2007:јануари/февруари
општ
конкурс
а:анета анета
п:приказна за
малиот човек и неговата куќа, чин#1
Мојата приказна е речиси чудесна. Не затоа што во себе содржи повеќе од
фантастични или чудесни елементи, туку напротив: реалистични. Можеби дури
и не толку реалистични, ама веројатноста некому да му се случи такво нешто
е повеќе од невозможна, освен ако во прашање е некоја интергалактичка
точка која не може да ја дознае смислата на својата реченица. А тоа пак е
последица на човековиот комплекс изразен со синтагмата “Божји избраник”
дојден на Земјата да го промени светот. На крајот с# завршува со тоа што
“Божји” се бриши и останува само “избраник” кој успеал (или не успеал) да
се промени единствено себеси.
Така и јас очајно се обидував да заминам од аулата на мојот мал и мил дом
и да го постигнам зенитот на некогашниот Соломон или Бонапарта, па дури и
на Александар Македонски, но... да почнам од почеток…
Значи си бев некогаш Јас и бев длабоко понизно и искомплексирано
суштество. Бев никој и ништо. Телото го чувствував како затвор, мојата
куќа уште еден затвор и всушност тоа беше живот во два затвора. Без
синџири, без решетки, без чувари, а сепак не можев да излезам. Како да сум
на пуст остров во едно море на друг пуст остров сред друго поголемо
море... Не знам што направив за да ја променам улогата на Робинзон Крусо
во мојата куќа, дали ја скршив својата магија, или ме зедоа вонземјани,
можеби сонував или преминав низ некој временски јаз, но еден ден наеднаш
се најдов на сосема друго место. Поточно, можеби тоа беше истото место, но
јас бев друг. С# едно, важно е дека нешто се смени како да е волшебно.
(Тука започнува чудесното во мојата приказна).
Наеднаш се најдов во една голема соба, слична на мојата, со еден дрвен
стол оставен крај огништето, поцрнето, полно со пепел, како да прегорело
пред милјони години. Во собата имаше и еден мал човек кој гледаше во
сликата со мојот лик, фрлена на подот. Јас бев стуткан како лист хартија
во една мала шуплина од ѕидот. Во исто време се чувствував како да сум
згазен од сопствениот чевел. Како да се криев. Еден камен одеше по собата
и изгледа ме бараше мене. Беше слеп и глув и како постојано да го
изговараше моето име. Кога ми се доближи, му реков на малиот човек:
-Господине! Ве молам помогнете ми да се извлечам од ѕидот.
-Ти си готов, ми рече тој, ти си Ѕид и затоа не можеш да се извлечеш од
ѕидот. Зарем не гледаш, беспомошен си исто како и јас. Каменот е твојот
господар.
-Но Вие можете да ми помогнете, Ви се молам, јас не сум ѕид, ова е ваша
куќа, јас сум заглавен во ѕидот.
-Не, грешиш! Ти си Ѕид, ти си мојата Куќа, а јас сум Мал Човек, исто така
роб, не на Каменот, туку на моето Сеќавање.
-Јас не сум куќа, реков. Јас сум човек и барам помош. Помогни ми! Каменот
ќе ме убие, види како ме удира.
-Ти си Мојата Куќа, и тоа Ѕид од Мојата Куќа, а јас сум Мал Човек со
високи амбиции да стане Голем Човек. Штета што не можеш да се видиш, Јас
те гледам. Ти си Ѕид и Каменот е твојот господар.
-А каде е тогаш твојот господар?
-Мојот господар е Сеќавањето. Тоа ми помогна. Но, во исто време и ме
зароби далеку некаде, не знам каде и сега не можам да се најдам. Ако, не
се жалам, добро ми е и вака. Секој треба да е задоволен од тоа што е,
бидејќи она што би сакал да биде никогаш не може да се знае дали ќе се
случи.
-Кутриот ти, колку си несреќен. Кутриот јас, колку сум заглавен. Помогни
ми да се извлечам од ѕидот и ќе ти помогнам да се најдеш и да бидеш што
сакаш...
