2007:јануари/февруари
општ
конкурс
с:стојанова евгенија
д:дејн
Ме прашуваат за Дејн, а
и јас толку добро не ја познавам, колку што многу прашања има, колку што
кашлања има кога таа поминува.
Дејн не беше од тука. Нејзината мајка еден ден ја најде на патот и реши да
ја роди. А, не знаеше дека раѓањето е тешко. Како нешто да недостасува
потоа. Тогаш Дејн го напушти местото. Едноставно си отиде. Па, ништо и не
останува - рече таа, а можеби и подобро е така, без ништо да остане, без
да застане. Така луѓето одат, така се пронаоѓаат. Така и Дејн, тргна,
тргна без да застане, без да остане. Тогаш Дејн тргна да го бара она што
недостасува, да го најде. Таа одеше насекаде, ги посетуваше околните
планети, ги надгледуваше, лажно се петставуваше, се насмевнуваше. А, Дејн
беше убавица, како од најубав мермер дрво, со гранки кои милуваат, беше и
како птица, секако преселница. Топлината ñ беше постојано потребна, за да
ги затоплува местата каде што престојува, да ги изгорува местата со
сонцето на главата. А, Дејн ја бараше месечината, Дејн ја бараше
темнината.
Тој ден, Дејн дојде на мојата планета. Сите прозорци беа отворени и
светлината беше наоколу. Вратите беа затворени, но тоа не ñ пречеше додека
спиеше. А, јас тогаш се разбудив, ги отворив очите и решив да се родам.
Решив да се родам и се родив самиот, се родив од сонот на Дејн. Се родив
тивко, се родив без плач. Плачот дојде подоцна, со смртта. Можеби беше
задоцнет, а можеби ме оживеа повторно, а можеби и ме надживеа. А, Дејн
спиеше и не беше свесна за тоа. Не беше свесна ниту за моето присуство,
зашто и јас бев на планетата. Тогаш јас ја отворив вратата и влегов. Се
прикрадов тивко и без збор. Си седнав на празното место и тогаш Дејн се
разбуди. Тогаш и јас станав и почнав да чекорам во собата, меѓу ѕидовите,
меѓу световите. А Дејн, таа почувствува дека не е сама, за прв пат Дејн ме
почувствува мене. Тоа беше силно чувство, Дејн ги фрлаше предметите во
собата, Дејн удираше по ѕидовите, силно врескаше, но Дејн за прв пат беше
беспомошна. Јас бев тука и тоа беше тоа. Тоа беше наша заедничка желба,
моја и на Дејн, но таа тогаш тоа не го знаеше. Тогаш јас и Дејн бевме луди
од љубов. Јас од љубов, а Дејн од лудост.
Планетата беше понекогаш тивка и кога Дејн ја скрши вазната сите слушнаа.
Дојдоа многу соседи, па некои и од соседните планети. Дејн не можеше да се
смири, врата не им отвори, а само кратко им довикна од прозорецот да си
одат во своите домови. На Дејн не ñ беше потребен никој. Таа сакаше да
биде сама. Но, јас бев тука и тоа беше тоа.
Јас и Дејн живеевме заедно. Јас живеев тивко, а Дејн беше толку бучна.
Дејн зборуваше долго, а јас молчев долго. Соседите наслушнуваа, тие
озборуваа, се погледнуваа. А, Дејн врескаше на сиот глас.
Еден ден Дејн и официјално се пожали до власта. Тие дојдоа, направија
претрес, но не најдоа ништо. Јас бев тивок. Тогаш Дејн мораше да оди на
преглед. Докторот ја прегледа, но не најде ништо. Јас бев преплашен. Па
можеше да се случи и Дејн да ја задржат во болницата, а таму јас не смеев
да се појавам, поради Дејн. Таа ќе беше во поголема неволја. Ќе имаше
долги испитувања и за двајцата, а можеби ќе останевме таму засекогаш. Но,
сепак, сî добро се заврши. Дејн беше на слобода. Но таа не мислеше така,
сî додека јас бев тука. И тоа беше тоа. Од болницата до дома Дејн беше
тивка. Размислуваше за моето присуство и како да живее со тоа, како да се
буди и како да заспива. Ние живеевме заедно, во иста соба, во иста куќа,
ние живеевме заедно. Куќата беше на неколку ката и ние не бевме секогаш во
иста соба. Така Дејн се чувствуваше подобро. Така размислуваше таа. Но сî
додека ние бевме на различни места немирот беше поголем, нередот беше
поголем. Јас бев горе, а Дејн долу, јас бев долу, а Дејн беше горе, јас
бев на скалите, Дејн беше во кујната, Дејн беше во бањата, Дејн беше во
кадата, а јас бев пред вратата. И немирот беше тука. И Дејн знаеше за тоа.
