т:темплум  


2007:јануари/февруари
општ конкурс

е:ефодикс икс




 

м:мојата бреза

Попусто пуштам корени во длабоките длабочини. Од земјата црна ја цицам секоја капка вода за да се извишам угоре кон небото. Три века, другар сум на ветрот. Кожата ми е набрана како на старец. Лисјата ми треперат на секој развигорец.
Немам очи а со секој лист ја гледам својата сенка. Три века. Запомнив се’ во моите годови. Заклетва, комитско оро, убиство и самоубиство, колеж, зајачка љубов, девствени желби, лаги и крв, раѓање, имиња врежани на мојата кора.

Ќе заборавам се’. Ќе преболам се’, освен Мојата Бреза. Ја љубам од дете. И шумолам со лисјата на секое ветре. Се искривив целиот за да го гледа јасното сонце - да не влезе во мојата сенка. Откако порасна, гранките ни се допираа, лисјата ни растеа и паѓаа заедно еден врз друг.

Кога ќе паднеше мракот и студот ќе ги опколеше нашите корени, и шепотев тивко низ ветерот, ги триев нејзините корења со моите. Ја цицав секоја капка за да и ја предадам нејзе, се сушев радосен оти постои до мене, оти не и падна семката некаде далеку, во далечни далечини, ами тука до мене како божје семе со божја рака засадено. Ја љубев во секој миг, со секоја капка роса во зората.

Немам гранка на која не носев по едно гнездо. Немам сантим од кој не пуштив желад за свињите. Нема човек што помина крај мене а не најде почивка во мојата сенка.
Даб бев над дабовите извишен, со две круни распослан по небото и земјата, крал во шумата. Се насладував на животот. Се радував на секоја капка дожд, на секоја пчела на моите цветови.

Тешка е разделбата. Ја гледам и плачам од моите корења. Вишна и раскошна - Мојата Бреза.

Кората ми ја обоија со црвена боја. „Стар си“, велат. „Правиш гужва во шумата.“ Утре ќе ме пресечат на две. Ќе ме премерат во кубици и луѓе на луѓе ќе ме продадат. Потоа со секира ќе ме цепкаат парче по парче и ќе ме горат за да ми ја земат топлината – три века од сонце и љубов збирана.

Ги извртев моите корења околу нејзините, за да остане допирот, кога ќе заврши животот.

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања






















 

  д:дома