-Не, не може така. Ти си Ѕид. Ти секогаш ќе бидеш Ѕид. Јас те изградив.
Треба да станам Голем Човек, за да ти ме замениш и бидеш Мал Човек.
Каменот тогаш ќе биде Ѕид. Зошто сите почнуваме од Камења, потоа стануваме
Ѕид, па Куќа, па Мал Човек, па Голем Човек и на крајот Сеќавање. Тебе ти е
рано да бидеш Човек, треба да бидеш Куќа.
-Но јас сум човек, или бев човек. Какви се овие пермутации кога никој
никогаш не ќе може да се смени од обичен камен до голем човек. Тоа е
безлогичност. Тоа е лудост!
-Ееее... Таков е животот. Денес сите знаат дека Големите луѓе настанале од
Камења. А ти сега засега си Ѕид!
-Јас сум човек!!! Не сум ни Камен, ни Ѕид, ни Куќа... ништо само човек...
-Ти си Ѕид, болен Ѕид што блада дека бил човек. Никогаш не си бил човек.
-Бев!
-Беше само Камен!
-Бев човек!
-Камен!
-Бев човек!!!
-Беше Камен!
-Бев Камен, но бев и човек!
-Беше Камен, а сега си Ѕид! Никогаш не си бил човек!
-И ти никогаш не си бил човек!
-Јас сега сум човек, само за жал Мал Човек.
-Лажеш!
-Мисли си ти дека лажам, но освести се и погледни: Ти си ЅИД!
-Не ти верувам. Те молам кажи ми кој си ти? Каде сум јас?
-Ти реков. Јас сум Мал Човек, мој господар е Сеќавањето. Ти си Ѕид.
-А што е тогаш со овој Камен што ти го викаш Господар?
-Тој треба да влезе во тебе. Ако успее ти си мртов. Тој ќе биде Ѕид. Затоа
е твој господар, може да те уништи. Само така тој еден ден ќе си ја
исполни животната желба, ќе биде Ѕид, па Куќа, па Мал Човек...
-Доста! Камен, Куќа, Ѕид, Камен... Оди таму! Сакам назад!
-Сакаш да бидеш Камен, посакуваш глупости!
-Не, сакам да бидам човек. Сигурен сум дека бев човек.
-Невозможно! Ако ме надитриш, ќе бидеш само Мал Човек...
-Ти реков достаааа...! Зошто ми го кажуваш ова. Но, еве немам каде. Еве
прифаќам. Јас сум ѕид! Ѕид сум! Што и да е, с# сум, само тргни ми го овој
проклет Камен. Ме боли што ме удира. Ќе цркнам!
-Нема. Ти си обичен Ѕид. И тие не цркнуваат!
-Да јас сум обичен Ѕид. Среќен?!
-Среќен! Сега вечно ќе бидеш Ѕид.
-Сакаш да кажеш дека нема да бидам ни Куќа, ни Мал Човек...
-Не грижи се, глупаку! Уште малку и нема ни да сакаш да бидеш нешто друго
освен Ѕид!
-Хм! Чудно! Ѕид сум. Невозможно. Сфатив. Да, да… и глупак сум, еве ја
мојата слика на подот. Како можев да ја заборавам. Цело време ја гледам.
Сигурен бев дека сум бил човек, но што ли ми се случило. Како да сум
казнен од некои поинакви сили. Каде згрешив?
- Престани да бладаш!
-Можеби бладам ама не ми е с# едно. Јас сум човек. Еве доказ! Господи, јас
сум човек! Ме исплаши да знаеш. Ама знаев. Па и ти цело време гледаш во
мојата слика, таа е доказ за моето постоење како човек. Како можев да се
сомневам? Леле колку сум глупав! Глупав, ама и човек! Кажи ми каде
згрешив? Каде згрешивме двајцата? Не верувам дека и ти сакаш да си тоа што
си! Јас сакам да бидам човек. Сигурен сум дека бев човек.
