т:темплум  


2007:јануари/февруари
жанровски конкурс

м:муцко

г:години:30
н:нешто за себе: Ја знам најголемата тајна, Тајната на Универзумот
emperor.mucko@gmail.com




 

м:мојот цимер Ескобар

Кога првпат дојдов овде, во вечниот град Рим, веднаш бев пленет од неговата убавина, и посакував таму да останам вечно. Дојдов со образовна намера – да студирам докторски студии по математика на римскиот универзитет Сапиенца, кој со над 400.000 студенти е најголемиот европски универзитет. Првиот ден не успеав да најдам преноќувалиште, па затоа ноќта ја поминав под ведро небо, на малиот плоштад во близина на легендарниот Пантеон – храмот на сите античко-римски богови. На плоштадот има една фонтана со обелиск во средината, која е на повисоко ниво од плоштадот до кое водат три скалила, на кои обично седат млади луѓе. Јас прилегнав на второто скалило, што ми послужи како кревет, а за добра атмосфера се погрижи живата виолинска музика од класичните италијански ресторанчиња околу плоштадот.
Наредниот ден бев на факултет, та се распрашував меѓу колегите, дали има некој на кој не му е решено станбеното прашање во Рим – заедно да побараме стан, или да му требам како цимер во веќе вселен стан? Тогаш ми пријде еден латиноамерикански мулат велејќи ми:
– Мене ми треба цимер! Изнајмив куќа со две соби во блиската населба Сан Лоренцо, на само 5 минути пешачење до факултетов! Киријата ќе те кошта 250€ месечно + околу 50€ за сметки!
– Може, ми одговара! – му одговорив без да се двоумам, оти не сакав уште една ноќ да спијам под ведро небо. – Јас сум Никола, доаѓам од Македонија! А ти?
– Јас сум Игнасио Ескобар, од Колумбија!
Неговото презиме Ескобар ми беше од некаде познато, ама дали беше од некој политичар, или уметник, не ми текнуваше! Дури по неколку месеци сложен цимерски живот, се осмелив да го прашам:
– Во ушиве ми одѕвонува познатото име „Пабло Ескобар“ од Колумбија... Кој бил тој? И да не си ти во роднински односи со него?
– Пабло Ескобар беше сопственик на кокаинскиот картел во колумбискиот град Меделин – ми одговори цимерот, без да се возбудува. – И јас потекнувам од Меделин, веќе ти кажав; само не сум во никакви роднински односи со него, нити сум член на мафијата! Во животов не сум ни пробал кокаин! Едноставно, презимето Ескобар е доста често во нашата област!
*
Животот со мојот цимер Ескобар ми беше доста пријатен; дури и цигарите што ги пушеше не ми пречеа, како на непушач! Исто така, и утринското кафето што го вареше за двајцата нас многу ме распложуваше, од што добивав поголема желба за учење.
Ескобар често беше отсутен во вечерно време од станот, што ми даваше доста време за да му се посветам на учењето. Заедно одевме и на журки, но само кога не спремав испит.
Една вечер, нешто по полноќ, како „ѓаволот да ме натера“ да го потпрашам за неговиот став за дрогата:
