т:темплум  


2007:јануари/февруари
општ конкурс

к:крстевски ѓорѓи




 

з:завера

Речиси цело утро се обидував да го прислушкувам тивкиот разговор на моите родители во дневната соба. Потоа, тие тивко разговараа со сестра ми. Потоа, дојде нашето блиско семејство. По нив, се појавија и подалечните роднини.
Нашиот дом почна да се полни со соседи и пријатели кои загрижено разговараа меѓу себе и одвреме-навреме погледнуваа кон мене.
Не можев да го издржам тој притисок и, незабележан од никого, избегав од дома.
И еве, скитам по улиците на овој град без душа и се загледувам во лицето на секој случаен минувач. Се обидувам да дознам нешто ново од нивните рамнодушни изрази, но не успевам.
Понекогаш децата покажуваат со прст кон мене и ги слушам како шепотат зад мојот грб.
Знам дека нешто се подготвува против мене.
 




 

з:забранетата соба

Тоа семејство можеше да се нарече речиси среќно. Броеше три членови: татко, мајка и син. Живееја во еден пренаселен град со грди згради, валкани улици и многу несреќни луѓе. Нивниот дом се наоѓаше на седмиот кат, па така, таткото честопати на шега велеше дека тие не се ниту на небо ниту на земја. Иако синот сакаше домашно милениче, неговите родители не му го дозволуваа тоа под изговор дека станот не е вистинското место за негово чување. Додека неговите родители беа на работа, синот утрата ги минуваше во училиштето каде што полека го подготвуваа да се соочи со вистинскиот, ужасен свет.
Тоа семејство имаше многу роднини кои беа завидливи поради тоа што живеат во мали градови каде што речиси ништо не се случуваше. Тие не беа во добри односи со повеќето од нив, освен со старата тетка на таткото која исто така живееше во еден мал град покрај брегот на едно вештачко езеро, за кое се раскажуваше дека се наоѓа над некои стари гробишта и затоа секоја година во него се давеше барем по еден човек. Таа немаше сопруг, ниту деца, и живееше сама со многу мачки во една голема двокатна куќа која по ништо не се разликуваше од другите двокатни куќи во гратчето. И тоа речиси среќно семејство летата ги минуваше на гости кај старата тетка. Таа особено го сакаше својот внук и го опсипуваше со разни подароци. Беше пријатна старица, полна со неверојатни приказни од својот живот кои понекогаш му ги раскажуваше на внукот пред спиење.
Во нејзината куќа на горниот кат имаше една соба која постојано беше заклучена. Единствениот клуч висеше на црната врвка околу вратот на старицата. Иако сите беа многу љубопитни да дознаат што се крие во собата, од учтивост кон старата тетка никој ништо не прашуваше, дури ни внукот кој така беше воспитан. Таа, пак, со премолчена благодарност ги наградуваше со разни слатки и колачи, вкусни како што само стариците умеат да ги зготват.
Низ гратчето кружеа разни приказни за старицата. Едни велеа дека таа е многу богата и дека тоа богатство го крие во заклучената соба, други дека таму ја држи затворена својата вонбрачна малоумна ќерка, трети дека е вештерка и дека во собата ги врши сите вештерски обреди, и така натаму. Гласините допираа и до ушите на младите родители, но тие не им обрнуваа внимание; старата тетка беше љубезна домаќинка, а тие се обидуваа да бидат пристојни гости. Така минуваше секое лето.
Синот беше особено љубопитен да открие што има во собата, но го криеше тоа од своите родители. Честопати поминуваше покрај неа и користејќи го невниманието на останатите ја притискаше кваката, но вратата не се отвораше. Со часови размислуваше што би можело да има зад таа заклучена врата: некаква ужасна и страшна тајна, или можеби ништо. Секакви нешта му минуваа низ мислите, и се чинеше дека ниту едно не е вистинскиот одговор.
Годините минуваа една по друга, секоја побрзо од претходната. Во меѓувреме, многу работи се сменија во светот, а тоа речиси среќно семејство стана несреќно, зашто родителите се разведоа од многуте недоразбирања кои се јавуваа како последица од современиот начин на живот, и синот, сега веќе дваесет и двегодишно момче, живееше сам и работеше во една книжарница. Продолжи да ја посетува својата баба секое лето.
Еден врнежлив есенски ден кој беше обоен жолто од многуте паднати лисја тој доби телефонски повик од властите на малото гратче покрај вештачкото езеро, во кој го известија дека неговата стара баба починала во сон, и дека како единствен наследник на нејзиниот имот, како што било назначено во нејзиниот тестамент, треба да отпатува таму за да присуствува на нејзиниот погреб каки и да се завршат некои формалности во пропишаниот законски рок. Изненаден поради таа вест, тој зеде неколку слободни денови и по два дена, со автобус пристигна во гратчето кое изгледаше посебно тажно таа есен. Погребот и формалностите брзо завршија; сите брзаа да си одат дома зашто надвор имаше силно невреме проследено од дожд и молњи, а повремено се слушаа и грмежи. Бидејќи автобусот за назад тргнуваше дури следиот ден напладне, тој реши да преспие во куќата на старата тетка, сега веќе негова. Како што такси возилото се доближуваше до куќата, така се засилуваа ветрот и дождот. Со трчање стаса до големата стреа, сета обрасната во плевел кој како да никнал преку ноќта. Додека го бараше клучот од влезната врата во дрвеното кутивче со документи наиде на клучот од заклучената соба, оној што висеше на црна врвка околу вратот на покојната старица. И тогаш се сети на таинственоста на таа соба. Реши да дознае што се крие во неа. Со брзање отклучи и влезе, заборавајќи да ги избрише чевлите од калта кои оставаа траги на подот. Куќата изгледаше празна зашто ги немаше сите тие мачки на кои беше навикнат. Се искачи на вториот кат по скалилата што злокобно крцкаа навестувајќи нешто ужасно, го изоде долгиот ходник и конечно стаса пред заклучената врата. Раката му се тресеше од силната возбуда што ја чувствуваше додека го приближуваше стариот клуч до бравата. Го заврте налево неколкупати, ја отвори вратата и влезе. Иако беше пладне, во собата беше темно, па тој ја вклучи светилката.
 




