2007:јануари/февруари
жанровски конкурс
с:стојаноска габриела
г:години:28
п:професија:
Дипломиран филолог по Општа и
компаративна книжевност
gabistoj@yahoo.com
к:клиторис
Едно по едно, две негувани стапала се ослободуваат од високите потпетици.
Како одѕвонува осаменоста по скаливе? Струкирано сако и бел чипкаст
градник – столицата добива крилја. Вечерва не доаѓа. Светли, припиени
фармерки - хармоника на подот. Нема како и зошто, немам ни прашање.
Сребреникава танга атерира во корпата за валкани алишта. Се разбира, јас
имам разбирање, уметникот ќе твори, отстапувам пред неговиот повик од
вечноста. Фармерките провиснуваат од двете страни на закачалката. И мене
ми треба одмор. Црна долга коса под капата за туширање. Ако не посака да
наврати некоја пријателка. Скок од газела до телефонот. Така, ќе помислат
дека не сум дома. Млаз топла вода низ тушот.
За една недела ќе полнам четириесет и пет нежно речиси проѕирно чоколадно
лице точно толку мажи досега поминале низ мојов живот подигната брада од
првиот бакнеж со Сашко во градинка брчки околу стиснатите очни капаци па
сите оние со кои само сум се шетала за рака изложеност на водопад и
бакнувала до појас тело и вода матна слика па првиот секс со Коста тенок
врат со белег од прва старост место огрлица и сите други повеќе и помалку
впечатливи широки оцртани рамена побрзо и побавно минливи гради кои не
загубиле ни грам достоинственост се до последниов Дамјан рамен стомак
четириесет и пет барем толку испливаа од сеќавањето на списокот што го
правевме завчера со Еленица како само ја остави цигарата во пепелникот и
брзо го покри ситно испишаниот лист со двете раце рече кажи ти прва кога
брбна да се смее штом доброив хистерично зајадливо и со ликување сунѓер
млеко пења сунѓер пења ќе се превртеше од столицата врз која седеше по
турски ако не ја задржав сунѓер сунѓер сунѓер шеесет и три со нејзините
триесет и три ха, ха, ха… до мои години ќе може да се натпреварува со
најголемите љубовџики од Холивуд фрги фрги вцрвенети нозе од горе до долу
или со курвите на Бит Пазар
ладни влечки мека фротирка долго тапкање зошто без врска споредби Ники и
двете сме вработени и тоа не било што туку токму тоа што дипломиравме па
кој има таква среќа денес и живееме сами никому сметка не полагаме и сите
сметки од свој џеб ги плаќаме некој подарок патем знам дека не ти значи
ништо го има колку и во секоја друга врска, ние и онака би спиеле со нив
ние или барем јас трагаме по идеалниот љубовник можеме ли да се
оквалификуваме како врвни проценувачи на машкото мајсторство
студено мед и млеко крем за тело намовната кожа можеме како повремено
разочарани консументи на нереално напомпаната машкост минаа годините кога
барав само добар ебач иако изгледам како ќерка и на школскана Сандра со
која се сретнавме во ГТЦ иако овој стомак никогаш не пораснал и се уште се
шета со гол папук иако Спа центарот го претворив во мој дом и иако сум
како за насловница како што велиш ти ти би требало да знаеш дека
надворешното одамна не е единственото со кое се занимавам кога се во
прашање мажите со кои ги минувам ноќите
идеален љубовник колку не Еми раѓа овој свет ладен чај со вкус на лимон
миризлива цветна и топла постела машко мајсторство какви непотребни лаги
не е срамно незнаењето само по себе срамно е немањето желба да се учи
голтка по голтка ми доаѓа партал да ги направам нека се знае нека читаат
можеби ќе експериментираат ќе им пуштам на интернет што ќе им напишам па
може вака ќе им ставам наслов Клиторис ќе ги привлече да прочитаат зашто
ним им е привлечно се што на било кој начин асоцира на пичка а после после
можам вака
Сте слушнале ли за клиторис? Добро знам дека сите сте чуле, не мора да ми
ги набројувате останатите нагалени или омаловажувачки имиња со кои го
нарекувате. Ууу браво! Знаете и каде се наоѓа! А зошто тогаш на десетина
од вкупно дваесет и осум мажи со кои сексуално сум општела морав да им ја
носам раката која се изгуби барајќи го, а на тројца дури и да им скицирам
вагина со неговата местоположба? Да не генерализирам и да не ве
потценувам? Добро, знам знаете дека тој е една од најсилните, ако не и
најсилна ерогена зона на женското тело. Како нема да знаете кога тоа го
трубат оние списанија што ги криете под кревет, од малечки? Освен тоа, ако
сте имале секс со барем една жена релативно подолг временски период, таа
сигурно не оставила на случајноста вие да бидете информирани за врелите
точки на задоволството на нејзиното точкасто тело. Па зошто тогаш, ако
сето тоа го знаете, не го употребите вашето знаење? Знам, знам, го
допирате, го трилкате, го шмукате… па што сакам повеќе? Е па, сакам.