– Што мислиш, како би било дрогата да се легализира, оти зависниците ионака ќе најдат начин да дојдат до неа? И притоа дебело да се оданочи, па наместо профитот да оди за нарко-босовите, да остане во државата за капитални инвестиции, здравство, наука и култура?
– Супер ти е идејава! – ми одговори цимерот. – Со парите од легализираната дрога би ти се помогнало и за тебе, како научник, да напредуваш во кариерата!
Не помина ни минута, на вратата од нашата куќа силно тропнаа непознати вулгарни луѓе:
– Отворете, полиција!
Јас, непријатно изненаден, станав и отворив, а полицаецот ми се развика:
– Што тоа споменувате дрога, да не сте дилери? Земете документи за идентификација и појдете со нас во полициската станица! За неколку минути ќе обезбедиме и налог за претрес на вашиот стан!!
До раните утрински часови нé држеа во полициската станица во нашата населба Сан Лоренцо, испитувајќи нé што сé знаеме за дрогата, особено за колумбискиот кокаин. Јас ништо не знаев и немав што да признаам, нити пак мојот цимер. Изутрината нé пуштија, кога стигна резултатот од направениот претрес:
– Овие навистина биле студенти на докторски студии! Не најдовме ни кокаин, ни некоја друга дрога, собите беа полни со математички книги и тетратки со решени задачи!
*
Ете така, си минуваа нашите цимерски години, без поголеми конфликти. Додека на Ескобар студиите му одеа послабо, јас своите четиригодишни докторски студии ги крунисав со докторат. После одбраната докторатот направивме урнебесна журка во изнајмената куќа. Ми дојде времето да се разделам од мојот цимер Ескобар и да се вратам во Македонија; тогаш тој инсистираше да направи сериозен разговор со мене:
– Никола, сиве овие години прикривав, но сега кога се разделуваме после многубројните изминатите убави заеднички моменти, треба да ти кажам кој сум навистина. Јас, Игнасио Ескобар, сум син на еден братучед на вистинскиот Пабло Ескобар! Во Рим сум дојден како амбасадор на нашиот кокаински картел, и ја контролирам дистрибуцијата на кокаинот што доаѓа во Европа. Тоа што овде наводно студирам докторски студии, е само параван, за да се прелаже полицијата!
– Зошто мораше да ми се откриеш? – прашав изненадено.
– Бидејќи ти веќе си станал зависник од кокаинот! Од микрограмските дози кокаин што ги вдишуваше од моите цигари, и од моето кафе... од него се чувствуваше така пријатно; од него дури и ти се зголеми интелигенцијата како и желбата за учење! Од друга страна, со фаќањето на половината тон кокаин и апсењето на Станислава, балканско крило на нашата мафија остана осакатено! Единствено на тебе имам доверба, оти од многуте балканци што ги знам, само ти никогаш не си ме излажал!
Така, од Рим се вратив дома не само како доктор на науки, ами и како мафиозо. Сепак, фрлив паричка во Фонтана ди Треви, за некогаш пак да се вратам во секогаш романтичниот Рим!
 