 

с:сон

Колку чудно: сонувам дека се наоѓам во некоја претстава. Всушност, на почетокот не знам дека и јас учествувам во неа. Сонот се одвива во преполна театарска сала. Почетокот на претставата доцни; посетителите стануваат нестрпливи и с# почесто гледаат во своите часовници. Најпосле, по неколку часа чекање, повеќето од нив стануваат за да си одат. Нивното изненадување е огромно кога тие откриваат дека салата нема врати за излез; тие се заробени во неа. Силна вознемиреност прострујува низ толпата што гласно негодува. И тогаш, некој се досетува дека сето тоа, можеби, е само сон; впрочем, ваквите бесмислености се својствени за таа состојба на умот. Се појавуваат предлози дека треба да се најде сонувачот и да се разбуди за сите да можат да си одат дома кај своите семејства. Ама како? Одеднаш, сите стануваат сомничави, меѓусебно се гледаат со недоверба, со испитувачки погледи. Поради својата безбедност се обидувам да се скријам меѓу безимените членови на раздразнетата толпа, но ме издаваат затворените очи. Веднаш ми се нафрлуваат. Ме тресат со сета сила, но не можат да ме разбудат. Некоја жена вели дека треба да ме убијат. Но со што? Никој нема оружје. Еден маж го вади ременот од своите панталони, вели дека ќе ме задави доколку тоа е потребно за сите останати да се спасат. Станува опасно, дури и за еден сон.
Додека го чувствувам стегањето на ременот околу мојот врат, борејќи се за здив, во еден миг се запрашувам што ли ќе ми се случи доколку навистина не успеам да се разбудам.

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања








































































































































 

  д:дома