2007:јануари/февруари
општ
конкурс
s:silent storm
б:блискост
Таа беше само на
неколку сантиметри од мене. Можев да го осетам нејзиниот мирис. Не можев
да се сетам најдобро на првиот ден кога ја видов. Таа за мене беше како и
сите останати девојки. Не знаев дека таа првиот пат на сосема друг начин
ме видела. Ден по ден се посилно ја гледав како индивидуа. Нејзините
уникатни движења, умеренета насмевка, нежниот глас во кој не се
чувствуваше ниту една вибрација на несигурност и двоумење и нејзините
прекрасни зелени очи тотално ме освоија и го скршија моето ладно срце. Но,
додека сето тоа се јави кај мене, беше касно. И еве сега сме свртени грб
со грб, јас во прегратките на некоја девојка, а таа бакнувајќи некој тип.
п:пред затворени
порти, дел 1
Пред
градската банка беа запрени неколку полициски автомобили чии сирени не
престануваа да бучат и кои го нарушуваа спокојството на илјадниците
граѓани кои врвеа низ гратските улици. Полицијата беше тешко вооружена со
пушки насочени кон влезот на банката. Пред многуте полициски автомобили
имаше и еден бел автомобил кој беше во сопственост на двајца луѓе кои
секогаш преферирале заработка на брз, но тежок начин, односно начин кој
секогаш оставал сериозни последици. Еден од нив беше свесен за тоа. Ова не
му беше прв пат да влегува со пушка во банка вперувајќи ја на банкарскиот
оператор.
Човекот е иронично суштество. Никогаш не се задоволува со тоа што го има и
секогаш бара повеќе и тоа го постигнува по секоја цена, притоа не
внимавајќи дали си наштетува на себеси или на тие околу него. Патетично е
тоа што човекот е толку материјално приврзан кон се што е околу него и што
духовното во него полека умира. По потрага по таквата лажна среќа, ги
заборава потребите на неговата душа. Зошто на човекот мора да му се случи
нешто непосакувано, за да започне повеќе да го цени својот живот?
Во таква ситуација се наоѓаше и ветеранот во кражби, но може да се рече
дека и искусните прават грешки. На крајот на краиштата човечки е да се
греши. Но, сепак оваа грешка знаеше и самиот дека скапо ќе ја плати. Се
што посакуваше во моментот е да избега со умот и телото и да се разбуди во
некое далечно место, лежејќи на мек кревет покрај својата одамна
заборавена љубов. За миг успеа да побегне, но мислата му беше прекината од
гневниот поручник кој упорно ги повторуваше истите зборови, мирно да се
предадат на полицијата. Воопшто не го планираше ова, во планот не му беше
предвидено неговиот нов партнер по злочин да биде ранет, а тој без
размислување да го возврати ударот и да го убие полицаецот што беше
единствено обезбедување во банката. Од помислата на доживотен затвор тој
почна да паничи. Не можеше да се смири, рацете му трепереа, а срцето силно
му биеше. Со едната рака цврсто го имаше зграпчено пиштолот, а другата му
беше блиску до градите, допирајќи мал предмет од под кошулата. Ја избриша
потта од челото, ги затвори очите и почна да изговара тивко некои зборови,
зборови со кој бараше спас од оваа ситуација. Во тие неколку моменти, тој
ја донесе својата одлука. Тој го зема малиот предмет во раката, се упати
кон една млада девојка, силно ја потегна и ја стави едната рака околу
нејзиниот врат, а со другата и го впери пиштолот во слепоочницата. Силен
плач ја наруши мртвата тишина во банката. Тој ја турна напред кон излезот.
