т:темплум  


2007:јануари/февруари
општ конкурс

м:меновски рубин




 

м:момент

Наеднаш се се затемни. Наеднаш белите облаци, кои во секој момент се менуваа под спарното сонце во коњи, локомотиви или пак желки, исчезнаа некаде. Отидоа заедно со небесното синило, а место нив се појави темното сивило носено од некои црни, тмурни и тешки од бол и бес облаци, кои го скрија сонцето во нивните сенки.
Болката и бесот што ги носеа облаците почнаа да се растураат низ земјата и влегуваа во секое делче исполнето со воздух. Влезе во мојата соба, во мене, во секој мој атом на силата и се што можев да направам беше да вдишувам се подлабоко, очекувајки да ме надвладеат заедно со лошото и тмурно време и конечно нешто да се случи. Но испадна нешто што не очекував, нешто почна да ми зборува, ми рече да чекам, има време, да бидам смирен и да чекам.
А тоа не беше ти.
Да, тоа не беше ти, застаната до прозорот со пуштена коса која се посилниот ветер ти ја префрлаше преку нежните рамења, истакнувајќи ги прекрасните линии на лицето, волшебно подсетувајќи на некоја принцеза.
Јас не те гледам.
Јас не можам да те видам, немам очи, немам чувства, не можам да ги чујам ни зборовите што излегуваат од твојата уста со вкус на кајсија.
Знам, сакаш да ми помогнеш, но попусто го повишуваш тонот, попусто и шамарот.
Можеби бесот од воздухот влезе и во тебе, но болката во мене го затапи шамарот и трагите од прсти на моето лице.
Јас трпеливо барам нешто да се случи, а тоа што ми рече да чекам, сепак, не беше ти.
Метафорички: тоа беше извидница на војската што требаше да ме освои.
Затоа и остана отсутниот и далечен поглед во моите очи на сите твои изливи на нервоза.
Знам дека силно ја лупна вратата излезгување, ја знам и вџашеноста за мртовилота во мојот поглед. Гледаш, знам сé.
Можеби надвор од моето тело, надвор од твојот поглед, ама знаев сé.

* * *

Сивилото почна да светка.
Некаде се слушаше подмолниот татнеж на грмотевиците кои заедно со огромните капки дожд што почнаа да паѓаат врз црвените кровови, полека но сигурно доаѓаа.
Сеуште ми зборуваше да чекам, да бидам стрплив. И го слушав, бев послушниот мртовец кој ја чека лопатата за сам да се затрупа. Можев да го чујам додека не стигна бурата, а потоа се измеша со неприродните звуци.
Боже, колку беше гласно. Мислам дека громовите никогаш не пукале посилно од сега.
Твојот глас не беше на мојата фреквенција но сметаше, болно сметаше, а не сакав да те сопрам, барем не засега. Ти не престануваше да дрдориш, да ја храниш својата изопачена, женска потреба да зборуваш, проклета да си.
Не помина ни миг без да го пречекам со изненадување, сé почна толку бргу да се одвива, толку брзо, гласно и неподносливо.
Ушите почнаа да ми отекуваат, очите сакаа да излезат од своите дупки, рацете ми се тресеа како опседнати од демони.
Сепак, сé се случуваше премногу брзо, не мислев дека “моментот” така ќе се случи. Очајот ме исфрли на улица испуштајки некој силен, животински, прастар крик што тлее во темницата во секој од нас.
Наеднаш, светот престана да се врти.
Пред мене почнаа да се појавуваат некои чудни слики, го видов вчерашниот ден, веднаш потоа дента кога те запознав, паметиш, те фатив за рака и едноставно продолживме по улицата.
Го видов падот на комунизмот, се видов како бебе, втората светска војна, запалени вештерки на клада, ги видов крстоносните војни, Цезар, пред мене падна како првото парче папирус.
Сликите летаа побрзо од светлината, но сите ги разбрав, ги пратев, ги запамтив- сé.
Застанав очи во очи со еден подгрбавен получовек - полумајмун и тогаш сé запре. Погледите нé болеа. Го испушти истиот оној крик како јас предмалку и веќе бев на улицата, пред мојот стан, а дождот и грмотевиците ги немаше, и небото беше ведро.
И во сета оваа убава тишина, како да мораше нешто да ми го разорува мозокот, некаде таму сеуште го слушав твојот глас.
Ти, просто не можеше да запреш.
Бесвесно се бев качил по скалите и те најдов повторно покрај прозорот.
Самошто ги кренав рацете, а тие веќе силно го стискаа твојот тенок, убав врат. Почувствував како го губиш здивот, како твоите прекрасни гради за последен пат се грчат за воздух- како надвладува тишината.
Вкочанетиот и престрашен поглед беше вперен право во мене и сеуште бараше одговор.
“Таа, сепак, не ме разбра.” помислив и го видов помодрениот јазик низ широко отворената уста, кој можеби пак сакаше да каже нешто, но конечно моите раце не му дозволија.
Те пуштив престана да преташ со рацете, грабејки ме по лицето и вратот.
Сé беше толку мирно и тивко; толку мирно и тивко.
Убаво мирно и убаво тивко.
Се освестив барајки ја твојата прегратка, но твоите ладни раце безживотно паѓаа на подот.
Збунет, седнав во аголот од собата и почнав тивко да плачам.
И по толку години, јас сеуште понекогаш плачам за тебе.
 

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања















































































 

  д:дома