Триесетина мажи во мојов кревет до сега, ми даваат за право да сакам
повеќе, и да бидам огорчена, и да го кревам мојот глас, да ве срамам пред
себеси и пред останатиот женски свет. Благодарам, не сум фригидна кучка,
доживувам често оргазми, и тоа какви… но морам да ви признам, барем за
половината од нив сум се погрижила јас во текот на самиот чин додека некој
од моите партнери бил сконцентриран на одложувањето на ејакулацијата или
одржувањето ерекција. Секој својата мака, така? А, не. Јас мислам обратно.
Спојувањето не е исто што и мастурбацијата нели, во тоа е и суштината, да
направиш што повеќе за другиот. Подарената честичка љубов и внимание не се
троши, нема каде да избега или испари, се враќа како бумеранг и носи
пријатни ежења под кожа. Не, не, ни најмалку, не сакам да кажам дека сте
себични ѓубриња, зашто тоа би било најголема лага, кога умирате од потреба
да ја излудите во екстази жената до вас. Само сакам да ви помогнам.
Сфатете го серизно клиторисот. Израсток, малку потсеќа на вашиот, затоа ли
не обожавате да го третирате тој “машки дел на женското тело” ? Малечок,
неугледен, нема вишок кожа, нема ни глава, можеби затоа ве збунува и не
знаете што да му правите. Не, нема да ви давам упатства. Потполно
посветете му се. Сеедно е што ќе му правите. Слободно препушете и се на
фантазијата. Измислувајте нови начини на дразба, креирајте, допрете го на
сто и еден различен начин, стоплете го, изладете го, изненадете го.
Шепотете му, дишете му, наслушнувајте…
Николина ја остави чашата врз фиоката. Ја намести перницата и легна
странично. Би имало уште многу. Цели фермани. Но, не треба да се брза. Да
беше техниката најважна, одамна не ќе го чекав вака. Веќе две години го
учам, вистина Дамјан е седум години помлад од мене, но жени сепак имал
доволно, не знам зошто не умее да се стрпи, да не буричка пред време во
вечно топлово бунарче веднаш под клиторис… и после размачкува, вештачки ги
навлажнува жедните бразди. Не дека не е убаво, се што е од него е убаво,
но не е тоа тоа. Нека проба да биде уметник и во сексот, нека направи
чудо, нека дозволи бунарот недопрен од волшебното стапче да избие како
гејзер. Ќе биде поплава каква што не сонувал. Ќе може да се натопи целиот.
Длабоко вдиша и издиша. Раката сама и одлута.
Претпоставувате каде?
з:зграда
(прв
дел)
Првиот впечаток ми беше
прекрасен. Почиста зграда не сум видела! Ѕидовите се беспрекорно бели, а
плочките како во аптека! Малку подоцна, еден дечко, кој се качуваше на
мојата постојка и за кој претпоставував дека живее во близина, ми рече
дека е единствена во квартот која се варосува три пати годишно. Станарите
колективно ја варосувале на почетокот на секое ново годишно време, освен
кога почнува зимата. Исто така не плаќале чистачка, туку сами според некој
список ги чистеле скалите.
Токму затоа, не можев да сфатам од каде доаѓаше еден крајно непријатен
мирис кој ме пречекуваше кога се враќав од работа попладне или од шетање
доцна навечер. Еднакво интензивен на секој кат, со мали разлики, во
нијанси, заради пареата од јадењата која се ширеше различна од под секој
праг. Сепак бев задоволна што мојот нов стан не мирисаше така и заборавав
на него штом ќе влезев внатре.