-Беше! Сега си ѕид. Требаше само да признаеш дека си ѕид за да
продејствува магијата врз твоето тело. Успеав да те смалам, но не и да те
престорим во ѕид бидејќи твоето Срце, макар мало, сепак силно, не ми
дозволуваше. Сега конечно успеав, и ти засекогаш ќе бидеш Ѕид.
-Да, да да… Секако! Мисли си ти дека и овојпат ќе ти поверувам. Јас сум
човек, човек! Можеби ти личам на ѕид, ама нема вторпат да ме измамиш. Но,
кој си ти? Се сетив. Ти си Мојата Куќа. Јас зборувам со мојата куќа. Кога
научи да зборуваш моја куќичке!? Кога јас полудев?! Зборувам со мојата
куќа, да не ти се верува!!! Сепак интересно. Што се обиде да ми направиш
моја куќо??? Да ме убиеш... да се ослободиш од мене... И престани со
лагите. Веќе можам да те препознаам!
-Само сакав да те исплашам.
-Зошто?
-За да сфатиш.
-Што?!
-Дека сум ти потребна, дека и јас сум жива и барам малку почит. Ме
запоставуваш, ми бегаш, ме мразиш. Не сум јас виновна што не сум човек, а
ти не си Голем Човек. Не е праведно мене да ме обвинуваш што тебе не ти е
судено да бидеш нешто друго освен Мал Човек. Немаше ништо лошо да ти
сторам, верувај ми!
-Сфатив, во право си. Јас сум и едно и друго и с# и ништо, душа и тело. Не
можев да добијам ништо повеќе од тебе. Колку сум среќен! Јас сум ти, ти
јас. Ќе ми простиш ли?
-Во ред е, сепак ти си мојот Мал Човек, мојот Господар.
-А ти си мојата мала Куќичка...
Така мојата Куќа ми одржа убава лекција. Решив да се променам, да си
останам дома и да бидам тоа што сум. Мојата куќа заслужува да биде сакана
( ова признание го сметам како еден дел од моите обиди да ги истакнам
позитивните особини на луѓето, нешто слично на: “Нашата љубов ќе ни го
направи животот долг, среќен и вечен”). Таа ми докажа дека и Робинзон
Крусо може да има убав и славен живот, па дури и ако живее на пуст остров.
Но, тогаш се случи најтешкиот дел од мојот живот. Јас и мојата куќичка
уживајки во нашата љубов, заборавивме на Каменот. Тој удирајќи н#, успеа
да ја сруши мојата куќа, јас... не знам што се случи со мене...
Таму завршува чудното во мојата приказна.
п:приказна за
малиот човек и неговата куќа, чин#2
Се разбудив во болница. Ме извлекле полужив од рушевините, а потоа куќата
исчезнала. Никој не можеше да ми објасни како се срушила Мојата Куќа. Ми
донесоа голем ковчег полн со злато. Го нашле заедно со мене на местото
каде што се наоѓаше Мојата Куќа, и сега никакви остатоци од неа немало, ни
камења, ни ѕидови, ни Мал човек, ништо. Тоа веќе и ми личеше на чудесно…
Па, како е можно сето тоа? Навистина што се случува со мене? Веќе не можам
да издражам. Ама… се повеќе и повеќе бев збунет. Сега имав пари, можев да
бидам Голем Човек, но веќе ја немаше мојата Мала Куќичка и не знаев каде
да ја барам. Како ми се случи с# ова, не знам, знам само дека останав сам,
а имав многу…
П.С. Ако ве интересира како завршува приказната за Малиот Човек и неговата
Куќа, ќе Ви кажам дека завршува како и секоја друга приказна со среќен
крај. Се сретнале случајно, се свршиле и направиле многу голема свадба. Се
расчуле на сите страни низ светот. Брак и голема Љубов меѓу Човек и Куќа
не е нешто што се случува секој ден. Живееле во љубов и слога речиси до
крајот на својот живот, се додека еден ден и двајцата не станале само
Сеќавање. И тоа не обично сеќавање, туку Сеќавање за Малиот Човек кој
никогаш не посакал да ја напушти својата Куќа. И јас бев таму, на
свадбата, јадев и пиев се додека не пукнав од јадење и пиење. Така барем
завршуваат сите среќни чудесни приказни.
