2007:јануари/февруари
општ
конкурс
s:she
н:нимфа
Дријада беше една
обична нимфа кojа беше заробена во тело на стаорец поради клетва фрлена за
некoj грев на нejзините родители. Откако знаеше за себе живееше во едно
дабово дрво во средината на централниот градски парк и не се дружеше многу
со другите стаорци бидејќи знаеше дека е подобра од нив. Останатите нимфи
го мислеа истото за неа како таа за стаорците, така што таа не се
вклопуваше во ниту еден од двата круга.
Секоја вечер таа излегуваше на ливадата покрај езерото и се дружеше со
Месечината, уживаше во нејзиниот отсјај во водата и се капеше во нејзините
зраци додека чепкаше по ѓубрињата што ги фрлиле туристите во текот на
денот. Тоа го правеше целиот нејзин живот и никогаш не се надеваше дека
некој ќе ја препознае нејзината вистинска душа, токму поради тоа што
уживаше во друштвото на Месечината. Покрај неа се чувствуваше среќна и
сигурна, нејзините ноќи беа исполнети со љубов бидејќи знаеше дека
Месечината сјае токму за неа и за никој друг.
Една ноќ, после нејзиниот дваесет и некој роденден, толку многу се заигра
со Месечината што не ни почувствува кога заспа на брегот наместо да се
врати во својот даб како и секоја ноќ пред муграта. И тогаш, за прв пат се
запозна со полниот сјај на Сонцето, изворот на делумната светлина што и’
ја посветуваше Месечината. Беше вчудоневидена како некој може толку да ја
сака за да може толку да ја грее, да ја милува толку убаво по нејзиниот
грб, како да не приметува дека нејзиното крзно е толку грдо. Го помина
целиот ден покрај езерото капејќи се без грижа, трчајќи меѓу луѓето и
трошките кои ги фрлаа и за кои гулабите се тепаа. Не и’ беше грижа за
ништо, беше воодушевена од новиот свет кој го запозна благодарение на
Сонцето. Вечерта не можеше а да не и’ се придружи повторно на Месечината,
која отсекогаш била толку нежна спрема неа. Но, овој пат додека Месечината
ја допираше со нежните зраци, Дријада мислеше на Сонцето и неговата силна
топлина. Во муграта наместо да се повлече во својот даб, остана покрај
езерото и со нетрпение го чекаше него, додека Месечината полека заоѓаше
зад дабовата шума.
Ја љубеше Месечината, а се заљуби во Сонцето. Со денови не спиеше, ги
сакаше тие два вечни извори на светлост, толку блиски и толку различни. Но
набрзо почна да чувствува умор. Нејзината љубов беше бескрајна, но
нејзиното тело не беше бесмртно. Знаеше дека не може да продолжи без сон.
Не сакаше да си признае, но знаеше дека мора да избира. Со солзи на очите
во муграта реши да не го чека повеќе Сонцето и отиде во својот даб. Но,
наместо да ја стигне сонот кој ја бркаше толку долго време, таа продолжи
да плаче слушајќи го веселиот џагор што се слушаше од паркот. Плачеше од
дното на душата, плачеше за Сонцето, за Месечината, плачеше за неа и
својата судбина. Откако надвор се' стивна, полека се извлече од нејзиното
дрво. Знаеше дека Месечината нема да се појави уште некое време, па полека
се одвлечка до езерото и се погледна во него. Водата беше необично мирна,
и таа зачекори во неа, полека. Плачеше како да и се одзема животот, губеше
здив по здив.
Сфати дека Месечината е дел од Сонцето, а дека за неа и Сонцето некогаш ќе
и стане Месечина. После долго време поминато под вода, таа реши никогаш
повеќе да не излезе на површината.. за никогаш да не мора да избира меѓу
нив. Солзите се сврзуваа со капките, како што почна да се сврзува
нејзиното тело со езерото... и таа повторно се претвори во нимфа! Клетвата
на Дријада беше конечно скршена. Оттогаш беше позната како Лимнада -
езерската нимфа која се заколна никогаш повеќе да не љуби.