Но, не помина многу време, открив дека новиот дом има други недостатоци, и
тоа не така лесно занемарливи како лошиот мирис.
Беше невозможно да се спие во него. Изолацијацијата беше никаква. Ги
менував креветите, собите, спиев на подот во кујната, секаде беше исто. Не
помагаа ни дебелите перници, ни тампони за уши, ни гласна музика. Кога да
решев да спијам, страшното реално шоу почнуваше. Низ ѕидовите, од
плафонот, од таванот ќе почнеа да надоаѓаат разни непријатни звуци,
лупања, крцкања, урлања, пцовки, цели расправии… Се ќе занемарев ако
постоеше барем некаква граница, ако кавгите не преминуваа речиси редовно
во тепачки, и ако секоја вечер не бев поплавена од премногу болка, барем
за мене неиздржлива. Како да бев затворена во стаклено ѕвоно, но со
фабричка мана – не пропушташе ниеден убав звук внатре туку само плач. Плач
во различни бои и интензитети, но континуиран и цврст како забетониран за
моите уши. И никако не го пушташе плачот надвор… колку и да отворав
прозорци, врати, или барав спас по телефони. Ми немаше спас. Со тек на
време почнав да ги распознавам гласовите, да ги разликувам личностите што
страдаа… како ги запознавав, така ги засакував и ја подземав нивната
болка. На крајот, ќе се најдев себеси стуткана во некој ќош, се тресам
небаре рането пиле на подот, и до бессознание повторувам: „Те молам
Господе нека престанат!“
******************************
Место добредојде
Беше петок. Топол и раздвижен, идеален за крај на работната недела.
Потпевнувајќи си в ум, се враќав со полни кеси. Со вселувањето и досадното
средување завршив претходната вечер. Три дена работев неуморно, па мислев
само на тоа како ќе му влезам на тушот во светнатото купатило, а потоа
конечно ќе се одморам. Затоа чинев и потпетиците ми пееја, а и луѓето со
кои се разминував како да потскокнуваа во специфичниот петочен ритам.
Целата во облаци, влегов во зградата. На втората кривина ме изненади
некаков неубав звук. Како да слушнав плачење. Закочи плочата. Продолжив да
се качувам. Плачот се засилуваше. Премина во врескање, пиштење, дерење.
Застанав пред вратата на мојот стан. Со клучот в рака прислушкував, ако
може да се нарече прислушкување следењето на болката која се ширеше
горе-долу по скалите. Неодредено. И како машко, и како женско. Тоа не е
моја работа и го свртив клучот. Ги оставив кесите на шкафчето за чевли, но
не можев да се натерам да ја затворам вратата. Како крадец, се поткачив на
четвртиот кат. Плачењето доаѓаше од петтиот, последниот. Одеднаш чув едно
тапо, стравотно бам, бам, бам... Ме измести. Ми порасна косата нагоре,
кадриците ми се исправија како шила. Некој леден страв ме поткрена. Морам
да направам нешто. Сигурно се оние тројца средношколци – се качував преку
две скали – кои се клештат навечер кога се прибираат. Се имаат степано
близнаците, братот со сестрата или со третиот? Збеснале. Ќе се испоубијат.
Нема кој да ги раздели. Се фатив за кваката на вратата зад која се
случуваше тепачката. Заклучено. Три пати долго притискав на ѕвончето.
Најпрво ударите престанаа. Дерењето полека се претвораше во липање и
стенкање. Најпосле грозна тишина. Слушнав троми, бавни чекори. И вратата
се отвори. Се здрвив. Огромен црномурест маж. Полуоблечен, долни тренерки
и бела маица подуена од лубеницата во стомакот, бос. Црвени образи,
испотено чело, вкрвавени очи:
- Повелете госпоѓице?
- Се извинувам... Имате... малку шеќер?
Ме измери. Дотерана, на штикли, со кармин на усните и чантичка префрлена
на едното рамо. Барем да имав филџан во рацете.
- Немаме. Пријатно!
Брзо ми ја затвори вратата пред очи. Го стави и резето. Како да стоеше зад
неа. Затропав со штиклите надолу. Треперев како луда. Оној ѕвер ѕверски
тепа некого. Ги собув чевлите и ги фрлив низ врата во претсобјето на мојот
стан. Боса, на прсти, се качив пак горе. Полудувам. Безоѕирно
прислушкував.