 

н:намалете ги долгите светла!

Виктор расположено си возеше од гратчето Варен кон градот Кливленд во американската сојузна држава Охајо. Го имаше вклучено CD-плеерот од чии сараунд звучници трештеше турбо-фолкерскиот глас на Шакира, терајќи го и него малку да подзаигра во своето возачко седиште. Ова му беше единствената забава за време на октомвриското ноќно патување; вистинската забава го очекуваше по половина час во стриптиз барот во Кливленд, кон кој беше упатен.
Но, таа вечер не успее да пристигне во стриптиз барот, оти му се случи еден многу мистериозен настан: одненадеж ветробранското стакло на неговата кола се распарчи, и ситните стаклени срчи ги прекрија предните седишта на колата... одвáј успеа да закочи... Кога не би биле автомобилските стакла направени со посебна технологија, срчите ќе имаа остри рабови и сигурно потешко ќе го повредеа; вака заврши само со неколку незгодни удари од стаклени зрнца по очите и по устата.
Изненаден и избезумен, Виктор посегна по мобилниот телефон бирајќи го 911, што во САД е заеднички број за повикување (зависно од потребата) на полиција, итна медицинска помош или на противпожарна бригада:
– Ми се случи нешто неочекувано, нешто ептен необично: ми се здроби ветробранското стакло! Одвај закочив, за малку ќе излетав од коловозот!
– Ништо не е необично – возврати гласот на полициската телефонистка од другата страна. – Не сте прв; овие денови имаше неколку случки како вашата! Ајде проверете да не има некој предмет со кој било скршено ветробранското стакло?
– Чекајте малце... – Виктор ги пребара седиштата и подот на колата, па се изненади од тоа што го пронајде – Еве, најдов една голема железна грутка, голема речиси колку тупаница! Да ме погодеше мене, можеше и да ме убие!! Кој педер би можел вака душмански да ми фрли олкаво железо врз мене?!?
– Не знаеме, но бидете сигурни дека нашата полициска станица ќе го фати сторителот. Изминативе неколку недели веќе се пријавени десетина случаи како вашиот, при што во првите беа најдени камења, а во поновите железни грутки со кои било скршено стаклото... Уште еден детаљ, Ве молам: дали ги имавте вклучено долгите светла?
– Се разбира дека ги имав вклучено, ноќта е темна како зандана!
– Знаете – го укори полициската телефонистка – законите кај нас наложуваат да се намалат долгите светла кога ви доаѓа возило отспротива... За овој прекршок полицијата вообичаено не казнува, но еве се нашол некој друг возач кој сака казната да ја земе „во свои раце“!
*
Пред еден месец, во една иста таква ноќ и на истиот пат, само во спротивна насока од Кливленд кон Варен, својот камион го возеше Глен Роџерс. Изморен од целодневното напорно возење, тешко се концентрираше, а временските услови на патот беа лоши – септемврискиот дожд што заврна пред неколку часа веќе се беше заледил, нанесувајќи тенок слој на опасна поледица врз асфалтот.
Во овие тешки услови за возење, „фалеше“ само уште еден проблем: возачите кои патуваа во спротивната насока ич не го фермаа наближувањето на камионот на Роџерс; додека тој секогаш ги намалуваше долгите светла, другите возачи не ни помислуваа да ги намалат своите долги блескави светла, кои му го одземаа видот! Ете, повеќето кривини на патот ги измина по сеќавање, заради секојдневното патување на оваа патна делница, не можејќи убаво да гледа...
И тогаш се случи тоа: кај една кривина влево, од спротивната страна доаѓаа три коли една по друга, од кои ниедна не покажа „кавалерски однос“ намалувајќи ги долгите светла. Блесокот од шесте фарови беше до толку силен, што Глен Роџерс воопшто не гледаше до каде е патот... Почувствува дека излетал од коловозот дури тогаш кога шоферската кабина се стресе заради возењето на десните колца по нерамниот терен крај патот. Роџерс закочи, но камионот се излизга по поледицата... и за малце ќе се превртеше, и ќе загинеше!
Да, тој навистина можеше да загине! Но возачите кои го предизвикаа неговото излетување од патот оти не ги намалија долгите светла, ќе си заминеа по патот, поминувајќи неказнето пред законот! Затоа тој, Глен Роџерс како единка, треба да ја земе правдата во своите раце, да им се одмазди на сите оние несовесни возачи кои не ги намалуваат долгите светла кога отспротива им доаѓа друго возило!
Првин почна да фрла камења по таквите возила, но се покажа дека некои ветробрански стакла се доволно цврсти и не се кршат при удар со камен. Еднаш од превезуваше железни грутки со големина на лимон, од кои во валавниците се прави челичен лим; ѓаволски му текна во својата шоферска кабина да задржи неколку од нив, со кои следните недели ги гаѓаше несовесните возачи! Притоа, заборави дека железните грутки се доволно големи за нивниот удар да убие човек...
*
Ноќта на 12 декември 2006, Халин (како што го изговараа нејзиното име во САД) се враќаше со својот сопруг Мајкл кон Кливленд. За разлика од сопругот, таа беше помалку искусен возач и го игнорираше правилото за намалување на долгите светла... Тогаш од спротивната страна на патот наиде Роџерс со својот камион, и фрли кон нив една железна грутка; тешкото железо не само што го скрши ветробранското стакло, ами и го удри Мајкл по левото рамо, предизвикувајќи болно нагмечување и обилно крварење.
– Жено, следи го ова расипано копиле, додека јас ѕвонам на 911 од мобилниов! – изусти Мајкл, додека со голем напор со здравата десна рака го бираше телефонскиот број. Халин упорно го следеше камионот на Роџерс, онака ревносно како што древните Ахајци ги напаѓаа Тројанците заради грабнувањето на нејзината имењачка Елена.
Шерифот Ден МекКлеланд успешно ја организира полициската потера, која го фати бунтовниот Глен Роџерс попречувајќи му го патот. Така падна овој донкихотовски „борец за правда“, гледана од негов агол.

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања






















































































































































































































 

  д:дома