Вистинската приказна за Малиот Човек завршува поинаку, без неговата Куќа.
Кога излезе од болница тој немаше дом. Имаше доволно пари да си направи
нов, но тој никогаш не го стори тоа. Талкше по улиците, ја бараше
вистината за својата сакана Куќа, не веруваше во магии и натпродни закони.
Не можеше да се помири со фактот дека никој не му веруваше дека тоа било
така и никој не сакаше да му помогне. Ја бараше вистината. Велеше дека за
с# мора да има објаснување. Се хранеше со отпадокот што му го оставаа
посиромашните од него, а понекогаш во некоја канта за ѓубре ќе оставеше
дел од своите пари за да му се најдат некому. Голем број скитници почнаа
да го следат т.е. ги следеа неговите пари со кои подоцна си правеа
прекрасни домови. Потоа по него појдоа и сиромашните, па мрзливите, па
алчните, па на крајот пред неговата смрт се чинеше како цел свет да го
следи. Стана најголемиот Мал Човек, па дури беше поголем и од Големите, а
некогаш мечтаеше да биде еден од нив. Го надоа мртов токму на местото каде
што некогаш, се наоѓаше неговата куќа. И пак никој не знаеше од што умрел,
кога умрел и каде му е остатокот од богатството, се претпоставуваше дека
има уште многу. Имаше насмевка на неговото лице. Можеби беше среќен. Сите
желби што можеше да ги посака му се исполнија, една по една, го доби она
што прескапо го плати… или само се ослободи од товарот наречен Човек.
Настана општ хаос по цела Љубипарија. Сите канти ги превртија. Не се
знаеше веќе кој што бара и каде, но ништо не најдоа. А Малиот Човек речиси
го заборавија. Единствено јас, затоа што нели Јас сум Малиот Човек, се
сеќавам на него, но не како на Малиот Човек кој никогаш не посака да ја
напушти својата куќа, или Малиот Човек кој оставаше многу пари по кантите
за ѓубре, ниту пак како на Малиот човек кој речиси полуде по рушењето на
неговата ќуќа затоа што на тоа место требаше да се гради Трговски центар,
а тој не можеше да живее во Трговски центар, туку како на Малиот Човек кој
носеше Голема Тага во себе.
УЛОГИТЕ ГИ ТОЛКУВАА :
МАЛИОТ ЧОВЕК – ЈАС
МОЈАТА КУЌА – МОЈАТА ДЕВОЈКА
ЅИДОТ – СИТЕ ПРЕДРАСУДИ
што го убиваат човекот во човекот
КАМЕНОТ - ГОЛЕМИТЕ ЛУЃЕ,
столбовите на општеството кои секогаш нешто рушат, а нешто градат.
Поголемиот дел од работите се во нивни раце и имаат пеерманетна амбиција
тоа да бииде с#.
СЕЌАВАЊЕТО – ПРВАТА ГРЕШКА НА ЛУЃЕТО
желбата да станат бесмртни:
ТАГАТА - ЃУБРЕТО
Остатокот од она од што се откажуваме за да ни се исполнат соновите;
СЛИКАТА – ОГЛЕДАЛО,
единствено тоа ја прикажува нашата слика непристрасно, бидејќи за него сме
исти ко и ѕидот што стои отспротива;
ЉУБОВТА - СПАСОТ
Таа е отсутна во приказната. Тоа е затоа што таа никогаш не може да се
види, но тоа не значи и дека не постои. Таа го победи Малиот Човек и му
докажа зошто вреди да се живее и зошто вреди да се умре;
МАЛИОТ ГОЛЕМ ЧОВЕК - САМОТНИК,
без никој на светот. Некои верувале дека тој бил божји пратеник.