- Вие ќе вриштите? Вие ќе ме срамите? Е сега ќе видите! Рс! Плус! Плас!
Рс! Плас! Рс! Рс!... Плус! Плас!...
Врнеше некој ремен. Мене ме шибаа електрични шокови. Господе штонаправив?
Боже што правиш? Кај си?
- Да не сум ве слушнал да писнете! Ни глас! Заради вас се качи горе нована
госпоѓица од трети... море, мајката ваша ќе ви ја расплачам!
- Што да направам? Сторив уште полошо... Пригушено плачење... Да пријавам
во полиција? Ќе знае дека сум јас... Да побарам помош од некого? Се
развртив.
- Ви треба нешто миличка?
- Не. Да... всушност...
- Знам, еве ви шеќер и одете си в соба. Ќе настините, сте премрзнале на
бетонов.
Пристара госпоѓа, со два-три витлера на косата, излезе од станот од
спротива и, како да не се случуваше ништо необично, ми пикаше в рака
подврзано најлонско кесиче со шеќер.
- Ама...
- Не помислувајте на враќање. Кога ќе ми затреба нешто и јас ќе побарам.
За тоа се соседите.
Што ми зборува оваа... и зошто ме испраќа дури до прагот на мојот стан?
- А сега сварете си чај и најдобро ќе ви биде да не излегувате никаде.
Пријатно миличка! Само одморете се.
Истуширана во сопствената пот, под ќебе се обидував да го смирам пребрзото
срцебиење. Не можев да си сварам чај. На јадење не ни помислував. Имав
сила колку да се јавам на С.О. С. службата. Тие ми го дадоа бројот на
социјалното, а оттаму ми рекоа: „ Ааа... Вие мора да сте новата од третиот
кат? Без гајле, го следиме случајот. Сепак, благодариме на повикот.“
Наредните денови, при секое враќање дома, се плашев од случајна средба со
црномурестиот маж. По една седмица таа стана неизбежна. Надворешни скали
на споредниот влез. Ми рече најобично „ Добар ден, госпоѓице“. Неколку
чекори зад него сретнав висока, испиена жена. Му помагаше на едно
седум-осумгодишно дете да слезе по скалите. Беше очигледно дека тоа нема
само физички проблем, туку и пречки во психичкиот развој. Колку личи на
татко му, помислив. Жената усрамено се поднасмевна и ми рече:
- Добредојдовте.
- Благодарам.
Кога мажот и влезе во автомобилот, таа додаде:
- А кога ќе си одите? Јас... онака... по битолски.
Ги кренав рамената. Се мислев што да одговорам на вакво неочекувано
прашање. Но, жената како да не прашала ништо, го внесуваше полека своето
синче во автомобилот што брмчеше.
з:зграда
(втор
дел)
Клупата пред влезот
Има паркче пред зградата. Малечко, зелено. Има три клупи. Првата е секогаш
зафатена. Кога е топло, секое попладне седат двајца старци, маж и жена.
Наутро, старата госпоѓа е во друштво на една девојка која постојано титка
на телефон. Таа е вонредна студентка на правниот факултет и заработува
некој денар чувајќи ја старицата четири часа. Кога е ладно седи само
старецот. Без морето. Зашто, жена му е модра како море. Не заради
Хемингвеј. Модринките се секојдневни преселници на старата набрана карта
од кожа.
Очите на морето се секогаш свртени кон земјата. Со часови, со денови.
Мислиш ги брои и меморира зрнцата песок. Мислиш препознава слики, мозаици
во нив. Знаеш, не е ни тука, а не е ни таму.
Кога студентката е убаво расположена, а и кога и е приклучен мобилниот
телефон да се полни на терасата, веднаш над клупата, таа се обидува да ја
потсети на животот наоколу: “Види, тетка Ружо, како нагоруваат жолтине
лисја... До вчера бегавме под сенка, а денес е веќе дваесетти октомври.
Две илјади и петта. Ама, крени ја главата горе! Види, ене куче. Буби на,
на, на! Еве куче. Гледаш какво е? Како не душка! Да го избркам? Ама, тебе
ти е сеедно... Марш бре таму! Ајде чику!”
Денес е еден од оние посреќни денови кога се случува каков-таков
дијал-монолог ( дефиниција: разговор што се загубува патем ):
- Тетка Ружо, знаеш која беше оваа?