Кога се појавија пред вратата, на поручникот не му се допаѓаше
ситуацијата. Тој издаде неколку наредби преку своето токи-воки. Крадецот
упорно се дереше полицијата да отстапи, за да може да избега со колата под
закана дека ќе ја убие младата девојка. Тој направи уште неколку чекори,
но не стапна во неговата кола, туку во својата смрт. Снајперистот му даде
скоро безболна смрт погодувајќи директно во неговата глава. Тој падна на
земјата, а од неговите раце ги испушти пиштолот и предметот, мал крст кој
му влеа надеж дека ќе се спаси. На некој начин тој можеби го најде своето
спасение или пак светот најде спасение со тоа што неговите гревови никогаш
нема да може да ги повтори.
п:пред затворени
порти, дел 2
Во
моментот кога куршумот го проби неговото чело се* се стемни пред неговите
очи. Повеќе не можеше да го осети неговото срце како чука, ниту можеше да
вдиши воздух во градите. Наеднаш пред него блесна силна светлина, која
набрзо беше помрачена од една висока силуета. Тоа беше ангел кој лебдеше
во воздухот со неговите долги раширени светло сиви крилја.
- Дојди - му рече ангелот и со мала смирена насмевка му ја подаде својата
рака.
- Дали сум мртов? - збунето праша човекот.
- Да, твоето тело е мртво, но како што и самиот можеш да се увериш твојата
душа е сеуште жива. Не плаши се.
- Каде ќе ме однесеш?
- Верувам дека го знаеш одговорот на тоа прашање.
Со недоверба човекот се фати за неговата рака. Беше изненаден од тоа што
му се случуваше. Иако беше верен на својата вера, неговата верба не беше
доволно силна да поверува дека навистина ова може да му се случи по
неговата смрт.
- Држи се цврсто - повторно му проговере ангелот и замавта со крилјата.
Со голема брзина тие полетаа кон јаката светлина и само за неколку мига
стигнаа до облаците. Местото од каде што доаѓаше светлината која беше се
пробила низ густите облаци беше портал. Тие минаа низ него и се најдоа на
место каде што имаше илјадници човечки души кои беа наредени во долга
колона.
- Јас морам сега да те напуштам. Чекај го својот ред. - Ангелот се збогува
со него и се врати низ истиот портал.
По кратко време, откако ангелот го напушти, почувствува голема празнина. И
навистина беше така. Тој го имаше загубено материјалниот дел од себе.
Првото нешто што го забележа кај себе и што му беше навистина чудно, беше
тоа што немаше можност да ги гледа работите околу себе на начинот како што
ги гледал порано. Немаше ни сетила за вид ни за слух, но сепак тој можеше
да гледа и да слуша благодарение на својата душа. На одреден начин таа
беше поврзана со местото во кое се наоѓаше и со сите нешта што се наоѓаа
во него. На моменти можеше да се почувствува како да е едно со сите
останати души и да ги слушне нивните гласови. Се обидуваше да се сети на
своето минато, но неговите сеќавања за својот живот полека избледуваа и не
се враќаа. Сакаше да заплаче, но не можеше. Колоната пред него изгледаше
бесконечна, а времето како да беше запрело. Се почувствува заробен во тоа
време кое не беше сегашност или минато, ниту пак иднина. Тој ниско лебдеше
над густите бели облаци и одвреме навреме се поместуваше за неколку
стапки. Тој потона во заборав. Наеднаш силен глас го освести.
- Не си првиот што дошол на ова место и се почуствувал изгубено. Има
голема вистина дека телото не е комплетно без душата, па и душата без
телото. - му рече една силуета облечена во бел долг мантил која стоеше на
мал облак кој лебдеше повисоко од другите.
- Дали е ова рајот? - праша душата.
- Рајот е зад оние порти - силуетата со десната рака му го покажа местото
- но, за жал засега можам да ти посакам само добредојде во четвртата
димензија. Можеш да забележиш дека овде се губи чувството за време,
односно времето овде е запрено, со единствена цел: јас таканаречениот
Судија да можам да го резимирам животот на секоја душа од моментот на
нејзиното прво вдишување на воздухот на Земјата, па се до последното
издишување и заминување на душата од материјалниот свет, а потоа да и го
одредам нејзиниот понатамошен пат. Илјадници луѓе умираат секој ден,
незамисливо би било да времето на ова место да биде исто како тоа на
Земјата. Така за мене ќе биде невозможно да ги спроведам сите души, па
затоа и ова место постои. - Судијата за момент запре со зборувањето и се
замисли - навистина морам да признаам дека човекот е едно патетично
суштество.
