2007:јануари/февруари
жанровски конкурс
р:романов андреј
romanandrej@yahoo.com
г:готик девојка
24 08 2001 Шехерзада
Стамбол, семинарче Креативни начини за известување за радио и. . . така
нешто. Со колегата Бјорсон од Норвешкото радио го пиеме третиот Гинис. На
Бјорсон му објаснувам дека таму од каде што доаѓам, Шехерзада е место каде
што се јадат благи, а не стриптиз бар со големина на ракометно игралиште
на кое што околу шипките се вртат девојки со црвена танга, мали цициња и
лице прекриено со проѕирна шамија. Бјорсон се смее и ми вели дека ништо не
разбира. Ебате култоролошки разлики, а веројатно е и пијан.
Излегувам од клозетот, се мијам во големиот ред на чешмички. Вака заедно,
со повеќе луѓе си ги имам миено рацете само во градинка. Некој на англиски
ме прашува дали јас сум тој што пишува. Малку подзбунето се вртам в десно.
Пред мене стои висока девојка, црната коса ù паѓа на рамењата, очите и се
ситни, а кожата необично бела. Црната маица без ракави ù е припиена до
телото. На долгите тенки раце некакви црни нараквици од некој фин
материјал, кои почнуваат од подлактицата и завршуваат на почетокот на
дланката. Покажува на мојата акредитација на која што со крупни тегет
букви пишува International semminar за на на на. Се одзбунвам и велам дека
јас сум тој што повеќе зборува кога е во просториите на радиото.
- Entertainment gay.
- Точно, велам entertainment.
- Video kill the radio star.
Ми го врти грбот, гледам како црните чизми што допираат до колениците се
одалечуваат. Звукот на штиклата се слуша низ ходникот на тоалетот. Чудно,
во огледалото. . . не, веројатно премногу пиво.
25 08 2001 Златен рог
Бјорсон ми рече дека го боли главата, па вечерва нема да можe
да се журкаме. Местово го пронајдов во
хотелскиот проспект. Рекламче: Златен рог -
автентичен дух на ориентот.
Меанче за туристи на кои што не им е доволна посета со водич низ Света
Софија. Демек сакаат да се запознаат со животот и луѓето во Истамбул. Две
простории. Едната стандардна кафана - шанк и
масички. Финтата е во втората- фонтанчиња, перници на земја и празни
наргилиња. Веројатно филџан Агроплод го наплаќаат по десет евра.
Си седнав на шанкот (во европската
страна) и си викнав една кригла Гинис.
- Златниот рог не е она што некогаш беше. Ко ќе ми текни порано каква
врева се креваше овде. Знаеш некогаш ова беше пристаниште.
- Да? Не знам, првпат сум во Истамбул.
- И како?
- Нашата некогашна престолнина. Супер местенце.
- Памети и далеку пославни времиња.
Девојката која во Шехерзада ме дефинира како enteratinment gay и ми
објасни дека видеото ме отепало уште пред 20 години. Нормално, како што е
ред се понудив да частам еден Гинис. Ми рече дека чека некоја другарка и
дека се договорени да палат на некое друго место. Таман помислив дека
културно ме откачи, ми рече дека утре може да се видиме! Супер, и онака
утре е последен ден од мојата стамболска експедиција.
Зеде ливче и нешто ми начкрта. Другарки ù дојде за некоја минута. Необично
убава. Си личеа како да се сестри. Набрзина ја запозна со мене и заминаа.
По некоја минути дојде едно типче и ми рече дека не мора да плаќам и
сместа да се губам од кафичот. Ако одбијам го вика обезбедувањето.
Шанкерот гледаше де во огледалото, де во мене и уплашено подголтнуваше.
26 08 2001 Визант
Таксистот мораше преку радио станицата да праша некој колега за мојата
адреса од ливчето. За муштерија од Македонија би направил сè
- ми рече мустаклијата.
Ме истовари на некој испустена ширинка близу до морето. Покажа со прстот
на една стара куќа. Ближејќи до куќарето, почнав да слушам како ечи хеви-
метал. На вратата ме пречека тип со избричена глава. На крупниот врат
имаше истетовирано полумесечина.
- Ти си веројатно пријателот на Ирена. Јас не би те пуштил внатре, ама
кога таа веќе запнала. По скалите па надолу.
Ирена ( значи така се викаше entertainment gay)
беше на една маса со уште две долгокоси момчиња и девојката која што вчера
ја запознав. Сите облечени во црно. Се насмевна кога ме виде. Седнав. Со
мојата бела изгужвана кошула, избледени фармерки и кратка коса бев ретко
животно во ова друштво.
- Слушам дека си се запознал со Исмаил. Типот на вратата. Знаеш, тој како
и секој аристократ од земјопоседничка провиниенција е по малку сноб
- рече Ирена.
Визант, слабо осветлена визба, имаше немалтерисани ѕидови.
Црвено-портокаловите тули обвиваа трисетина долгокоси момчиња и девојки.
Побарав пиво, на што келнерката ме погледна вџашено, а еден од мојата
маса, оној со сребрен прстен со еднорог почна да се смее. Ирена се
приближи до мене и ми шепна дека во Визант не служат пиво, зашто тоа е
премногу, премногу несоодветно. Вредеше да се направи ваква несоодветност
само за усните на Ирена да се доближат до моето уво Таа и ми порача некоја
ракија со фенси име.
- Па момци ситe вие сте од Стамболов?
- Да, ама само Ирена е родена овде, рече типот
со прстен со еднорог. Марко е од Венеција, јас од Лондон, а пак Наташа од
Москва. Марко и му помогна на стопанот на овој локал да дојде до куќата.
Знаете овде неговото семејство своевремено, не толку одамна, имаше еден
вид на претставништво од комерцијален карактер.
- Овде во Стамболов?
Марко не рече ништо.
- Би сакала градот да го викаш Константинопол- ми рече Ирена, звучи
поубаво.
- Кажете ми господине Романов, ме праша Наташа, да не сте случајно во
сродство со царското семејство?
- Не знам, ама ќе прашам дома.
Ирена прсна да се смее, а другите ја изгледаа прекорно.
Вечерта помина во неврзани муабети за тоа како Стамбол не е она што бил
некогаш. Дробеа за сенаторски фамилии, хиподром, василевси и султани, ти
реков-ми рече. Сакав да тропнам дека покрај Discovery Civilization има и
други ТВ- канали, ама се сетив дека не реагираат на хумор. Дојде времето
за класичната финта, малку е овде задушливо, па ако сака Ирена може малку
да прошетаме.
Саладин 25 08 2002
Дискотека со напредна технологија: разнобојни рефлектори шараат низ
темницата. Музиче: Let me , let me entertain you. Вчера ми беше роденден,
па Ирена ми поклони книга: Lost souls. Ѕирнав кратка содржина на Амазон.
Банда од тинејџери-вампири шетаат низ Америка и прават работи од кои што
на човек му се крева косата: оргии во кои што покрај стандардните
комбинации машко-женско, има и машко онади машко, женско- женско. И реков
на Ирена дека јас не сум некој ексцентричен аристократ, туку фино
воспитано дете од средната класа, и мислам сега книгава, и ако навикнала
на нешто друго . . Ми ја стави раката на рамото, онаму каде што уште
стојат трагите од нејзините заби:
- Верувај животот на куртизана во венецискиот кварт на градов станува
досаден по само дваесет години.