- Аа.
- Знаеш?
- Е, како не знам?
- Кажи како се вика?
- Павлинче.
- Павлинче? И, што ти рече Павлинче?
- Заминува на училиште.
- Не, тетка Ружо, не беше Павлинче.
- Не?
- Не. Твојата Павлинче е далеку, преку океанот. Сега таа испраќа внуци во
градинка. Оваа беше Вера. Вера е жена му на Коле, другарот на твојот
Васко. Како само те испофали. Рече дека таква добра душа и чесна личност
ретко се среќава. Многу си и се нашла порано кога и било тешко. Ми се
причини дека просолзи за тебе. А и ти си ја научила мајсторски да готви.
Списка, како среќна пауница, дека пред некој ден ја избрале во некое
специјализирано списание за „Вредна жена на годината“. Вредна Вера. Ја
знаете Вера?
- Аа, ја знам.
- Е, која беше оваа Вера што помина?
- Сестра ми, ме вика мама. Морам да влезам внатре. Ручекот е на маса. Ајде
пријатно! Јас сега морам да си одам, зашто ќе се налутат, гладни се.
- Ама седи тетка Ружо, кај си тргнала! Никој не те чека! Васко ќе те
посети дури утре, а рано е за чичко Предраг, тој ќе се врати дури по еден
час. Седи сега до мене. Седи кога ти велам!
Тоа се ретките бранувања на сепомазната површина.
Кога старецот го чува морето, тоа е стакло. Темно и загледано во своето
дно. Не знаеш кој од кој е поосамен. Старецот одвај чека да намине некој и
да го зафати со муабет. Барем да размени два-три разумни збора.
- Еве, ја изнесов бабичкава на свеж воздух. Не се доседува дома. Се здрви
на фотелја, кутрата. А твоите? Како се по дома? Те слушаат? А, ха, ха...
Мора да слушаат. Ајде оди. Оди, оди, бркај си работа, немај гајле. Остави
нè нас, ние сме денгубници. Нам тоа ни е работа. Утре сме пак овде...
На третата, поодалечената клупа честопати се прават вакви и слични
разговори:
- Неколку дена и се подисчисти лицето, заличи трошка на човек. Ми беше
помило да ги гледам. Вчера, кога слегов да го приберам детево, ја гледам:
пак џигер модра околу око. Ако веруваш, ме пресече. Тој ми вели: „Што да и
правам? Ем не ја бидува, ем само станува. Ете, ја врзувам за фотелја.
Сношти излегов, да ми простиш, до понадвор, се враќам, ја најдов на земја.
Ја одврзала шамијата и се има удрено во ќошот од масичето. Само нурка.
Само паѓа. Си ја зедов белјата и јас со неа. Ах, што ме казни вака Господ!
Што не ме зеде пред неа, овие маки да не ги тргам...
- А, сега маки, ааа... А како го гледаше таа него до пред две години? Цел
живот како господин. Сè на послужавник. Предраг ова, Предраг она. Сега ќе
се врати Предраг, брзам да му го подготвам омиленото... Ах, мори Ружо,
душо страдна, што ти подготвил тој сега тебе? И што виде ти од животот?
Тој арно се изнашета по светот... кариера, пари, службени патувања,
екскурзии, одмори...
- Додуша, на лето морињата ги гледаше и таа. Едно време, паметиш, секој
викенд, на шопинг во Грција. Нема што тука, нивниот стан беше најуреден од
сите, и секогаш по последна мода.
- И што дека? Чуму им е сега сето богатство. Павлинче е далеку, а и таму
начека. На Васко не му треба, изучи детето, сам си печали. Тек-тук ако
изнеси нешто. Сето друго фаќа прашина и скапува, жено. Се шири мирис на
старудија оттаму. Да може само еднаш со други очи да види Ружа, веднаш ќе
си умре, ќе му ги скрати маките на оној ѓавол. Кога ќе помислам само каква
домаќинка беше...и немаше рамна! Кутрата што дочека. Одличи, одчовечи...
Пу, Пу, Пу, само од таква болест да не чува Господ. Да не ни се мачат и
децата.
