а:ангеловски дарин
з:звуци
-Понекогаш, кога е многу
темно, но не е премногу доцнa, значи обично ноќе, слушам како собата дише
со мене.
-И јас се обидувам да ги чујам звуците на куќата - вели мајка ми.
-И? - прашувам јас.
-И ги препознавам.
-И?- пак јас.
-И знам дека тие се наши.
Тогаш ми текна дека пред неколку дена ме праша за човекот што пред
некоја ноќ го сетила како минува низ дневната и си седнал во кујната. Се
сетив дека ја убедував како сигурно немало никој и дека и'
се сонило. Mи беше интересно да ја слушам како прашува за нешто кое
обично се заборава по сабајлечкото мочање, i ако не го заборавиш, обично
не го превалуваш пред друг.
-И?-продолжувам да прашувам. -Какви се звуците?
-Да, знам дека тие се нашите- тивко си повтори.
- И после?
-Тогаш тебе обично ти паѓа капакот од тенџерето.
м:мравки
Кога
на зајдисонце фаќаш некоја височинка во паркот и легнуваш во препечената
трева под некое големо дрво, многу е можно да те полазат мравки. Јас не им
се лутам, а тие к'о да знаат, лесно се протнуваат низ ракавите и од кај
ногавиците, па ми шетаат по рацете и ме скокоткаат по гради.
Пред да си одиш можеби посакуваш да ги
истресеш од себе заедно со сувите тревки и ливчиња, а можеби, оставаш
така, додека си врвиш по патот, сами да паднат. Како и да е, секојпат кога
станувам да си одам, им кажувам по нешто.
Вчера кога си дојдов дома, го отворив
прозорецот, легнав долу на подот и осетив нешто по стомакот,
но не
загледав. Го препознав скокоткањето по градите кое се прошири по вратот се'
до тилот.
Тоа се тие - си реков и знаев дека веќе
не им можам ништо. Ги има толку насекаде и така многу што, еве, деновиве
дур' те чекам да дојдеш слушам како да ми кажуваат по нешто за тебе.
п:подрум
Среде лето, кога дома станува
пеколно врело и ѕидовите не можат преку ноќ да ја пуштат сета топлина што
ја впивале со денови, си седам во подрум на ладно. Низ воздухот лебди
остатокот од ланската туршија и некој бајат мирис. Во ќошот до полицата со
тегли забележувам ноџе. Крај скалите кои слепо завршуваат во темелите и
прават триаголник во кој е тутнат стар двосед, се гледаат две глави, едната
стркалана близу ѕидот, меѓу нив чифт нозе, малку понатаму едно свиткано
опавче. На двоседот лежи мачка со маче. Мачето сеуште цица, мачката не може
да стане. Над нив на наслонот стои накострешен мачор, не скока, а ме гледа
право в очи. Мирисот на бајато стежнува и секнува. Глетката е
изненадувачки вистинита. Има се', фали само
воздух. Како во секоја семејна сцена по жестока караница.
а:автори