- На што мислите, не ве разбирам? - збунето праша душата.
п:пред затворени
порти, дел 3
- Да почнам од почетокот. Сте се родиле како син на татко земјоделец и
мајка учителка во мало градче. Вие сте биле единственото дете што тие го
имале и затоа цела нивна љубов ја посветиле на тебе и нивна цел во
иднината им била да дадат се од себе за да овозможат да се изградиш во
една стабилна личност со надеж дека ќе ја продолжиш семејната лоза. И сега
доаѓаме до првиот факт кој го потврдува моето претходно изјаснување за
човекот. Луѓето навистина не знаат за благодарност и не можат да ја
препознаат и да возвратат на добрината која им се дава во текот на нивниот
живот. Како дете си се чувтвувал или барем си имал впечаток дека си
заробен помеѓу четири ѕида и дека не можеш да дишеш. Не си ги сакал своите
родители, мислејќи дека премногу заштитнички се однесуваат спрема тебе и
те прават ограничен, иако тие тоа го правеле мислејќи најдобро за тебе и
сакајќи да те заштитат од вистинаската суровост на светот. Нивните зборови
и совети за тебе биле само ветер и магла. Не си го слушал својот татко
кога ти велел дека само со тешка и напорна, но чесна работа може да се
успее во животот и зборовите на твојата мајка дека вистинското богатство е
духовното што го имаш во себе, а тоа се твоите, мисли, чувства и знаење.
Наместо да им бидеш благодарен за мудрите зборови, ти си им го завртел
грбот. Чудесно е колку човекот е приврзан за материјалното и наместо тој
да има контрола над него, се случува обратното. Така желбата за успех и
пари те натерала да го напуштиш твоето родно место, незнаејќи дека со тоа
ја напушташ твојата вистинска среќа. Единственото нешто што си го понел од
својата скромна куќа била верата. Сепак не си ја примил како нешто свето,
туку како навика, слушајќи ги секојдневните молитви на твоите родители. Во
големиот град си нашол работа од која си имал пристојна живеачка. Наскоро
си ја сретнал личноста која за многу брзо време станала дел од твојот
живот. На некој начин среќата која што си ја напуштил ти се вратила. Но,
не, човекот никогаш не може да се задоволи со тоа што го има и секогаш
бара повеќе и повеќе. Во тебе се појавила страста, но и слабоста за
добивање и губење на пари на брзиот начин. Исходот од таквите твои
постапки бил фатален. Начинот кој што си го применил за да го вратиш
долгот и загубеното бил несоодветен. По неколку твои успешни “подвизи” си
бил фатен од страна на човечкиот закон кој твоите постапки ги наплатил со
неколку години од твојот живот. Покрај твојата загуба на неколку бесценети
години си ја загубил и личноста која била многу посебна за тебе.
