2007:јануари/февруари
општ
конкурс
л:лилу лудов
з:злоstory и
(при)казни
Јас сум..., како да ти
објаснам, немам име и презиме, а живо суштество сум. Замисли, до каде може
да дотуркаат луѓето во својата глупост. “И преку преку”, би рекле поетите.
Нè нарекоа Nepenthes. Како сите да сме едно живо суштество. Какво
понижување, какво ограничување на идентитетот, на индивидуалноста. А секој
ден плачат за кршењето на нивните основни човекови права. Ми доаѓа да
легнам и да умрам. Најмногу ми е мака, тоа не можам да им го простам
никогаш, ова за именувањето и би можела затоа што сум против именување на
нештата со букви, гласови, зборови од проста причина што јас сум совршена
убавина бре, изгледам најубаво и мирисам најволшебно на свет, луѓето
даваат стотици евра за парфеми кои ни оддалеку не наликуваат на мојата
природна миризба и зарем може некој да се дрзне да ме замени мене, убавина
над која воздивнува сè што се движи на планетава, со 9 рески, цртки, букви
замислени или испишани на бел лист хартија!? Бљак! Не сакам да ме
именуваш, јас сум она што сум и точка. Но што е она што не можам да им го
простам на луѓето? Мене, најчуствителното, најнежното и најкревкото
суштество од сите можни чувствителни, нежни и кревки суштества на светот,
ме нарекуваат, цитирам: итро и свирепо, кое како било кое животно по пат
на лов си обезбедува храна. И уште ме нарекуваат месојадец, човекојадци
едни! Сум јадела инсекти. Прво и прво, сум вегетеријанец, или поправо
макробиотичар. Цел живот постам, живеам на воздух, сонце и вода. Умирам во
својата осаменост и кога ќе дојде некој пријател, некое живо суштество со
кое може да си помуабетиме и искрено да се изнагушкаме, тие ме
прогласуваат за убиец! Тие, не се убијци, не умираат секојдневно стотици
луѓе од бомбардирања во име на борба против тероризмот или производството
на имагинарно нуклеарно оружје, не. И ако некогаш се случило да умре некој
инсект врз мене, верувајте дека умрел од љубов. А да се умре од љубов е
сосема различна работа од тоа да се умре на бесилка или електричен стол.
Барем е поромантично. Не сакам да го трпам повеќе ова понижување. Секоја
вечер се молам да дојде некоја будала, да ме фати со испотените раце и да
ми ја скине главата. Еве давам чесен збор, вие пренесете му, дека нема да
го тужам за убиство, или да го обвинувам дека е свиреп непентесоубиец.
Единствено се молам да не загинам бесмислено како некој лик од драмите на
апсурдот, на пример да не ме забележи некоја Цвета Росавска или Ружица
Муволовкова, посветеници на источната филозофија според која на цветовите
и плодовите може да им се восхитувате колку сакате, ама таму, во
природата, закопани во подземјето, узреани, натежнати, раскапани,
набрекнати на гранките, како матка отворена со плодот при пораѓање.