пружам и другата рака.
Ѕиркам. Таму има некој. Ме видоа. Веќе ме влечат надвор.
Но... Не ми е сигурно. Еј, чекајте!
Не слушаат.
Предоцна.
Веќе убаво ги гледам.
Многу се големи и сериозни.
а:автори