2007:јануари/февруари
општ
конкурс
a:amanda woodward
п:паста за заби
Неодамна решив духовно
да се просветлам и го гледав филмот за Моцарт. ОК, лажам, го гледав на
училиште... инаку немаше на крај памет да ми падне. Како и да е, поентата
ми беше, откако го изгледав филмот цврсто бев решена да не јадам месо.
Можеби мислите дека нема никаква смисла, но има има и тоа голема. Како и
да е, сега нема да зборувам за тоа, ќе зборувам за... хм... за пастата за
заби. Да преминеме на главното. Зошто користиме паста за заби? Пред сè за
миење заби, нели? Не! Се лажете. Пастата често се користи за украс, за
правење вештачки снег, против бубулици, како вазелин итн. итн. Сепак, не
пробувајте да ставате паста на лицето, остава флеки и белези. Дури и во
мојот одраз на мониторот се гледа јасно флеката на моето лице. Хм, сепак
тоа било само логото на Yahoo. Како и да е, продолжив да размислувам за
пастата за заби. Толку бела, чиста, луцидна. И тогаш ми текна. Зошто и јас
да не бидам паста? Зошто мојата душа да не биде светла и чиста како
пастата. Решив да се прочистам, да ја спасам мојата смртна душа! Правев
план речиси две недели. Сè беше совршено склопено. Моите ќе отидат на
работа, чистачката ќе си замине, ќе го исклучам телефонот... Тоа и се
случи, моите излегоа, чистачката си отиде, го исклучив телефонот и ја
земав правосмукалката! Физички ќе се уништам и ќе ја ослободам со помош на
вакумот мојата душа. Знам што ќе се случи со неа, многу добро знам. Ќе
патува низ овој изобличен систем, ќе помине низ многу лажни ликови,
илузионисти, шизофреничари, залудни револуции, ќе помине низ лавиринтот на
лудоста и на крај ќе го најде бунарот. Ќе паѓа, ќе паѓа во темнината на
бунарот, во бунарот без дно... Одеднаш заѕвони ѕвончето и ми го поремети
планот. Отидов налутено до вратата и кога што да видам... напатена жена на
средни години, циганка. „Дај ми за јадење!“ рече таа. „Не, еве ќе ти ја
дадам душата“ ù одговорив. „Не ја сакам твојата напатена душа, плус имаш
толку глупава боја на коса.“ рече таа и си отиде. Тогаш сватив, сватив
дека е залудно. Се вратив на компјутерот и продолжив да чатувам.