т:темплум  


2007:јануари/февруари
општ конкурс

б:бојковски милко




 

н:небото на мојот тв приемник

Небото над црвените ќерамиди добиваше боја иста како бојата на мојот тв приемник. Кастанеда. Будење од некој долг, чуден сон. Хипнозата е се уште присутна со веќе востановените ефекти. Патот до бањата никогаш не бил толку долг. Огледалото е состојба совршена. Се одделувам од своето тело. Без оптоварувања за суштината и значењето на рамките. Буенос Аирес е нешто пораздвижен во овој дел од годината. Сакав да студирам што е можно подалеку, ми успеа. Редици луѓе. Некои од нив се на велосипед. Толпата е немирна и лесна за манипулација. За оној кој сака да владее со неа. Јас не сум еден од нив. Регистрирам погрешно поставен таван. Синоќа мора да било пеколно жешко. Ја обложував главата со ладни облоги за да можам да заспијам. Некој ми го местеше креветот. Ги спаструваше покривките и шепотеше зборови кои за мене немаа смисол. Повикуваа неколкуте закачени на оградата долу. Едниот од нив свиреше на труба. Чели~ниот ~овек има чели~ни мисли. Некаква бавна композиција. Дисхармонија на битието. Насобраните се обидуваа да го следат ритамот. Се движеше ко голема огнена топка кон нивните сетила. Пламени јазици кои им ги подигаа фустаните на девојките. Заривање на ноктите во нивните чела додека плунката се цедеше од неговата дополу лапната усна. Ми побара запалка. Дувавме и ни беше забавно. Знаеше да прости и да посака подобро утро. Не размислуваше за слава и останати глупости туку смислуваше начин како да дојде до пари да ја плати киријата. Висок црнец. Ја подигаше шапката во знак на поздрав кога ќе поминеше некоја згодна црнкиња. Често беше во неволја, мета на законот. Се скриваше во секакви дувла. Неколку пати спиеше кај мене. Свиреше се и сешто. Беше најдобар. Ми кажуваше за своето потекло и земјата од кајшто почнува постоењето на светот. Мојот мал гуру. Знаеше имиња на секакви билки и правење на лековити пијалоци од нив. Дедо му бил еден од нив. Оние кои лекуваат. На млади години го изгубил татко му па така целиот товар паднал врз мајка му која морала да ги пере постелнините на богатите за бедна сума за да преживеат. Тој и брат му. Набргу заминал од дома и работел што стигне. Од пакување на печурки, пренесување на разни железни предмети во леарница, до превезување на патници на локалниот аеродром. Таму научил да свири гледајќи ги слабо платените музичари како ги забавуваат туристите. По отказот се нашол овде. Сега свири по околните клубови. Но со сигурност ќе замине во еден од овие денови. Зборуваше за некаков автопат во вените кој многу често го сонува. Морал да го следи. Започнувал преку океанот па се до долгите жолти полиња. Илјада и една Америка. Репетиторот ги емитува сигналите кои тој ги прима во својата глава. Целиот живот во кутија. Синоќа мора да било пеколно жешко. Будење од некој долг, чуден сон. Некој ми го местеше креветот. Еден белобрад старец постојано варди над мене. Неговите стари, потечени дланки ја допираат мојата глава. Враќање во телото. Звуците на неговата молитва се одбиваат од ѕидовите исто како кога лилјакот се приближува до некоја не толку далечна зграда. Молитвата се уште трае додека бојата на небото од приемникот и натаму останува непроменета.
 




 

с:синиот автобус

Некаде околу приквечер на селскиот пат близу пристаништето двајца помлади господини чекаа автобус. Времето беше мирно. Скоро сите беа прибрани во своите домови подготвени за доаѓањето на ноќта. Крајбрежните бродови веќе беа укотвени на своите вообичаени места. Тие не се познаваа. Едниот од нив веќе беше видно нервозен поради некаква нејасна причина додека другиот сосема помирен со доцнењето на автобусот беше седнал на едно дрво и со шапката ги бркаше насобраните комарци околу неговата глава. Импровизираната постојка се состоеше од две поголеми дрва меѓу кои беа исковани неколку лимени шипки кои требаше да претставуваат клупа за патниците.

- Жешко времево денеска комшија а?
- Жешко богами многу жешко. одговори додека со шамивчето ги бришеше капките пот кои се слеваа по неговиот дебел врат.
- Море ќе изумриме по ова горештиниве, гуштери бегаат не па ние. Гледам патуваш негде?
- Ма доцнам еве со часови, а автобусов ни да мрдне. Бев кај еден пријател по риба, требаше да стигнам на свадбата од ќерка ми но како тргнала работава по се изгледа дека ќе задоцнам бајаги. А ти?
- Јас? Чекам, автобусот само што не пристигнал. Многу чудни гласови кружат околу овој автобус комшија. Небаре поминува еднаш годишно и патниците никогаш не се враќаат од кајшто тргнале. Така зборуваат селаниве.
- Сенешто веруваат луѓево од овие краишта. Јас не верувам во таквите нивни приказни.
- Не знам можеби е за верување можеби не, но старците мошне уверливо ја раскажуваат оваа. Работава со автобусов испадна како чудовиштето од Лохнес, сите зборуваат за него а никој не го видел.

Едниот завитка тутун додека низ дупките на рибарските мрежи прокапуваше сето сребро кое го имаше насобрано денот. Од зеленилото на шумата се јавија две светла. Сенката на автобусот се приближуваше. Син по боја. Застана. Двајцата влегоа внатре. Полека собраа неколку железни парички и ги фрлија во машината. Тапацираните седишта беа уништени, беше останата само металната конструкција. Во автобусот скоро немаше никој. Само некоја постара жена со нејзините растрчани дечишта. Седнаа еден до друг. Разговорот кој потоа следуваше главно беше поврзан со нивните професии, престојните избори, пропаста на човештвото итн. Местото започна да се полни. Непознати луѓе влегуваа и излегуваа. Работеа во локалните хотели, одмаралишта, ресторани. Надуени стомаци и замислени погледи. Раката се движеше во правец на подадената месечина. Не е лесно да се слика пејзажот-скитник во време кога монотонијата рибарува над срцето на езерото. Пената може да биде прејака за подземните вентили. Никулците кои таа ги ослободува се целосно зашеметувачки. Нивните лица стануваа проѕирни. Истото се случуваше со нивната облека, од темно црвена добиваше нијанси на светло жолта. Зборовите на соговорникот неважни. Во неможност да ги следи едниот од нив заспа. Заборав. Брчки. Немоќ. Автобусот беше преполн со стари луѓе. Седеа несигурно потпирајќи се на нивните стаклени бастуни а со другата рака се чешаа по нивните хартиени носови. Косата им беше изработена од цврст син конец. Станувајќи од своето место случајно надвор го препозна својот сопатник. Сеуште млад. Му одмавнуваше со раката и покажуваше на возачкото место. Беше празно. Во неговите усни прочита злобен потсмев додека тој слободно тонеше во својата прва таинствена ноќ.

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања












































































































 

  д:дома