т:темплум  

 

ц:цветковиќ ирена

 

е:еден модерен, ма какви...
најмодерен, супер модерен, ултра модерен, пост-модерен човек


               Се препознавам преку user name и password. Ме идентификуваат со и низ мојот nick name. Се викам Јас. Бев маж, а бев и жена. Имав 40 години, сега имам 32 (сметано според женски календар). Мојата приказна е приказна за преобликувањето, за играта. Јас сум homo ludens во постојана авантура.
               Во недела наутро го пијам своето прво кафе во авто-мeханичарскиот салон до мојата зграда. Мајстор Јово е мојот ментор. Гумата од автомобилот на мојот сосед Мирко е дупната. За да се промени потребно е соодветен алат, огромна доза на концентрација и секако креативност. Јове целиот поцрнет во лицето, си ја бришеше потта со ракавите и ме погледна со молбен поглед. Му требаше дигалката, а беше премногу згрчен за да може да се исправи и да ја земе сам. Јово е постојано во оваа чудна позиција на згрченост. Неговиот 'рбет е во облик на буквата С. Погледот му е свртен кон подот. Како постојано да е во потрага по издишани гуми и дупнати ауспуси. Понекогаш, сосема ретко се гледаме во очи. Се плашам од тие мигови затоа што чувствувам дека умее да продре преку мојот поглед право во мојата внатрешност. Да ме осветли онаму каде што сум најтемен. Она неискажливото во мене го насетувам во малиот, свиткан мајстор. Неговата сопруга, Маргарита е чудна жена. Еднаш ме тераше да изградам мост од мојот прозор до нивниот. „Сакам да поминам на кафе“ - ми рече. Еднаш месечно играме плочка на тротоарот од нашата улица. Скокаме од Земјата до седмото поле, до Небото. Вели дека ако има син ќе го крсти Кортасар. Само така ќе успее од своето дете да направи професионален играч на плочка.
               На 16 jуни шетав низ Даблин. Колку одвратни улици. „Г-дин Блум, зарем не отидовте на погребот“ - ми довикува една жена. Преку таквото и од тој Блум. Денес оставете ме намира. 16 jуни е мој ден. Денес не сум Блум. Денес сум јас, денес сум тој, токму затоа и сум Јас. Ми се гади од Даблин, од мрежите на Даблин, од заразниот воздух на Даблин, од тоа гнасното Дедалусче. Денес сакам жена. Тој посакуваше жена постојано кога безделничеше низ улиците. Немаше потреба да ја допира. Умееше да поседува со поглед. Ќе седнеше така ноншалантно на клупата во паркот и како ловец чекаше да наиде некоја девојка. Тука ги вриеше. Клупата мора да биде свртена кон друга клупа за да се сретнат погледите и да почне да се случува претопувањето. Кога некоја среќничка ќе седнеше, ритуалот започнуваше полека. Ќе фрлеше два-три погледа во деколтето, во стомакот и потоа погледот го фиксираше во очите. Некои не издржуваа, стануваа и бегаа, некои пак ја сфаќаа играта. После долго гледање почнуваме да се претопуваме еден во друг. Јас станувам жена.
               Во работните денови имам невозможен број на обврски и покрај постојаната работа. Работам во трафиката спроти улицата во која живеам како продавачка. Тука останувам до 16.00 часот и потоа заминувам кон мојата втора работа (спроти улицата во која работам). Најпрво ги мијам садовите кои останале од вчера. Потоа го спремам ручекот, а во меѓувреме ги пеглам алиштата и ја сецкам салатата. Потоа седнувам да одморам пет минути пред да почнам да сервирам. За време на одморот долго гледам во дланките. Некако ми се изменија овие десетина години. Обелеа и станаа чудно груби, како пребивалиште на мали бели исушени кожинки. Чувствувам постојан умор во нив. Населени во коските и зглобовите ги чувствувам годините, моето зрело доба. Кога станав жена се консултирав со многу „умни“ луѓе во врска со новонастанатата ситуација. Ми велеа, оди на доктор, треба да ти се извади половина од мозокот. Не ги разбирав. Уште не ги разбирам. Моите дланки се исти како на маж, а сепак различни. Поинаку ја изразуваа староста. Не велам посуптилно, едноставно поинаку. Имав 32 години вчера. Денес имам 40 (сметано по женски календар). Се викам Јас и имам еден порок - хазардот. Сакам да се играм. Да бидам постојано во игра - да ги деформирам сопствените правила. Играта, систем и истовремено еволуција, го осмисли моето безделничење. Таа е мојата метафизика на опстанокот. Ги влечам истите потези и чудно како секогаш успевам да ги избегнам замките на системот.