Човековата гордост е широка колку сите океани на светот и таа е крива што
човекот никогаш не се учи и опаметува од своите грешки. Веднаш штом си го
вдишил свежиот и чист воздух, повторно си се вратил на стариот пат заедно
со човек сличен на тебе, експерт во својата област на работење. Но,
неговата стручност не била доволна за да го спаси од смртта. И не само што
човекот не учи од своите грешки, туку ниту од туѓите. Неговата смрт
воопшто во тебе не внела двоумење за да престанеш со таквиот начин на
живот и дека тоа што го правиш е сосема погрешно. Наместо тоа, си нашол
нов партнер и еве твоето присуство овде ја кажува последицата од твоите
постапки. Неколку моменти пред твојата смрт цврсто си се држел за предмет
кој за вас луѓето е свето нешто и си барал излез, спас, слобода. Многу ми
е чудно што луѓето не можат да резберат дека тие се креатори на својата
судбина. Си можел да се извлечеш од својата смрт уште пред многу време,
само требало да се покаеш и да го смениш начинот на живот. Гревовите да ги
покриеш со добри дела. Но, таквото покајување дошло предоцна. За момент си
се каел дека си живеел погрешен живот, си се каел за сите лоши работи што
си ги направил, си се покајал што си ги изневерил луѓето кои што се
сакале, но само за момент, бидејќи после таквото сопствено признавање за
сторените гревови, ти повторно си се вратил на темната страна заканувајќи
се дека ќе сториш уште еден грев, да убиеш млада невина девојка. Во
материјалниот свет веќе си платил за стореното, време е да платиш за
своите гревови и во духовниот свет. - со гнев ја изговори својата последна
реченица Судијата.
п:пред затворени
порти, дел 4
Душата целата трепереше, знаеше дека сето што го имаше кажано судијата е
вистина. Не сакаше да се брани и спротивставува, повторно се каеше за
своите сторени гревови додека бил човек.
- Дали тоа значи дека...?- со несигурност душата ја почна реченицата.
- Да и за жал овие рајски порти за тебе ќе останат затворени долго време.
Во душата се појави некоја искра на лутина, не и беше сеедно каде ќе оди,
се плашеше од тоа место кое и следува.
- Зарем Вие пред да станете светец не сте биле човек, зарем не сте
направиле ниту еден грев?
- Човекот не се цени и почитува по тоа колку богатство создал во својот
живот, туку по тоа колку добри дела направил. Да и Јас еднаш бев човек,
човек кој го водел својот обичен живот и кој гледал по секоја цена да
преживее во тие тешки времиња се додека еден ден не се пробудив и ја
разбрав целта на моето постоење. Во такви моменти кога ќе се осознаеш
себеси, правиш ретроспектива на својот живот и се покајуваш за сите свои
грешки и се обидуваш да надоместиш за погрешно стореното. Јас ги измив
своите гревови со добри дела и доле на Земјата кога сретнував луѓе кои
живееле погрешен живот, јас не ги мразев туку се обидував да им го покажам
вистинскиот пат, патот кон вистинската слобода и спасение на душата.
Навистина е тажно што верувањето кое сакавме Јас и моите браќа да го
пренесеме на останатите луѓе, денес е изобличено од таканаречени верници
кои низ вековите секогаш го ставале богатството пред верата.
- Што ќе се случи со мене откако ќе отидам во пеколот? Ќе останам ли таму
вечно?
- Не, таму ќе останеш одредено време за да пострадаш за сите сторени
гревови, а потоа ќе преминеш во Чистилиштето каде што твојата душа ќе ги
заборави сите лоши особини како што се љубомора, завист, омраза. Конечно
кога ќе бидеш очистен, рајските порти ќе се отворат за тебе каде што ќе се
одмараш се додека твојата душа не биде одредена да оди повторно на Земјата
во нечие новородено човечко тело.
- Дали тоа што повторно ќе одам на Земјата значи дека сум имал и претходни
животи?
- Да тоа е точно. - му одговори Судијата.
- Тоагаш зошто воопшто не се сеќавам на ниту еден претходен живот?
- Премногу прашуваш. Одговорите на тоа прашање воопшто не се битни и да ги
знаеш ништо не би можел да сториш за да го промениш тоа. Па мислам дека
време е за збогум. И уште нешто, не си ја имав довршено мислата за мојот
коментар дека човекот е патетичен. Каков верник си ти, ако не знаеш дека
откако ќе умреш не се оди дирекно ниту во пеколот ниту во рајот туку кај
мене.
Душата не успеа ништо да изговори, под неа се отвори портал од кој
излегуваше оган и лава и душата пропадна во него.
- Следниот! - гласно изговори Судијата.