- Да не подмавнува и она студенткана. Сомнителна ми е. Многу пати кога се
качувам по скалите ја слушам, се дере од петици: „ Колку пати сум ти рекла
да не одиш нон-стоп по менеее! Не ме оставаш да дишам. Седнувај таму! Ти
дадов јадење, изетчике една, цело тенџере исрка! Ајде на место. На
фотелја! И престани со таа лента, и мене ќе ме избудалиш!“
- Не ми се верува... Што знам? Кој ќе ти каже? Можеби ја поттурнува по
малку... Или грубо, сосила ја седнува, но да ја тепа - не верувам... Млада
е, уште има нерви... а и ќе ја избркаат ако ја сетат. А оној - се губи.
Вака, надвор, денски, арен е човекот... Што му станува навечер, дали се
теши со некоја чашка ракија?... не знам, тешко нејзе. Отсекогаш бил
нервчик, ама сега никако да се крене над ситуацијата, да ја разбере
болеста, да се помири... Не беше лош човек, само ете, попушти... Му фали
старата Ружа, а на оваа се изживува. Како не му е срам. Летово, зошто не
ја слекоа по кратки ракави? Судејќи по лицето и роговине на глава, телоно
и е џигер модро. Баш некни и ги загледав нозете, и реков на студентката
дека е време за повисоки чорапи да и обува, што да ти кажувам, модра како
море мастилаво.
- Ќе му дојде редот и него некој ден. Слушај ми го зборот. И тоа за брзо.
Го видов Васко вчера како излезе... пребледен и песосан.
- Вистина? Оти јас го видов кога дојде, се разминавме на скали, стоеше со
онаа онде, со нована од трети, слушаш, вака тивко му шепотеше, а тој, како
замајан.
- Тоа е. Таа и таму зеде ред да става, што не си се среди самата, Ружа ќе
ја средува. Нејзе Господ не може да и помогне. Кутрата, ништо не знае.
Само она старото. Да ти кажам: Ги слушам пред некој ден, одозгора,
студенткана ја зафркава, го арчи времето: „Што ќе ти е Предраг? Ај, да
земам еден стап, па да го тепам, тепам, да го истепам до смрт! Нека умре
како пес! И замисли ја Ружа, како што е наведната, ја подискоси главата на
кај неа, ја крена сувана рака и и одврати: „Ако ти ја плеснам една!“
После, оваа ни две-ни три: „Тетко Ружо, го сакаш Предраг?“ А Ружа и враќа:
„ Аа, го сакам.“ Кога зедоа да се смејат, едната ќе се подмочаше, другата
безгласно, со расчепатена беззаба уста, и ја тресе вилицата како да кажала
нешто срамно. И мене, на сета мака ме насмеаја. За момент помислив дека е
пак онаа старата.
На втората клупа, среде октомври замрзнувам јас.
з:зграда
(трет
дел)
Ви велам, злото се дуе
како престасано тесто во секој стан. Кој и да излегува надвор мора убаво
да се намачи да го истапка навнатре за да не претече од под прагот или низ
клучалката. Гостите што доаѓаат треба да бидат најавени, за да се наполнат
претходно сите дупки, плакари, висечки елементи, фиоки, касели со него.
Ако гостите носат деца, нервозата расте, зашто потребно е да се внимава
тие мали неразбранковци случајно да не отворат некој шкаф, па да им се
струполи врз глава валканата смеса. Не за друго, ќе станат цели лепливи и
ниту со топла вода не ќе можат да го отстранат тестото. Ќе го понесат
неговиот застоен мирис со себе кога ќе заминат.