с:скопска приказна
 

               Бескорисно е да се седи потпрен со лактот на оградата од балконот и да се гледа во небесното црвенило кое ми ги штипе слепоочниците. Но, што можам?! Тоа доаѓа сосема спонтано, доаѓа за да донесе неспокој и ме врзува после првиот поглед. Тоа е замка и свесна сум дека повторно ќе паднам во неа. Доволно е само малку човек да остане сам со себе за да ги почувствува оние “невини” скокоткања во утробата. Чудно како времето во овие мигови почнува да се растегнува и собира. Тоа се шири и стеснува, почнува да си игра со нас, да не преместува ту во минатото, ту во иднината. (За првпат ми е мачно што сум сама)
               Градот доби друга боја. Се скри во својата темна внатрешност, се натисна во сопствената утроба. Во немоќноста на ѕвездата спијат умните очи. (Немаше ѕвезди на небото таа вечер кога се возевме во колата со З. Беше спарнина, тешка и врела ноќ во доцниот септември. Одеднаш застана, ги тргна рацете од воланот, ги притисна во тупаница и ги стави врз своите уши. Велеше дека го притиска нешто во главата, дека се чувтсвува заробен во овој град, во овој урбан кафез. Го проколна сивилото околу него и ме замоли да излезам од колата, да го оставам САМ. Немаше ѕвезди таа ноќ во грдиот септември... веројатно затоа утредента врнеше дожд.)
               Ах, па види веќе се запалиле уличните светилки. Чудно, зашто влезот од мојата зграда е свртен кон улицата, а не кон влезовите од другите згради. Вистинска социјална блокада. (Со З. никогаш не се гледавме во очи. Па ние и не умеевме да разговараме. Всушност, не умеевме да се слушаме. Нашите средби поминуваа во еднонасочна комуникација, а завршуваа кога тој ќе ме замолеше да си одам, да го оставам САМ.)
               Почна да дува ветер. Студот навлегуваше во мене низ врвовите од прстите. Рацете почнуваат да ми се грчат. Ги триев една од друга дланките и потоа дував во нив. Така ги враќам во живот. “Одамна не заврнал дожд во овој осаменички урбанизиран пекол” - констатирам. Овие суви и студени градски воздишки влегуваат во мене низ мојот нос, се распрснуваат во мојата внатрешност и излегуваат низ устата. Осветлена сум одвнатре и тоа е непријатно. Мразам кога копам низ сеќавањата, кога гледам во себе, зашто да познаваш нешто значи да го мразиш (можеби затоа никогаш вистински не го запознав З.).
               Се свртев на другата страна и погледнав надолу. Мали бетонски столбови и паркирани автомобили. Ја исправив главата за со поглед да го опфатам целиот хоризонт. Булеварот наликуваше на нозе од некоја убавица легната на грб кои се протегаа во бескрајот кој се затскриваше зад високата бела зграда - постојаниот победник во борбата со мојот поглед. Семафорите му даваа необична веселост на пејзажот. Тие заедно со светлата на автомобилите создаваа чудесна симфонија од бои. Хоризонтот почнува да се менува, да добива смисла, да добива вредност. Тука има многу повеќе одошто за еден грст волшебни доживувања, но нема место за мене. Просторот слегнува со раменици не можејќи да ме впие во себеси. Јас не умеам да се пронајдам, ниту да го благословам овој неискористен момент. Моето одвишно присуство прави уште една лузна во времето. (Понекогаш со З. се качувавме на покривот од мојата зграда и тој тогаш говореше за одвратноста од бесполезното седење врз ова бетонско здание. Велеше дека сака да ја мине ивицата од овој покрив, да чекори во воздух. Јас само го гледав и молчев. А знаев, знаев дека мисли оти не ни е местото овде на обајцата. Но, имаше ли место за нас некаде во светот? Знаев дека го мрази времето поминато со мене, но молчев. Потоа тој ќе ги покриеше очите со дланките и ќе ме замолеше да си одам, да го оставам САМ).
               Почна да станува се' постудено и постудено (исто како во студените октомвриски ноќи кога се грчев од потреба за прегратката на З.). Тишината го голташе хоризонтот и лицемерно ја загушуваше градската врева подготвувајќи бура. Потпрена на оградата го гледам Потопот во очи. Воздухот почнува да се згрчува, а во моите раце се раздвижуваат бубалки. Коските почнуваат да ми играат од страв. (Бев престрашена кога последен пат го видов З. Одмавнуваше со главата цврсто решен да молчи, а рацете сурово цврсто ги држеше врз своите уши. Со поглед се пиевме издадени од несогласувањата, мртви во обидите да се разбереме. Му го допрев грлото папсана од потреба за збор. Мрморев тивко во плач, а во тајните ходници од неговиот желудник ги пронаоѓав моите зборови недоџвакани, несварени, гнили).
               Заврна дожд. Капките почнаа иритирачки да ми се тркалаат низ лицето. Се прибрав во топлата соба решена да не го гледам залезот повторно (да го избришам, да го премолчувам, да го задушам З. во мене). Ги затворив очите и сонував за исток.

 

а:автори

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања





















































































































































 

  д:дома