Знаеше дека прстите од нејзината рака ја одвртуваат славината од чешмата,
прстите ја соблекуваат облеката, ја ослободуваат топлината, светлината. А,
и јас бев тука и тоа беше тоа. А, Дејн не беше срамежлива. Дејн беше
копнежлива. Како да беше ден кој ја раѓаше ноќта од утробата. А, беше дете
на слободата.
Дејн ги сакаше луѓето. Од сите планети. Тие доаѓаа кај нас, таа одеше кај
нив. Еден ден таа отиде, некој ја повика. А, мене ништо не ми беше јасно,
каде одеше таа така одненадеж. Сметав дека знае што прави и бев мирен.
Мирен? Брзо ги собирав мислите и ги ставав во ред. Но тие сепак бескрајно
ме збунуваа. Бескраен немир.
А бескрајно беше и моето гладување кога Дејн не беше тука. Таа одеше и го
носеше сонцето со себе, на главата. И така јас немав со што да ја
приготвам храната. Мојата храна беше ладна, јас немав со што да ја
загреам. Таа го имаше сонцето. И одеше далеку некаде. А јас ја очекував,
како мало дете кое сака да порасне. Ја очекував и како испосник,
размислував за животот поминат со неа. Јас доаѓав до смртта. Кога таа
доаѓаше. Доаѓаше во последен момент. Доаѓаше топлината, доаѓаше храната.
За мене. И тоа беше тоа.
А, кога бевме сити... ние танцувавме. Слушавме долги концерти и се
насладувавме. Како јагоди во шлагот, а ние во него. Го имавме нашиот
десерт. И тоа беше тоа. А Дејн се противеше, таа ги затвораше сите дупки
од своето тело. Таа сакаше да биде сама. И тоа беше тоа.
Еден ден отиде. Како и секој ден. Сега тоа се случуваше често. Премногу
често за мојот стомак. Премногу често бев сам. И Дејн беше сама. И тоа
беше тоа. Таа одеше насекаде, ги посетуваше околните планети, ги
надгледуваше, лажно се претставуваше, се насмевнуваше. И тогаш се враќаше.
Беше тажна, беше радосна, беше влажна, со мокри очи, со делови од срце, а
понекогаш и без срце. А, јас ја дочекував со подготвена постела, зашто
патот беше долг и таа беше изморена. Требаше да се одмори. И тоа го
правеше. Но, потоа сî беше исто. На Дејн не ñ беше потребен никој. Таа
сакаше да биде сама. Но, јас бев тука и тоа беше тоа.
А, Дејн ги сакаше луѓето. Од сите планети. Тие доаѓаа кај неа. Доаѓаа и си
одеа. За нив немаше место во куќата. Јас и Дејн живеевме заедно. Куќата
беше на неколку ката и ние не бевме секогаш во иста соба. Јас бев горе, а
Дејн долу, јас бев долу, а Дејн беше горе, јас бев на скалите, Дејн беше
во кујната, Дејн беше во бањата, Дејн беше во кадата, а јас бев пред
вратата. И Дејн знаеше за тоа. Затоа за нив немаше место во куќата. И тие
си одеа.
Сî додека еден ден јас не си отидов. Тоа беше ден како и секој ден. Дејн
отиде некаде. Ја немаше долго. Ја немаше за доручек, ја немаше за ручек,
ја немаше за вечера. Тогаш дојде смртта. Јас бев мртов. И тоа беше тоа.
Дојде и Дејн. Дојде мртва. Плачот дојде со смртта. Можеби беше задоцнет, а
можеби и ме оживеа повторно, а можеби и ме надживеа. Јас си отидов.
Едноставно си отидов. Па ништо и не останува, а можеби и подобро е така,
без ништо да остане, без да застане. Така луѓето одат, така се пронаоѓаат.
Така и јас тргнав, без да застанам без да останам. Тогаш тргнав да го
барам она што недостасува, да го најдам. Одев насекаде, ги посетував
околните планети, ги надгледував, лажно се претставував, се насмевнував.
А, јас го барав сонцето, ја барав светлината. И тоа беше тоа.
Сега сум тука. И како некои гласови да слушам, како да доаѓа. Дејн, дали
си тоа ти?