Последните денови? Некако ми се измешани. Сеансите под мојот кревет
стануваа неиздржливи. Слушав страшни удари и урликања од болка, а потоа
ритмички повторливи звуци кои доловуваа некаков сексуален чин кој никако
не можев да го поврзам со задоволство. Кавги, пцуење, лупања на врати,
цимолење. Не можев да им го најдам крајот. Се сеќавам, кога истрчав од
влезот надвор врнеше ситно снег. Првиот снег... „Смири се. Знам сè за
станот под твојот – момчето од постојката ми зборуваше додека ме собираше
од клупа. Одиме горе да се облечеш, а потоа ќе прошетаме. Ти не можеш
ништо. Нема што да сториш. Ќе помине. Вразуми се. За нив животот си тече,
суров каков што го знаат, судбина им било, но зошто и твојот да се
претвори во пекол? Ти само слушаш и нагаѓаш – ние гледавме. Мојот
прозорец, од некогашната заедничка соба со сестра ми, е токму спроти
нивниот. Таткото е беспомошен. Страда за двајцата, кутриот. Синот е малку
забеган од раѓање, но не толку колку сестрата. Тој сепак комуницира со
надворешниот свет, иако само на ниво на добрососетска култура и внимание;
подлабоки врски нема изградено. А сестра му беше здраво девојче, се до
смртта на мајка и. Оттогаш се сменија работите. Му излегоа од контрола на
таткото. Тој сам се грижи за сè, готви, пере, спростира. Душа добар е
човекот, се обидува да воспостави каков таков ред, но тешко. Заради него
не ми успеа петицијата што ја собирав за да ја одведат ќерка му некаде
каде што ќе биде побезбедна, а и да и пружат соодветна нега. Не се потпиша
никој од зградата. Ги молел да го одржи на куп семејството, барем додека е
жив. Се правдал со тоа дека таа никому лошо не сторила. А сестра ми
порасна со нивното лудило. Ноќни кошмари и мокрења во кревет. Изгризани
нокти и тело на штрек. Кога ќе почнеа, одвај ја додржувавме. Со маки ја
смирувавме. И завеси, и расипани ролетни, на крајот спиеше во родителската
соба, ни тоа не помогна. Само промена на средината. Кога замина во Софија
се прероди и таа и ние...
Јас? Не. Јас не ја премачкав нивната врата со црвено. Не се мои дебелите
стрелки за надвор со кои се обележани скалите. Ни тоа HELP пред самиот
влез не е мое. Што знам, можеби некому му останала премногу боја после
Прочка или после Велигден. Да продолжам? Е па не знам, од сето помеѓу, што
претходи, а што следи. Добро, знам дека во еден момент се најдов во
детската соба на средношколецот зависник што живее во станот десно од
мојот. Мислев дека имам право на тоа, зашто со неговата соба сме лепенки,
не дели еден ѕид. Како немам право? А како тие се мешаат во мојот мир
секоја вечер? Го чекаат да се врати до доцна, и после ќе му влезат со
стапови. Колку пати му викаат да ја тргне јамболлијата од глава и удираат
кај ќе стигнат. Како да нема глава, туку тиква. Ме боли до срж тоа
тропкање.
Што видов? Кога влегов, детето не даваше отпор. Само лежеше. Татко му го
расонуваше швркајќи го со синџир. Најверојатно дрогирано претходната ноќ
не можеше да му одговори зошто не бил на училиште цели две недели. Целата
ужасната викнав: „Престани! Ќе ти викнам полиција! “ А тој, уште поналутен
ми рече: „ Ајде, оди викај полиција “ и почна да го шврка сè побрзо. Ме
фати паника. Почнав да се тресам и да викам ко луда: Те молам престани,
престани, престани... Не знам како сум изгледала, но тој престана. Ме
одведе во дневната и ми даде вода. Жена му ми подаде лажиче шеќер. Јас
цело време повторував: Однеси го на психолог, тој ќе му помогне, не вака
со ќотек. Однеси го на психолог, на психолог! му повторував неосмелувајќи
се да му речам дека заедно со детето треба да одат и тие двајцата.
Не, тие не се лоши луѓе. И двајцата се добри, културни. Тој е професор по
музичко, таа работи во Општината, а имаат и штала со крави на село. Многу
се вредни, домаќини луѓе. Само со синот сега, не знаат како. Пробаа и со
арно и со лошо, не бидува. Тие тоа го прават за негово добро, од љубов.
Љубовта навистина знае некогаш да биде ужасно сурова. Тоа е. Барем еден
ден го спасив од болка. Кога си заминував, не беа истите луѓе што ги
затекнав кога упаднав. Којзнае што прават сега? Јас ги сакам сите. И
повредените, и повредувачите. Не сакам да страдаат. Ме боли нивната болка.
Не можам да седам со скрстени раце.
- Ве молам сестро, слечете и ја кошулава. Дадете и нешто покомотно. Може
од оние тренерките, побарајте и број.
- Останува докторе?
- Да, треба да поработиме малку на овој случај. Погодете кој седи пред
вас? Таа се замислува дека е Мајка Тереза. Дозволете и да си одбере соба и
кревет во нашава зграда.